[Интервју] „Разбери ја тишината“ – Mлади го дигитализираат знаковниот јазик

Младите иноватори Јана, Бианка, Сашо Горде и Михаела со месеци напорно работат на дигитализација на знаковниот јазик преку нивната мобилна апликација WeCom. Преку мотото „Разбери ја тишината“, тие се обидуваат да ги поттикнат училиштата да посветат повеќе внимание на проблемите со кои се соочуваат учениците со оштетен слух, но и да го популаризираат овој јазик во јавноста.

„Разгледувајќи го денешното општество согледавме и сфативме дека ние сме најпотребни на луѓето со попреченост, односно на лицата со оштетен слух. Се соочивме со нивните секојдневни проблеми, каде тешко, а дури и воопшто не можат да се изјаснат што сакаат, што им е потребно и да го искажат своето мислење“, вели Јана за Радио МОФ.

Тие сфатиле дека мал процент од општеството има познавање на знаковниот јазик. Но, нивниот тим ја има Горде, со чија помош тие успеаја да се стават во положба на лицата со оштетен слух и да ги разберат нивните потреби. Нејзината порака гласи: „Ние не бараме сожалување, бараме правда, подобра шанса и почитување“.

Нејзината вклученост во тимот подоцна им помогнало да направат решение кое навистина би функционирало.

„Имавме многу измени од идеја до реализација, но на крај се одлучивме за една едукативна апликација која ќе им помогне на луѓето да научат по неколку знаковни фрази, реченици, зборови и букви, а воедно истата да биде и од помош на лицата со оштетен слух“, појаснува Јана.

Според Бианка, WeCom функционира на лесен и едноставен начин. Може да се преземе веднаш, а во неа има неколку чекори и едноставни упатства за користење.

„Секој од вас може да се приклучи како волонтер кој го познава знаковниот јазик и да сними повеќефрази со цел да го збогатиме кругот на иновативни дечки кои помагаат оваа апликација да има што побогат речник“, повика таа.

View this post on Instagram

 

https://play.google.com/store/apps/details?id=com.wecom

A post shared by WeCom – Understand the silence (@wecom_app) on

Нивната идеја беше меѓу финалистите на минатогодишниот младински предизвик Generation Unlimited, во организација на УНИЦЕФ. Според Михаела, апликацијата е достапна за преземање, но се уште не е целосно завршена, па затоа нивната работа продолжува под полна пареа.

„Како што веќе напоменавме, запознаени сме со предизвиците на кои наидуваат овие луѓе и сакавме да помогнеме најмногу што можеме во процесот на олеснување на нивниот секојдневен живот, нивното пазарење, извршување на обврските. Нашата цел е да ги поттикнеме училиштата да обрнат повеќе внимание на проблемите од овој тип, за да можеме сите заедно да овозможиме поголем спектар на исполнување на желбите на нашите врсници, основците па дури и на студентите“, додава таа.

Најголема поддршка досега имаат од нивните семејства и пријатели, но овие млади иноватори се надеваат на поддршката од целата јавност штом апликацијата ја достигне последната фаза, вели Сашо.

Како што истакна Јана, апликацијата има практична примена да служи секому што сака да го научи македонскиот знаковен јазик.

„Истата може да послужи кога некој ќе дојде во контакт со луѓето со оштетен слух и наиде на проблем (непознавање на знаковниот јазик), така што може да ја покаже фразата која сака да ја пренесе, бидејќи под секоја фраза стои соодветното име за истата“, појаснува таа.

Петте млади иноватори упатија апел до општеството да се приклучи кон нивната иницијатива за заеднички да го подобрат животот на овие лица во заедницата.

Емилија Петреска