[Интервју] Петар Милошевски: „You Will Marry Me“ е дело метафорички слично на моето искуство во изолација

Петар Милошевски е актер, изведувач и автор на театарски проекти кој живее и работи во Лондон. Изведбите на Милошевски се претставени како современа комбинација на говор и физички театар, а според критиките за неговата работа во Велика Британија и континентална Европа, неговите дела се сметаат за спој на драмската структура која потекнува од источноевропските школи за театар и слободниот пристап кон креативниот процес кој стана заштитен знак на британскиот театар.

Во последните неколку години, Милошевски се фокусира на соло проекти, кои биле изведувани во галеријата „Proud Camden“, Театарот „Шо“, Театарот „Диорама“, но и на европски театарски фестивали  во Германија, Франција, Романија, Македонија, Бугарија, Ерменија и Белорусија.

Со неговите соло перформанси „Надеж“, “THE BEAUTIFUL” и „Пасија по БИБИ“, Милошевски во три наврати учествува на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) во Скопје.

Уметност и дигитализација во време на пандемија, Жак Превер и Вирџинија Вулф и процесот на изработка на неговиот последен видео проект се дел од темите за кои разговаравме со Милошевски.

Тој вели дека инспирацијата за „You Will Marry Me“ е директен плод на ситуацијата во која што сите се наоѓаме.

„За време на овoj карантин кој што кај нас трае веќе три месеци, поминав низ спонтани подеми и падови како никогаш досега, од проста причина што никогаш не сме знаеле за слична ситуација. Затоа и сакав да создадам дело како од сон, метафорички слично на моето искуство во изолација. Приказна за личност затворена меѓу четири sида, во спор со сопствениот род, сопствената волја за опстанок, со надеж дека сѐ некој ќе се јави, но дури и кога тоа ќе се случи, никогаш не е оној кој треба да донесe чувство на исполнетост и задоволство. Ова е приказна за поматени искуства и моменти, кои како да лебдат низ таа осаменост, но сепак исполнети со толку многу страст, желба и надеж. Вака се сомнева овој лик, вака сака, вака љуби, танцува и пее исполнет со моќ од широки катедрали. Вака овој лик сака да продолжи и покрај сѐ“, вели Милошевски објаснувајќи го својот најнов проект за Радио МОФ.

Ова е твој нов самостоен проект, овојпат направен целосно во карантин. Која е разликата во Петар како уметник пред карантинот, но и по снимањето на филмот?

Во однос на тоа како ги поимам работите и во каква средина живеам, барем засега, не чувствувам некаква суштинска разлика во мене пред и за време на карантинот. Јас сум, како и сите останати актери и сценски дејци во Британија, уметник на слободна практика. Тоа значи дека на едно мисловно и духовно ниво, јас сум во постојан карантин. Без да звучи тажно или драматично, тоа навистина е така. Воопшто, ние како актери ја имаме таа професионална деформација на проникнување во самите себе – мислиме, разгледуваме, преосмислуваме, мечтаеме.
Она кое што радикално се промени овој пат е тоа што моментално не постојат простори каде што вие ќе може да ја претставите вашата уметност. Во буквална смисла. Ме радува тоа што веднаш уметникот се вдаде во преосмислувањето на својата практика и на начинот на кој истата би се претставила на публиката. Забележувам наоколу генерална уметничка неуморност и немирност. И тоа мора да е така. Уметникот не смее да запре. Затоа што дури и кога мислиме дека тој нема или не добива никакви ангажмани, сепак длабоко во себе истиот постојано работи врз себе и врз своите гледишта и способности.
По снимањето на „You Will Marry Me“, кој што за разлика од досегашните сценски соло проекти е мојот прв видео перформанс, се почувствував како навистина да има нешто кое што ќе остане да резонира за подолго и за понатаму. Од проста причина што театарот постои единствено и само единствено во мигот кога се игра и гледа, па макар и да бил снимен со најврвни технички капацитети.

Колку долго траеше процесот на креирање на „You Will Marry Me”?

