[Интервју] проф. Елена Џукеска: Kога науката е на маргините, главната сцена ја заземаат дилетантите

Независниот академски синдикат веќе 4 години се труди да ги подобри условите во академското образование во повеќе сфери- универзитетска автономија, заштита на правата на образовните работници преку долгорочни системски решенија. Недоволното инвестирање во образованието највидливо беше во време на корона кризата, кога се јави вистинска потреба од дигитализација. Но проблемите не завршуваат тука.  Од независниот синдикат велат дека С. Македонија се наоѓа најдоле на листата по вложување во научни истражувања со ниско издвојување од 0.35 отсто од БДП.

За досегашните постигнувања на Независниот академски синдикат, како треба да започне осовременувањето на македонското академско образование и за важноста на науката и научно истражувачкиот процес, Радио МОФ разговараше со професорката од Институтот за класични студии воедно и в.д. претседателка на НАкС, Елена Џукеска.

Во пресрет на вториот конгрес на НАкС, се отвори и темата за новиот Закон за научно-истражувачката дејност, но и предлозите и барањата кои синдикатот ги нуди.

Се чини дека пандемијата ги потенцираше невложувањата во образованието и големите пропусти со дигитализацијата. Кои се најважните активности со кои треба да започне осовременувањето на македонското академско образование?

Академското образование во Македонија, особено на јавните универзитети  каска многу зад развиениот свет во поглед на инфраструктурата и можностите што ги нуди за работа на професорите и учење на студентите. Особено голем проблем е назадувањето во поглед на дигитализацијата. Најпрво неопходно е под итно и без одлагање во целост да се инкорпорираат дигиталните технологии во внатрешното работење на универзитетите и нивната организација. Мора да им се овозможи на студентите и на кадарот своите административни обврски да ги извршуваат само по електронски пат. Ние сѐ уште водиме двојна администрација и во хартиена и во електронска форма, ја дуплираме работата, создаваме трошоци и губиме драгоцено време. Жалосно е што во 21от век македонските јавни универзитети немаат дигитални каталози на библиотеките.

Неопходно е исто така под итно да се започне со создавање на електронски корпуси не само на книжевното и другите видови културно наследство, коишто не се само прашање на културата, туку и на хуманистичките и општествените науки. Општо земено во Македонија сѐ уште има сериозен недостаток од содржини достапни во дигитален формат од која и да било од научните области, содржини што се неопходни и за воспоставување научна и стручна соработка, за употреба во наставата, но и за информирање на пошироката јавност. Се разбира дигитализацијата е многу повеќе од ова. Денес во светот никој не се занимава со наука без примена на дигитална технологија. Високото образование е образование каде што наставата произлегува од науката и обратно и затоа ако сакаме нашето високо образование да биде современо неопходно пред сѐ науката да ја добие целата неопходна инфраструктура за примена на дигитална технологија.

Какви решенија и политики би понудил НАкС доколку би бил дел од создавањето на новиот  Закон за научно-истражувачка дејност?

Би предложиле со Законот да биде загарантирано финансирањето на научно-истражувачката дејност од страна на државата преку Фонд кој не би имал помали средства од оние што ги има на располагање Фондот за иновации и технолошки развој и да биде загарантирано континуирано подмладување на научно-истражувачките и високообразовните институции со истражувачки кадар. Од Законот исто така треба јасно да произлегува дека МОН има обврска да обезбеди финансирање на изработка на проекти од различни формати, достапни и за индивуални истражувачи, за тимови и за институции (јавни и приватни) и за таа цел да се објавуваат конкурси секоја година. Понатаму со законот мора конзистентно да се реши и прашањето со стипендирањето на студирањето на втор и трет циклус, како и пост-докторските истражувања. Во моментов нашата држава за таа цел дава голем број стипендии за студирање во странство, наместо кај нас и на тој начин свесно го поддржува процесот на brain drain. На младите луѓе кои покажале способности и подготвеност да се занимаваат со научно-истражувачка работа мора да им се овозможи да бидат ангажирани на високообразовните и научно-истражувачките институции на флексибилен начин и во текот на студиите и непосредно по нивното завршување и мора да се засили соработката помеѓу професорите и помладите истражувачи.

 Податоците укажуваат дека исклучително ниското издвојување од 0.35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на дното во Европа. Кои се најголемите последици од ова?

Ниското издвојување од БДП за научни истражувања  неминовно доведува до пад на квалитетот во високото образование и аналогно ниско рангирање на универзитетите на светските листи. Предизвикува штети во економијата, затоа што производството и економскиот развој се директно поврзани со иновации во науката. Неминовно младите луѓе ја напуштаат државата во потрага по подобар живот и на долг рок доаѓа до демографски промени.

Зошто е битно да се инвестира во наука и што се случува доколку таа е ставена на маргините?

Науката има само едно место во општеството кое ѝ припаѓа природно, а тоа е да биде двигател на сите политики. Тогаш кога науката е на маргините, главната сцена ја заземаат дилетантите. Човештвото за жал не еднаш западнало во такви мрачни периоди на лош театар. Имајќи ги предвид и климатските промени со кои се соочуваме, крајно време е за наука.

Во сабота ќе се одржи вториот конгрес на Независниот академски синдикат, со што воедно ќе се одбележат четири години од постоење на синдикатот. Што се постигна во овој период?

НАкС своите први синдикални организации ги регистрираше веќе во март 2016, така што работиме и повеќе од 4 години. Во изминатиот период НАкС се конституираше и до денес има воспоставено мрежа од синдикални организации на УКИМ, УКЛО и на еден приватен институт. Имаме соработка со правна канцеларија и им обезбедуваме непосредна правна заштита на нашите членови во случај на прекршување на правата од работен однос. Уште од првиот ден активно ги следиме сите процеси поврзани со усвојувањето измени во законската регулатива од областа високо образование и наука и нивната примена на универзитетите и во научните институти, доставуваме свои конкретни предлози и се залагаме да бидат прифатени. Се бориме со сите правни механизми кои ни стојат на располагање за демократизација на јавните универзитети и заштита на автономијата и лобираме нашите претставници во универзититетските тела и органи да бидат коректор на ректорската управа, деканите и ректорот. Забелешките што Владата на РСМ ги достави кога се усвојувааа измените на Статутот на УКИМ заради усогласување со новиот ЗВО ја потврдија оправданоста на ваквиот ангажман на НАкС.

Успеавме да го отвориме прашањето за обврската за исплата на минат труд на вработените во високото образование од страна на МОН. Изготвивме и доставивме нацрт Колективен договор за високото образование и науката и се изборивме МОН да го стави во својата агенда потпишувањето на овој највисок акт на заштита на правата на вработените. НАкС е потписник на Повелбата на солидарноста и досега сме поддржале повеќе иницијативи заедно со другите синдикати во борбата за достоинствен живот на сите граѓани на државата. Членови на НАкс имаат изработено два проекта со финансиска поддршка од ФООМ за универзитетската автономија и финансиската отчетност и транспарентност во високото образование и наука. Анализите и препораките кои произлегоа од овие активности се основа за создавање долгорочни системски решенија за проблемите во високото образование и науката. Така што, може да се каже дека во изминатиот период од своето основање па до денес, НАкС, кој се изроди од ентузијазмот на група професори активни во Професорски пленум, успеа енергијата на ова движење да ја претвори во организација што има капацитети и моќ да ги штити правата на вработените во високото образование и наука и да предизвикува промени во насока на подобрување не само на нивниот статус, туку и на статусот на сите граѓани.

Ивана Смилевска