[Интервју] „Ние во Авганистан знаеме што значи војна“

Изминативе две недели светот е згрозен и шокиран од воениот конфликт во Украина што го започна Русија. Во меѓувреме, за луѓето во Авганистан, ваквата ситуација трае веќе четири децении. Тамошните конфликти принудија многу луѓе да избегаат и да се расселат низ светот. Меѓу нив е и младиот Омар (името е сменето поради негова безбедност).

Тој веќе две години престојува во Скопје, а доаѓа од Каписа во близина на Кабул. Од минатата година, неговата провинција е под контрола на Талибанците. Но, војни во овој крај се водат години наназад пред тој воопшто да биде роден.

Овде се снаоѓа со помош на организации како што се Црвениот Крст и УНХЦР. Освен нив, тој е целосно сам. Дополнителен проблем е што едната нога ја има изгубено во несреќа со воз кога од Грција доаѓал во Северна Македонија.

„Седум дена пешачев и со исхрана бевме многу слаби“, почна да ни раскажува Омар со помош на преведувач од Црвениот Крст.

„Веќе немав јадено неколку дена и многу ми беше ослабнат организмот. Немавме веќе сила да пешачиме“, се наврати тој во времето кога бил во група со уште 15-тина други бегалци. Заедно се обидувале да се качат на воз кој бил во движење.

„Првиот обид беше неуспешен, паднав. И вториот пат кога се обидов пак да се качам на возот, паднав под возот и ногата ми ја прегази. Другите луѓе си заминаа. Само еден остана со мене што викаше по некого да дојде помош. По некое време дојде обезбедувањето на железничката, па повикаа полиција и Брза помош и ме однесоа во болница“, се потсети младиот Омар.

Заздравувањето од несреќата поминало бавно, но полека се вратил во нормала, овој пат со помош на вештачка протеза.

„Се трудам и сакам многу да пешачам и да спортувам, да живеам нормален живот како кој било друг млад човек на мои години. Но, морам да бидам искрен и да кажам дека условите тука за луѓето како мене се многу слаби. Немам многу можности да одам да вежбам или некои активности и затоа повеќето време го поминувам дома сам“, вели тој.

Омар во државава се води како барател на азил, но под супсидијарна заштита. Овој статус според македонските закони се доделува на лице кое не се квалификува како признаен бегалец, но државата му дозволува да остане во рамките на нејзината територија, бидејќи постои ризик по неговата безбедност ако се врати во државата чиј државјанин е.

Во случајот на Омар, ризикот е тоа што неговиот татко работел во државна администрација во Авганистан, но соработувал со странски организации.

„До пред една година немав никаква информација од нив, дури не знаев дали се живи или не. Потоа дознав дека се живи и дека се добри, но немам контакт со нив, бидејќи во тој мој предел нема интернет и таму има многу проблеми и немири и затоа немам контакт со нив“, појасни тој.

„На секој што бега му треба помош“

Се потсети кога во својот дом се пакувал и решил со себе да понесе само храна и нешто од гардероба. Патот е премногу опасен за скапоцени предмети, забележа Омар.

Сега будно ја следи ситуацијата со немирите во Украина. Се сочувствува со луѓето кои мора да бегаат од своите домови. Нешто што тој и неговите сограѓани многу добро знаат како изгледа.

„Ние, луѓето во Авганистан, знаеме што значи војна и колку е лошо. Не само за луѓето од Украина, еве гледаме дека и за цел свет и Европа настанува тешка ситуација. Иако не можам никако да помогнам, навистина ми е тешко за целата ситуација и тие луѓе“, забележува тој.

Според него нема разлика дали некој бега од конфликт во Украина, или пак во Авганистан и Иран.

„На секој што бега од секаква криза или некаква небезбедност му треба помош. Дури и на луѓето од Украина им е полесно бидејќи се поблиску до европските држави, но од Блискиот Исток додека се стигне до овие држави е многу потешко“, посочи тој.

Надежта последна умира

И после две години престој во Северна Македонија, за Омар е тешко да се претопи со околината. Во меѓувреме, го учи македонскиот јазик за да може да разговара и да запознава нови луѓе со кои би се дружел. Засега зборот „кашкавал“ му е меѓу најинтересните.

„Баш со еден пријател што е исто така од Авганистан, се шегуваме довикувајќи си ‘кашкавал’ бидејќи многу ми е интересен збор“, се насмеа тој.

Желбите за иднината му се исти како и на секој просечен млад човек – да го продолжи образованието и да го усоврши англискиот јазик во случај да замине во друга држава. Негов сон отсекогаш бил да стане архитект. Но, сега мора да размислува и на професија која ќе може да ја работи со оглед на проблемот со нозете.

„Луѓето што живеат тука треба да бидат благодарни и среќни бидејќи живеат во безбедна држава и имаат услови за тие некои најосновни работи како да се образуваат, да работат… Многу луѓе како мене од држави како што е Авганистан, немаат право на тие некои основни работи“, се пожали Омар.

Пандемијата со Ковид-19 била дополнителен предизвик и за него, па активностите што ги имал ги пренел онлајн.

„Се трудевме да продолжат, да не прекинат затоа што во спротивно би било многу тешко човек ништо да не прави и само да седи дома“, забележа тој.

Кога станува збор за (не)научените лекции од војните како во Авганистан, Омар посочи дека за секој бегалец кога доаѓа во некое ново општество, најпрво му е важно домувањето.

„Некое засолниште да има, без разлика колку е тоа привремено. Потоа, јазикот е многу важен, да му се помогне што побрзо и полесно да го научи за да може сам да се снаоѓа во општеството и мислам дека после тоа е работа. Никој не би сакал да седи без работа. Да видат кој и што најмногу може да работи, да му се помогне да најде работа и на крај да се социјализира. Да функционира нормално во општеството“, рече тој.

После толку време далеку од својот дом во Каписа, Омар не верува дека ќе се врати пак, иако како што вели, „надежта последна умира“.

„Барем се надевам дека некогаш ситуацијата би се смирила малку за да можам да ги спасам мајка ми и татко ми, да ги повлечам со мене или да одам да ги видам. Но, генерално мислам дека мојот живот ќе биде надвор од Авганистан. Затоа што и да се среди некогаш ситуацијата таму, толку е назад од сè, многу години ќе треба да поминат за да биде слично како во другите држави“, смета тој.

Војната го сменила Омар. Иако е доста млад, кога разговарате со него делува како да сте на муабет со повозрасна личност.

„Не само младите, туку сметам дека и повозрасните луѓе овде, како и во многу други држави што се безбедни, немаат замисла како е човек да живее со тие потешкотии во држава каде што има војна, каде што е небезбедно. Каде што едноставно се трудиш само денот да помине, а да останеш жив. Но, на крајот сите потешкотии носат само искуство и го прават човек позрел“, заклучи тој.

Емилија Петреска

Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.