Ова е краток десетминутен филм и затоа и процесот беше не повеќе од неколку седмици, за разлика од тоа кога посветувам речиси шест месеци на подготовка и реализација на моите соло претстави. Идејата дојде најспонтано – тоа е едноставен порив пред кој не може да се замижи. Инспирацијата доаѓа, стапнувате на цврсто тло и понатаму светот е ваш. Ограничувањата кои што ги имав беа апсолутни и некако тоа ви дава дополнителна слобода. Секој можен елемент кој што се појавува во филмот – костим, сценографија, светло, текст е сѐ она кое што можев да го пронајдам во мојот шпајз – сите реквизити и парчиња неискористен штоф од претходни костими кои седат спакувани и еве конечно си го најдоа сопственото место и улога; текстови единствено од книгите кои ги имам во мојата домашна библиотека, музика компонирана единствено од мојот снимен глас и потоа ставен на ремастеринг со додадени технички ефекти – значи сѐ пронајдено во карантинот на мојот стан во Лондон. Го снимив спонтано и во еден здив. Снимките со сите кадри со претходно изготвен план траеа цел ден и уште толку за монтирање.

Зошто токму Жак Превер и Вирџинија Вулф? 

Текстот како елемент во моите проекти секогаш и апсолутно е во својство да ги исполнува естетските и духовните критериуми на она кое што сакам да го пренесам како смисла, на исто рамниште како и секое едно движење, секој поглед, секој костимографски елемент. Затоа и намерно играм со промена на интонации и најразлични гласовни варијации. Тоа ме исполнува и прави да ми е дополнително интересно. Превер и Вулф, заедно со уште две-три парчиња текст кои што сум ги запишал некогаш настрана и притоа навистина не можам никако да откријам од каков извор доаѓаат, ме најдоа така како што секогаш ме наоѓаат силните зборови и силните книги. Не верувам во случајни средби од таков вид. Знам кога е и што е вистинскиот текст кога ќе ме пресретне и сум прилично бескопромисен кога станува збор за литература која додека ја читате прави срцето да ви забрза и од која можете да го исцедите најубавиот сок преточен во совршена вокална актерска интонација.

„You Will Marry Me” е целосно снимен на iPhone, а поради пандемијата уметноста се пресели онлајн. Колку ваквото искуство го промени твојот процес на креирање на уметност?

„You Will Marry Me“ е целосно снимен со iPhone, a монтиран на iMovie на macOS. Најинтересното и најљубопитно искуство во целава ситуација за мене е пронаоѓањето на некаков нов медиум за изразување. Уште од почетокот на карантинот, од најразлични побуди, многумина се впуштија да снимаат најразлични монолози, приказни, разговори, дебати претставувајќи ги како театар од карантин. Јас мислам дека тоа не е и не може да е театар од причини кои ги наведов погоре. Поинтересно е што не е ниту филм. Затоа моментално не сум и сигурен дека терминот „филм“ е релевантен за „You Will Marry Me“. Значи не е театар, не е ниту филм во класична смисла на поимање на актерска игра пред камера или филмски елементи во однос на режија и монтажа. Она кое што според мене би можеле да установиме е дека можеби ние сведочиме раѓање на некаков нов медиум на изразување – таков оставен на меѓите од досега установеното и сѐ уште во својот зародиш. Нов израз, во смисла на актерска игра, улога на камера, простор и композиција на секвенци.  Можеби досега упорно сме клесале на камен, без да сфатиме дека имаме хартија на која што може да се пишува уште полесно, најпрекрасно и најкреативно. Можеби моментално учиме како всушност се пишува на таа хартија, сфаќајќи дека за тоа се потребни малку подруги инструменти, а не длето за камен. Не знам, претпоставувам уште сме во мугрите на она кое нѐ има снајдено сите.

Кои беа приспособувањата кои требаше да ги направиш во процесот на креирање, но ќе ги задржиш и понатаму?

Пред сѐ морав дополнително да проникнам во монтажата, која е уметност самата за себе. Иако и претходно сум монтирал лично дел од трејлерите и видеата за моите претстави, овој пат беше навистина подруго. Открив дополнителна љубов кон ваквата играчка. Ми беше забавно и исклучително полезно да учам дополнително преку видео туторијали. Секако, морав претходно да го проверувам секој кадар, самата фигура, фигурата во просторот, светлото врз фигурата во просторот итн. Нешто кое што и досега било од исклучитечна важност во моите сценски проекти, само што сега морав да ги преточам во поинаков облик, имајќи ги скромните алати кои ги имав на располагање. Претпоставувам она кое што не успеав да го остварам сега и она за кое што сметам дека треба да биде подобрено, ќе го реализирам во наредниот проект, кој што веќе зазема сѐ поголем простор во мојата глава.

Во продолжение, погледнете го „You Will Marry Me“ на Петар Милошевски.

Ивана Смилевска