[Интервју] Рајан МекГарви: Сакам мојата музика да ги натера луѓето да ја споделат својата приказна

Рајан МекГарви, блуз гитарист и ѕвезда во подем, како што го опишува неговиот колега Џо Бонамаса, вечерва гостува на Блуз и соул фестивал во Скопје. Во интервју за Радио МОФ, Рајан открива повеќе за вечерашниот настап и настапот со Ерик Клептон, којму го променил животот – од анонимен гитарист во ѕвезда на современата блуз сцена.

Имаш три студиски албуми, во кои сите песни се оригинални. Од каде најчесто црпиш инспирација?

Голем дел од песните едноставно ми доаѓаат, а другите се граделе со тек на времето, се натрупале во мене и сум ги преточил во песна. Вообичаено ги тестирам пред луѓе, да видам која е нивната реакција. Сум пишувал песни кои ми е многу забавно да ги свирам, и сум мислелдека тоа ќе биде најдобрата песна на сите времиња. Но, кога сме ја свиреле пред публика било тивко и очигледно ним не им звучела исто.

Претежно мојата музика ја базирам на реалниот живот, особено кога станува збор за текстовите. Без разлика дали станува збор за одредена ситуација, или нешто што ми се случувало повеќе време. Секогаш велам дека сакам да ги пишувам моите песни на начин на кој се отворени за интерпретација, да можеш да ги слушаш без разлика дали си маж или жена, да можеш да ја проектираш својата сопствена ситуација. Не сакам песни кои се специфично упатени до некого, не користам имиња на одредени девојки бидејќи тоа ја ограничува приказната. Сакам кога пишувам да ги предизвикам луѓето да ми пристапат и да ми ја раскажат сопствената приказна. Често се случува некој да ми каже дека му се допаѓа одредена песна, бидејќи нешто слично нему му се случило. Секогаш ме фасцинира, бидејќи изгледа како подобро да сум ја опишал неговата ситуација, отколку мојата лична. Во овој жанр има добар дел на песни за скршени срца, но може да се каже дека тоа е вистинскиот живот.

Имаш свирено на Crossroads Guitar Festival на легендарниот Ерик Клептон в 2010 година, во Чикаго. Какво беше чувството за тебе, како млад и непознат музичар, да свириш покрај жива легенда на сцената? Помогна ли во твојата кариера?

Беше неверојатно. Не ми се веруваше дека сите музичари кои не сум ни сонувал дека ќе ги запознаам, беа собрани на едно место и слушаа како јас свирам. Ги запознав сите во само еден ден. А, имаше и многу нови музичари чиј обожавател сум сега. Немав никаков контакт со нив дотогаш, но ги запознав зад сцената и веднаш се развија пријателства и соработки.

Многу беше чудно, сите со кои прозборев тој ден беа некого кого го познавам и е ненормално многу значаен во музичкиот свет. Надреално ми беше. Таму го сретнав и Џо Бонамаса, кој сега ми е пријател, и мнгоу други луѓе со кои сум свирел порано.

Освен што за мене беше огромна работа, беше и главна вест во Њу Мексико. Ме најавија како победник на натпревар кој ме донел до Crossroads, и за 20 минути сите телевизиски станици сакаа интервју со мене. Беше како чатал за мојата кариера, од анонимен гитарист добив многу медиумско влијание за еден ден.

Интересно за тебе е што си самоук гитарист. Што беше клучниот момент да решиш дека сакаш да се занимаваш со музика професионално?

Мислам дека на некој начин отсекогаш знаев дека треба да свирам. Моите родители ми велат дека кога сум имал шест месеци, татко ми свирел на гитара и сум доползел до него. Вели дека место сите деца кои удираат по жиците, јас сум влечел една по една, како по некој шаблон. Вели дека веднаш знаел дека ќе бидам гитарист.

Оттогаш ми купија мала гитара-играчка кога имав две години, а на шест ја добив првата вистинска гитара. Така што, може да се каже дека отсекогаш сум бил опкружен со музика и сето ова дојде некако природно, само по себе.

Во блузот, многу често музичарите преработуваат стари песни, но со сопствен белег. Кој е твојот став во однос на преработките?

