[Интервју] Рамона Кочишка: „Log Out“ го снимавме тајно, со скриени камери

Четири кратки документарни филмови, авторски дела на средношколци во рамки на овогодинешната програма на Докуникулци, годинава имаат своја премиера на јубилејниот, десетти фестивал за документарен филм Македокс. Еден од нив е „Log Out“, авторски филм на Рамона „Моња“ Кочишка. Со неа разговаравме за овој  проект, но и за нејзината приказна со Македокс кој трае веќе неколку години.

Која е Рамона?

Имам 18 години и живеам во Скопје. Веќе 4 години сум дел од тимот на „Македокс“. Првите три бев волонтер во организацијата на фестивалот, а последнава сум дел од програмата „Докуникулци“.

Всушност, годинава за првпат влегов во водите на режисерската работа и на овогодинешниот фестивал се претставувам со својот авторски документарен филм „Log Out“.

Како започна да се занимаваш со кинематографија?

Искрено, пред Македокс бев многу позаинтересирана и посветена кон театар и музика. Меѓутоа во изминативе години овој фестивалот ме научи како да гледам еден филм. Како да го разберам. Особено кога станува збор за документарец, еден од најкомплексните видови на филмови, токму ова ме инспирираше да го започнам овој проект.

Што се всушност Докуникулци?

Докуникулци се група која постои веќе 3 години. Тоа е еден вид платформа која им дава простор на младите да се изразат преку документарен филм, да научат како се пишува синопсис, рецензија и самите да разберат во кој дел од снимањето на еден документарен филм тие припаѓаат.

Без разлика дали е тоа камера, светло, режија, филмска критика и слично, оваа платформа ти дава можност да ги научиш сите полиња на еден филм и самиот да се пронајдеш во нив.

Член на Докуникулци може да стане секој кој е на возраст од 14 до 18 години. Процесот е едноставен, испраќаш видео каде одговараш на неколку прашања, потоа следува процес на селекција и оние кои оставиле најголем впечаток се одбрани да бидат дел од тој тим. Потоа, одбраната група патува заедно со тимот на Македокс на патувачкото кино каде повеќе денови гледаме филмови, на отворено. Во тие денови на „Кино под ѕвезди“ ние всушност се запознаваме со документарниот филм и со целиот процес на негово развивање.

Целата поента е одблизу да се запознаеме со овој вид на филм, да ги разработиме сите идеи кои сме ги стекнале во текот на патувачкото кино и од сите десетина до дванаесет учесници се бираат три или четири идеи кои во текот на наредната година треба да бидат реализирани во еден целосен документарен филм.

Која е темата на филмот „Log Out“?

„Log Out“ е метафорично име на еден човек кој сака да се одјави од својата околина за да го постигне она што го замислил. Ретроспектива на неговиот живот и приказна за излегувањето од едно „обично“ општество. За овој човек тоа било како најава за остварување на сопствените интереси, но за луѓето околу него сето тоа било необично. 

Која е главната инспирација зад овој филм овој филм?

Животната приказна на токму овој лик ми беше главна инспирација за да го направам овој филм. Би можела да кажам дека тој, вусшност, ми го има поставено целиот животен пат. Секогаш бил до мене и ме учел како треба и не треба.

Но, настрана од фактот што тој за мене лично има огромно значење, огромна инспирација за овој филм е целото негово животно дело. Во текот на неговиот живот има направено толку многу, а е толку скромен за се. Не се истакнува во јавност, не излегува пред публика, не се појавува на телевизија, не одбира ниедна партија. А сепак, неговите дела говорат за него посилно од било кои зборови.

Тој со свои 19 години започнал да работи во телевизија, правел разни музички и сатирични емисии. Веќе две години подоцна тој ги организирал најголемите музички фестивали низ Македонија. Постојано барал нешто повеќе од животот. Нешто повеќе од она што било „нормално“ за тој периодот и средината во која растел.

Кои беа најголемите тешкотии за време на снимањето?

Да снимаш документарец за лик кој знае дека снимаш филм за него, веројатно е многу полесно. Но овој лик за кого е всушност правен филмот, не знае дека ова се случува. Целото снимање мораше да помине тајно, со скриени камери. Пробуваш да фатиш некој момент, некој кадар, извадоци од негови интервјуа и конференции… Тоа беше дефинитивно голема тешкотија.

Меѓутоа не само тоа. За потребите на филмот ми беа потребни многу архивирани снимки и момени од неговиот живот. Неговите емисии, поранешни интервјуа, дури и делови од свадбата. Сакаш да искористиш се и да вметнеш во филмот, а не можеш. Треба на моменти да оставиш филмот да „издише“.

Всушност истражувањето, барањето на сите тие архивирани снимки кои го отсликуваат неговиот живот беше можеби најтешкиот дел. И монтирањето! Дефинитивно монтирањето…

Колку време траеше снимањето на филмот?

Во периодот од октомври до февруари траеше моето тајно снимање со телефон. Потоа следуваа четири интервјуа со него и некаде кон крајот на февруари веќе имавме материјал за филмот.

Тогаш следеше најтешкиот дел, монтажата. Се на се филмот беше готов по околу 8 месеци.

Дали би се пронашла себеси како режисер на некое друго поле или би останала во светот на документарците?

Сепак мислам дека откако ќе заврши целата оваа приказна, повторно би се насочила кон театар.

Кога би бирала помеѓу игран филм и документарец, би го одбрала второто. Има некој посебен дух што е, ако ништо друго, за неколку степени пореален од играниот филм.

Ги сакам играните филмови, гледам многу од нив. Но документарец е нешто посебно, нешто што се случува само еднаш. Имаш некој посебен момент и мораш да го фатиш веднаш. Никогаш повторно нема да го вратиш и да го преживееш и преснимиш истото.

Дали мислиш дека документарниот филм има иднина кај нас?

Со оглед на случувањата во послениов период, дефинитвно да. Ние имаме многу добри стари играни филмови, но сега веќе гледам дека креативноста кај режисерите многу повеќе се насочува кон документарецот.

Ако ги земеме за пример, не само „Медена Земја“, туку и сите филмови кои се најавени и допрва ќе излезат во наредните години, гледам дека овој вид филмска уметност се повеќе се цени и вниманието се насочува кон неа.

Од друга страна, од година в година, се забележува се поголем интерес и за учество во Докуникулци што ни дава до знаење дека и кај младите расте интересот на ова поле.

—————————————————————————————————————————————

„Log Out“ е првиот авторски филм на Рамона, член на овогодинешната програма на „Докуникулци“ како дел од македонскиот фестивал на креативен документарен филм „Македокс“.

Тој е во продукција на MakeDox Film School. Неговата премиера е најавена денеска (27 август), во 19 часот во Младински културен центар во Скопје, како дел од програмата за деца и млади на овогодинешниот репертоар на Македокс.

Георги Божиновски