[Интервју] Сатирата е одбранбен механизам кога народот се плаши да зборува

Публиката го препознава под името Стевац, а неговите карикатури и стрипот кој тој го црта  во неделникот Фокус и се добро познати на македонската јавност. Како дипломиран уметник на Факултетот за ликовни уметности, Игор Стевковски една деценија работи во Бирото за филателија и ги дизајнира поштенските марки, за потоа да и се посвети на карикатурата. Тој беше говорник на годинешниот „Engage“, на тема „Улогата на сатирата и карикатурата во промовирањето на слободна мисла на хартија“, а во краткото интервју за Радио МОФ зборува за своите почетоци, но и за предизвиците на карикатуристите во македонското општество.

Вие сте ѝ познат на македонската јавност по своите карикатури. Kако и кога започнавте со нивно цртање?

Тоа започна пред единаесет години, на идеја на Никола Младенов. Во почетокот мислев дека нема сериозно да продолжи и да израсне во брендот кој е денес како дел од Фокус. Меѓутоа, ете, стигнавме до тука.

Од каде желбата за оваа професија?

Желба за цртање сум имал отсекогаш, но не специфично стрипови. Мене ме интересирале и илустрациите и графичкиот дизајн и тоа, меѓу другото, го работам и сега. Но, мојата љубов првенствено е илустрацијата.

Како дипломиран уметник, на отсекот графика, зошто се одлучивте да се посветите токму на оваа сфера од уметноста?

Сосема случајно и непланирано се случи тоа да се занимавам со карикатура и сатира. Јас претходно имам илустрирано во повеќе списанија како Остен, Детска Радост, Росица итн. Конкретно за сатирата, сето тоа излезе сосема случајно.

Како е прифатена сатирата во македонското општество?

На луѓето им останува само да се смеат, сатирата да ја користат како еден одбранбен механизам, тоа е безбедно поле каде што можат да коментираат и сето тоа да го пренесат на шега и на смеа, додека за другите работи народот се плаши да зборува. Гледаме дека нема многу толеранција кон сатирата и хуморот, видовме што им се случи на „К – 15“, кои беа етаблирани ѕвезди во македонското секојдневие. Меѓутоа, еве ние за некое чудо опстанавме.

Како карикатурист во едно од најпознатите политички списанија со какви предизвици се соочувате?

Мораме да внимаваме да не ја преминеме таа црвена линија на пристојност, да не бидеме вулгарни и навредливи. Некогаш се преиспитуваме дали да оди според замисленото сценарио или да го измениме, да се ублажи малку формата. Некогаш одлучуваме дека сепак сме претерале. Што се однесува во предизвиците, секој ден е предизвик.

Дали сте имале притисоци од политичка сфера заради вашите карикатури?

Можеби не директни, меѓутоа имало некои “добронамерни совети“. Така што, сега-засега за среќа сум жив и здрав (се смее).

Кога цртате една карикатура, кој е најголемиот предизвик со кој се соочувате, како го пренесувате ликот на еден човек во цртежот?

Знаете, бидејќи јас работам и класична карикатура, малку различно од тоа што го правам во Фокус, таму не можам толку да ги деформирам ликовите, треба сепак да личи на одредената личност. Меѓутоа кога работам класична карикатура, таму имам повеќе слобода затоа што пред се тоа не се објавува јавно.

Дамјан Коложег