Неодамна БиБиСи откри неколку документи што го оставија светот без зборови – Кина со години ги затворалa кинеските муслимани – Ујгури во концентрационите логори, со цел да ги натера да се откажат од нивните културни и верски убедувања. Радио МОФ истражуваше малку повеќе за човековите права во Кина и успеа да стапи во контакт со две личности кои имаат слична животна приказна со Ујгурите.
Трејси и Ширли, како што претпочитаат да ги нарекуваме, се две жени од Кина, членови на црквата Семоќен Бог. Тие две сега живеат во САД откако успеале да избегаат од прогонот на кинеската влада заради нивните верски убедувања. Тие решија да ги споделат своите животни приказни и да ја подигнат свеста за човековите права во нивната татковина, Кина.
Во прилог можете да го слушнете целосното тонско интервју на англиски јазик и транскрипт од него во продолжение.
Кристина: Благодарам што ја прифативте нашата покана за интервју и се решивте да ја споделите вашата приказна со нас. Јас сум Кристина, новинарка од Клубот на новинари на Радио МОФ од Македонија. Ние сме заинтересирани за човековите права, па кога слушнавме за муслиманските кампови во Кина решивме да истражиме повеќе и да видиме дали има и други луѓе со слични искуства како тие.
Ни споменавте дека сте предмет на прогон во Кина, која е причината за тоа?
Трејси: Прво сакам да ви се заблагодарам за поканата за интервју… И да, успеав да избегам од Кина за денес да имам можност да ја споделам оваа приказна со вас. Дозволете ми накратко да се претставам – името ми е Трејси и јас сум христијанин од црквата Семоќен Бог, строго прогонувана христијанска црква во Кина. Што се однесува до вашето прашање, знаете дека Кинеската комунистичка партија CCB ги потиснува сите религии, владата ги осудува протестантизмот и католицизмот. Библијата ја осуди како „култна“ книга и изгори многу копии од истата.
Кристина: Дали денес сте дел од некоја организација која се бори за човековите права во Кина?
Трејси: Сега сум во САД и се борам за човеките права, се борам за човековите права на моите браќа и сестри кои се дел од црквата Семоќен Бог, но и за сите други прогонети групи во Кина.
Кристина: А дали сте слушнале за тамошните логори на муслиманите?
Трејси: Мислам дека дефинитивно постојат. Има многу видеа, а и приказните за концентрационите кампови беа објавени од страна на многу медиуми. Минатата година сестра Ширли и јас присуствувавме на еден настан на Ујгурите овде во Америка и многу од нив имаа слики од нивни роднини кои се наоѓаат во тие логори. Всушност, некои од нашите браќа и сестри од црквата беа исто така притворени во концентрациони кампови
Кристина: Како ја напуштивте Кина? Зошто ги избравте САД како ваш нов дом?
Трејси: Бев на бараната листа од 2012 година, беше многу тешко да ја напуштам Кина, особено со мојот вистински идентитет, така што добив лажен пасош со идентитет на друго лице и успеав да побегнам од Кина.
Кристина: Ширли, а која е вашата приказна?
Ширли: Кога бев во Кина, владата не знаеше дека сум дел од црквата, па дојдов во САД за да работам, но подоцна сфатив дека ситуацијата во Кина се влошува. На пример, една од моите духовни сестри која престојуваше во Јужна Кореја кога се врати во Кина, бидејќи не можеше да си дозволи медицинска нега во Јужна Кореја, веднаш беше уапсена, па се исплашив и затоа решив да останам во САД. Тоа е мојата приказна, поразлична од онаа на Трејси.
Кристина: Зошто лицето што го споменавте престојуваше во Јужна Кореја?
Ширли: Поради прогоните во Кина таа одлучи да побара азил во Јужна Кореја, но таму немаше медицинско осигурување и мораше да се врати во Кина бидејќи се бори со сериозна болест. Нејзиниот сопруг престојуваше сè уште Кина, но откако пристигн таа беше уапсена, а нејзиниот сопруг беше сведок на тоа. Оттогаш не сум слушнала за неа.
Кристина: Што мислите што се случило со неа откако била уапсена?
Ширли: Таа исчезна, па не знам … Само минатата година само 90 члена на нашата црква беа прогонувани во Кина.
Кристина: Какви беа вашите денови како пред да ја напуштите Кина? Дали се исплашивте дека властите може да дознаат за вашата намера да ја напуштите Кина?