Сакам да правам преработки. Вообичаено се трудиме да вметнеме некој „кавер“ на нашите концерти. Не сум сигурен што ќе свириме вечерва, но вообичаено одбираме нешто што не е премногу свирено и сакам тоа да биде на крајот од концертот. Кога публиката веќе нè слушала два часа, недостига нешто само за забава. На почетокот на мојата кариера повеќе правев преработки, бидејќи требаше нешто познато за публиката да може да се поврзе со мене. Дури и кога им се допаѓа твојата музика, не секогаш им е доволно удобно на шоуто. Потоа, ќе вметнеш некоја преработка, и публиката ја знае песната и одеднаш е поопуштена.

Кои изведувачи ти влијаеле најмногу како музичар?

Најопшто, би рекол класичен хард рок. Пораснав слушајќи ги Лед Цепелин, Џими Хендрикс, Стиви Реј Вон… Подоцна се посветив на „потехничките“ гитаристи, како Ерик Џонсон, Робин Форд и слично. Изборот е многу широк. Има толку многу добри музичари во секој жанр, и неодлучен сум. Најтешко ми е кога некој ќе ме праша кој ми е омилен музичар да изберам еден. Подоцна ги слушав Кени Вејн Шепард, Иан Мур. Навистина го апсорбирав нивниот начин на свирење  – класичен рок со елементи на блуз, кои му даваат сосема нов звук. Тоа најмногу ми се допаѓа, кога музиката има посебен белег и отскокнува од основите на жанрот.

Блузот е, на некој начин, помалку популарен одошто некогаш беше. Сепак, голем број луѓе го почитуваат и може да се каже дека љубителите се лојални на овој правец. Што ти би одбрал, огромен концерт на „мејнстрим“ фестивал, или поприватна атмосфера со луѓе кои знаеш дека навистина ја сакаат и познаваат твојта музика?

Повторно треба да одбирам. Воопшто не ми оди да одбирам. Сакам да се движам меѓу различни идеи и жанрови, така што и двете сценарија ми се замисливи. Немам ништо против луѓето што слушаат мејнстрим музика, бидејќи најчесто имам желба да ги „конвертирам“, да преминат на поспецифична музика. Кога јас бев тинејџер, никој од мојата возраст не сакаше блуз, особено во средно. Но, денес интересно е што има бендови како The Black Keys или The White Stripes, кои во својата музика инкорпорираат блуз, но на начин на кој Led Zeppelin го користеа. Му даваат некој рок елемент, и и денес звучи современо.

Кога бев средно училиште, свирев во клубови кои не ми се допаѓаа, бидејќи таму се свиреше многу „потешка“ музика, како панк рок, метал и слично. Јас веќе се дружев со „блузерите“, но се движев и во тие клубови и свирев најтешки гитарски изведби што можев, и сите беа фасцинирани и веднаш стнауваа фанови. На крај од концертот, се чудеа што всушност им се допаѓа блузот. И им велев, „Тоа се трудев да ви објаснам. Блузот не е музика која ја свири 80-годишен црнец со тага во очите, на двор пред неговата куќа, бавно и тажно. Се движи меѓу сите правци кои може да ги замислите“.

Кога би можел да избере еден музичар, жив или мртов, за соработка, кој би бил твојот избор?

Џими Хендрикс, бидејќи е многу подобар уметник од сите. Не како гитарист, што многу луѓе сметаат дека е грешно ако кажам. Тој е толку добар во користењето на гитарата за да создаде специфични звуци, како да слика. Во неговата музика има тематика од културолошка важност, која успеал да ја преточи во музика. Бил одличен уметник и продуцент – да се направат чудните нешта кои тој ги има вметнувано во своите албуми во тоа време, не успеал никој друг. Отсекогаш сум сметал дека тоа е неверојатно.

Друг избор би ми бил Роберт Џонсон, би било огромна чест само да можам да го запознаам и да бидам дел од неверојатниот и шарен живот кој го имал.

Сакам и да свирам за Роберт Плент еден ден. Има толку многу комплексност во неговата музика.

Што можат да очекуваат посетителите на вечерашниот концерт?

По малку од сè. Сите различни нијанси на мојата музика – од чист блуз до блуз рок и хеви рок и инструментала. Веројатно ќе се вратиме на бис со некоја преработка. Ќе ги слушнат и баладите, кои се поемотивниот дел од моите албуми. Секогаш ги свирам, бидејќи луѓето некако се поврзуваат со нив. Кога „ќе ги удри посилно“, стануваат дел од општата атмосфера.