[Интервју] Морфеј: Носиме бунтовност за промена на подобро, но и силна критика за лошото

Кумановското дуо Морфеј, составено од Небојша Тодоровски (гитара и вокали) и Дарио Циевски (тапани), неодамна го објави својот прв албум, „Огледало“. Бендот постои од минатата година, а веќе настапуваше на „Млади за Скопје“, но и на настапи како предгрупа на Украинците Stoned Jesus. За Радио МОФ, тие зборуваат за албумот, музиката која влијаела на нивното творештво, но и за алтернативната сцена воопшто.

Неодамна го објавивте вашиот прв албум, „Огледало“. На вашите настапи на „Младите за Скопје“  и кафулињата во Скопје и Куманово, публиката имаше позитивни критики. Ќе ја оправда ли албумот довербата на обожавателите?

На самите концерти го свиревме албумот, имаше позитивни и негативни критики што е нормално, посебно за млад бенд како нас. Речиси сме сигурни дека ќе ја оправда довербата што досега ја имаме стекнато, затоа што Горан Стојчевски (снимање, микс и мастеринг) успеа да ја долови нашата идеја за звукот што сакаме да го постигнеме. Се надеваме дека албумот ќе се прошири низ македонската алтернатитивна сцена и дека ќе ни отвори други врати.

Како настана „Морфеј“, од кога постои ова дуо?

Небојша: По Хипнополис, кој исто така беше моја иницијатива, сега сакав нешто кое ќе ме фасцинира и ќе го доведе и другиот музичар да се даде во творештвото. По неколку проби со Дарио сфатив дека во нас двајца има огромен потенцијал за творештво, имаме прочитано доволно и преслушано доволно музика за да бидам уверен дека дуото е машина која не продава плагијат, туку искрена музика која доаѓа од нашите срца.

Кои бендови и артисти извршиле најголемо влијание врз вас како музичари?

Дарио: Слушам доста разновидна музика, но можам да ги издвојам Porcupine Tree, Opeth, Radiohead, The Mars Volta, Tatran и други. А како музичари дефинитивно би ги издвоил Benny Greb, Gavin Harrison, Dave Weckl, Mark Guiliana, Jojo Mayer, Kaspar Rast и многу други. Константно истражувам и наоѓам нови работи да слушам, да учам од подобрите и да се надоградувам себеси. Исто така, доста сум под влијание од џезот и филозофијата што со себе ја носи.

Небојша: Ние сме под влијание на различна музика, но тука е тајната за нашата оригиналност. Jас исто така слушам разновидна музика, но моите омилени и највлијателни бендови се Sonic Youth, Radiohead, Portishead, Wilco, Petar Mamonov со Zvuki MU, Fugazi, итн. Како гитаристи, фасциниран сум од Тhurston Moore, Lee Ranaldo и Nels Cline но и Blixa Bergeld – како гитарист и како целокупен музичар. Понекогаш знам да пуштам џез за да ме опушти од типот на Dizzy Gillespie, Chat Baker, Louis Armstrong итн.

Од каде наоѓате мотив и инспирација за музиката која ја создавате?

Дарио: Инспирација се добива од слушање многу музика, одење на свирки и дружба. Музиката ја доживувам доста лично и било што што се случува околу мене влијае врз начинот на кој се изразувам. Паралелно одат личниот развој и развојот како музичар, со кратки зборови животот, случувањата и желбата за промена е тоа што мотивира да се создава.

Небојша: Како што вели и Дарио – значи животот, случувањата и желбата за промена е тоа што мотивира за да се создава. Сме разговарале меѓусебно доста за тоа што нè покренува да твориме и можам да кажам дека сме на иста бранова должина. Ја носиме таа бунтовност за промена на подобро, но и силна критика за лошото.

Како би ја опишале својата музика со неколку зборови, што е она што го творите за вас?

Дарио: Нашата музика ја доживувам како убаво склопена сложувалка. Пристапот во правењето на музиката ни е таков, прво правиме делови, разработуваме идеи, потоа работиме на аранжманот, ги склопуваме деловите и откако имаме генерална слика за тоа што сакаме да направиме со песната, потоа оди лесно. За мене ова е начин на изразување на мојата личност, креативност и имагинација. Преку музиката можам да искажам работи кои не би можел да ги искажам со јазикот, се доловува атмосфера, емоција, тензија и опуштање, чувства кои ако не би ги изразил со музиката би останале да тлеат некаде длабоко во мене.

Небојша: Музиката која ја создаваме со Дарио е прекрасно доживување затоа што го опфаќаме моментот од животот со песните и ако не го направиме тоа ќе остане да лебди. Многу е битен аранжманот, треба навистина да се препотиш неколку пати за да се најде адекватната линија во која ќе тече нашата песна. Тоа не е тешко за нас, ние тоа го сакаме, тоа сме го одбрале и знаеме дека таа капка пот вреди многу.

Алтернативната сцена во земјава во изминатата деценија се бори да преживее, а новите и млади бендови сè потешко се продираат на сцената. Вие и двајцата претходно сте имале бенд, а Морфеј е уште еден обид да се направи промена на сиромашниот музички пазар во Македонија. Каде сметате дека лежи проблемот – во публиката која ја има малку, или пак во монополот кој одредени издавачи и музичари го држат?

Мислиме дека публиката е тука, има луѓе кои сакаат да слушаат квалитетна музика и двајцата сме едни од нив. Во тој поглед сме оптимисти, но од друга страна контекстот на општеството е тој што ја кочи целата работа. Преоптовареноста со неквалитетни телевизии, корумпирани медиуми и општата нефункционалност е таа што ја прави буката за да не може квалитетот да дојде до оние кои што го сакаат, ниту пак до оние кои што не знаат дека го сакаат затоа што не се свесни дека има нешто различно.

Исто така, потребно е обединување на музичарите низ Македонија со помош на институциите, за да се создаде квалитетна конкуренција. Ако сме раштркани насекаде, секогаш може некој што има одредена група на луѓе да доминира многу повеќе од поединечните бендови, што горе-долу е ситуацијата на мејнстрим, а до некаде и алтернативната сцена.

Што сè се најде на „Огледало“ и каде беше продуциран?

На албумот се најдоа 10 песни кои ги создадовме во рок од 5-6 месеци, ги снимивме во студиото на ЕСРА факултетот во Скопје. Снимањето, миксот и мастерингот беа изработени од Горан Стојчевски, кој заврши прекрасна работа. Физичката копија на цедето со дизајнот од Стефан Бошковски, е во завршна фаза, така да, кој сака ќе може да го купи. За информации околу дистрибуцијата следете ја нашата страна на Facebook, затоа што сè уште не сме сигурни каде сè ќе може да се најде дискот.

Што после „Огледало“? Каде публиката може да ве очекува наскоро? Работите ли на нова музика?

Сега за сега, сакаме да го испромовираме албумот низ Македонија, сè уште сме во потрага по свирки низ нашата држава. Ќе бидеме на 103-ка наскоро, со концерт во живо и интервју во емисијата на Ѓорѓи Јаневски, исто така, ќе гостуваме во Пецетека на Урбан ФМ. Следете нè на нашата страна за детални и ажурни информации во врска со бендот.

Нова музика веќе се спрема, имаме една готова песна и една генерална идеја за втората. Така да, продолжуваме со исто темпо и се гледаме наскоро!

Стефанија Тенекеџиева