Трејси: Пред да ја напуштам Кина бев во бегство скоро четири години, криејќи се наоколу. Немав стабилно место за живеење. Се сеќавам дека во рок од една година и половина се преселив 8 пати заради прогонството на владата на Кинеската комунистичка партија. Обично наоколу се движевме на полноќ, во текот на денот беше невозможно да се движиме затоа што би биле набљудувани. Имаше моменти кога не можев да ја сменам облеката пред спиење затоа што полицијата можеше да влезе во секој момент и си мислев дека можеби нема да имам шанса да се облечам. За време на овие денови бев многу исплашена, се чувстував како да ќе ме уапсат во секое време време. Кога наутро одев да завршам некои црковни обврски,не бев сигурна дали ќе можам да се вратам дома безбедно таа вечер. Едноставно не знаев што може да се случи утре, беше ужасно. Се плашев дека надлежните може да ги откријат моите намери да ја напуштам Кина, но ризикував затоа што знаев дека доколку се обидам постои можност да ја напуштам земјата, но ако никогаш не се ниту обидам, дефинитивно би бил уапсена порано или подоцна затоа што другите членови на црквата беа уапсени, еден по еден. Во тој случај тортурата која би следала е нешто што е тешко да се замисли.
Ширли: Замислете во 21ви век не бевме во можност да комуницираме со останите членови на црквата користејќи телефони, затоа користевме најпримитивни начини на комуникација затоа што во спротивно постоеше можност да не прислушкуваат. Во црквата ние меѓусебе не си ги знаевме ниту вистинските имиња, користевме духовни имиња при комуникацијата за да можеме да се заштитиме едни со други во случај да бидеме уапсени. Дури и во нашиот дом, се плашевме да ја читаме Библијата слободно, а и откако ќе ја прочитавме, моравме да ја скриеме на некое скришно место. Таков е животот во Кина кога станува збор за практикувањето на нашата вера.
Кристина: Како е ви е поразличен животот сега кога сте во САД?
Ширли: Подобро е, можеме слободно да уживаме во верската слобода. Во Кина немавме големи собири затоа што соседите можеа да нè пријават, во САД тоа воопшто не е проблем. Можеме слободно да ја практикуваме својата религија.
Кристина: Дали е вашето семејство со вас?
Ширли: Не, тие се во Кина затоа што јас сè уште барам азил овде.
Трејси: И моето семејство е во Кина. Посакувам да можат да дојдат овде, но невозможно е затоа што го напуштив мојот дом во 2012 година заради прогон од страна на владата. Во 2013 година, полицијата провали во домот на моите родители, барајќи од нив да кажат каде сум. Мајка ми беше принудена да избега во друг град, татко ми исто така беше принуден да ја напушти куќата иако е неверник. Го изгубив семејството… Дури и баба ми и дедо ми и чичко ми беа малтретирани иако се исто така неверници. За време на тие 4 години, јас никогаш не стапив во контакт со семејството затоа што бев на листата на барани лица. Дури и ден денес јас сè уште не сум во контакт со нив.
Кристина: Многу ми е жал… дали тоа значи дека Кина не ги почитува човековите права?
Трејси: Да бидам искрена пред да заминам од Кина не знаев дека луѓето можат да имаат човекови права. Човековите права ми беа чудни затоа што во Кина никогаш не сме се сметале дека можеме да имаме човекови права. Уште од мала возраст ја следиме владата, немаме своја слобода на говор или друга слобода, вклучително и верска слобода. Иако кинескиот устав вели дека луѓето можат слободно да ги изберат своите религиозни убедувања, реалноста е поинаква. Уставот е направен за очите на странците, но во Кина владата е Бог. Член на нашата црква во Кина може да се соочи дури со 15 години затвор само заради практикување на својата религија.
Кристина: Што може да се стори за подобрување на човековите права во Кина?
Ширли: Мислам дека треба да се стави крај на диктатурата на кинеската влада. Во демократските земји луѓето имаат човекови права, но не и во комунистичките земји. Можеби Кина ќе стане демократска земја еден ден и тогаш луѓето ќе можат да имаат човекови права.
Кристина: Дали мислите ли дека Кина е различна за вас верниците во однос на човековите права?
Ширли: Не мислам дека Кина воопшто ги почитува човековите права, ако навистина ги почитуваше немаше да имало толку многу прогони.
Кристина: Што можат да сторат останатите земји за да им помогнат на луѓето со слични животни приказни како вашите?
Ширли: Мислам дека демократските земји би можеле благородно да нè пречекаат и да ни дадат азил, нешто што би било од голема помош за нас, бидејќи на тој начин би можеле да ги продолжиме нашите животи и слободно да ја практикуваме нашата вера која е многу важна за нас.
Кристина: Која е вашата порака до други луѓе чии човекови права се на некој начин загрозени?
Ширли: Најпрво нека не губат надеж, нека не се откажуваат и второ, се надевам дека сите луѓе чии човекови права се загрозени ќе се борат за истите заедно, а не само за себе. Во Кина, постои стара изрека која вели „Повеќе раце создаваат силен пламен“, така што ако луѓето би се бореле заедно, мислам дека би можеле да постигнат почитување на човековите права.
Трејси: Мојата порака до тие чии човекови права се загрозени е дека треба да бидат храбри, треба да престанат да молчат, треба да почнат да зборуваат, да направат светот да го слушне нивниот глас за да можат организациите за човекови права и други демократски организации да им помогнат.
Кристина Ласкова
*Интервјуто е направено во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески