[Интервју] Мохсен Махмалбаф: Јас сум човек кој создава филмови за да го промени светот

Мохсен Махмалбаф е 58-годишен ирански режисер кој во 2005 година поради постојана цензура од власта бил принуден да го напушти својот дом во Техеран. Тој со своето семејство две години престојувал во Авганистан, но поради терористички напад за време на едно снимање, повторно бил принуден да се отсели. Тој ја продолжува својата одисеја патувајќи во Таџикистан, Индија, Израел, Франција, а во последните четири години живее во Англија. Махмалбаф е самоук режисер, а има освоено 17 меѓународни награди. Во Скопје тој допатува за да учествува на Скопскиот филмски фестивал, а во интервјуто за Радио МОФ зборува за цензурата која ја претрпел, но и за чувството да се биде режисер во еден режим.

Македонската публика (за време на мастер класот)имаше можност да проследи еден документарен филм во кој главни ликови бевте вие со семејството. Во филмот се зборува за тоа како вие, самоук режисер, сте успеале да ги научите вашите деца да прават филмови. Во еден момент сепак велите дека дека целта ви било да ги научите вашите деца и „на нешто повеќе освен правење филмови“. Што значи тоа?

Киното е медиум, киното е на многу начини техника на кажување нешто, но што е она што сакате да го кажете? Ако на пример ја познавате филозофијата, а го знаете и филмот, вашиот филм ќе има филозофска тема. Ако сте поет и го познавате филмот, велите дека сте филмски поет, а ако сте социолог или некој друг, вие сте запознаен со друга работа која се вкрстува со знаењето за филмот и храната од вашиот филм е по сопствениот вкус, но и ваша слабост. Филмот како филм нема ништо што да каже, тоа е техника, слика. Јас сметам дека е потребно минимално животно искуство и го споделувате вашето искуство, или ви е потребно нешто повеќе од филмот. Без тоа сте обичен техничар.

Преку „Авганистанска азбука“ успеавте да го промените законот во Иран за голем број деца бегалци да имаат право на образование. Зошто токму за него велите дека е најдобриот Ваш филм?

Поради резултатот. Поради тоа што јас сум човек кој прави филм за да се променат нештата, а овој филм промени многу работи. Животот на половина милион деца кои пред овој филм немаа право на образование. Затоа се запрашувам – зошто правам филм за да го променам светот? Кој е мојот најдобар филм? Оној кој направи промена.

На млада возраст бевте осудени на пет години затвор. Што научивте за време на престојот таму?

Многу. Пред затворот јас бев обичен работник, 13 различни работи во пет години на возраст од 17 години. Се научив на сиромаштија, моќта на сиромаштијата, на добар или лош начин. Научив колку луѓето страдаат. Без ова искуство не знаев каква е состојбата на поголемиот дел од луѓето на овој свет. Знаете, понекогаш сте во лоша состојба, но тоа е дарба бидејќи учите. Политичкиот затвор беше ист. Бев мачен и мојата рака беше целосно оштетена. Целата кожа ми беше уништена, беше само коска и зедоа кожа од мојата лева нога и бев со патерици долго време. Но, за време на ова сретнав 7000 политички затвореници, запознав 7000 ликови во мојата работа. Голем дел од ликовите кои ги создавам се оние кои јас ги запознав претходно и ги вкрствувам некои од нив за да создадам нов лик. За време на затворот ја имав можноста да го видам следниот режим бидејќи нивниот главен водич, премиер, министри, пратеници беа со мене во истиот затвор. Тогаш беа револуционери, потоа станаа диктатори. Ги знаев одблиску и знам дека дури и добрите луѓе можат да заминат кон погрешен пат. Затоа ја напуштив политиката и се придружив кон културните активности за да ги сменам работите. Без промени тука, дури и да сте револуционер, ако имате моќ вие сте истиот диктатор. Ова го научив од тој период.

Што е со цензурата на која бевте долго време подложни?

Цензурата е ужасна во Иран. Ние немаме само еден вид на цензура. Ние имаме политичка, религиска, па дури и културолошка цензура. Понекогаш забраната не доаѓа од владата, туку од публиката. Така што, тоа е истовремено политички и културолошки проблем.

Според вас, каква е состојбата со филмот во денешно време?

Пред 20 години, ние имавме помалку филмови од сега. Да кажеме, 2000 филмови за време на војната. Сега со дигиталниот формат имаме повеќе филмови. Тоа е добро бидејќи кинематографијата е подемократска, имате различни гласови, не е само на неколку луѓе како елитата кои можат да прават филм. Од друга страна, имаме премногу филмови за борби, многу филмови кои се направени за слава, за придобивка, за пари, а не за да се промени светот. Затоа, да се одбере добар филм е многу потешко од порано.

Како го гледате денес Иран, од една друга перспектива?

Сликата за Иран во медиумите е различна од реалноста за Иран. Од една страна, ние сме богата држава бидејќи имаме многу нафта и имаме долга историја, можеби повеќе од 2500 години. Пред 2500 години сме имале врста на човечко суштество кое владеело. Преку шансата за стекнување пари преку нафтата, Иранците се едуциран народ, посебно жените. Иран е богат и има образовани луѓе, половина од нацијата има пристап до интернет и младите генерации го откриваат мачењето на овој фундаментален режим. Така што – ние сакаме слобода, ние сме спремни за слобода, а Иранските луѓе се љубители на поезијата и културата, затоа имаме добра кинематографија. Многу уметнички филмови кои не беа цензурирани имаа публика од милиони луѓе, a во друга земја дури ни 2000 луѓе не одат да ги гледаат тие филмови. За богатата земја, образованата и поврзаната со модерниот живот, иднината е оптимистичка. Но, од друга страна, ние имаме многу примитивен, див, фундаментален режим. Тие немаат контрола како образованите луѓе. Дел од проблемот е поврзан со културата. Диктатурата има големо влијание врз луѓето.

Иако постојано патувате од една држава во друга, дали се уште го сметате Иран како ваш дом?

Не. Дури и пред да го напуштам Иран јас чувствував дека оваа планета е мојот дом. Јас верувам дека ние сме родени на оваа планета, а религиите, нациите и национализмот, како и политиката нè поделија географски. Но, ние сме истото човечко суштество, ние сме родени да бидеме среќни и пријателски настроени. Верувам дека ако не сте здрави ќе умрете. Ако не сте среќни ќе извршете самоубиство и кога не сме пријателски настроени еден кон друг ние се убиваме меѓусебно. Затоа, ние сме родени на оваа планета за да ги оствариме тие цели – здравје, среќа и пријателство. Зошто да мислам дека сум роден во Иран, а не на оваа планета? Зошто да мислам дека јазикот е мојот персоналитет? Не, јазикот е моето ограничување. Затоа сметам дека религијата, национализмот и многу други работи нè лажеа, а уметноста, особено кинематографијата нè спои повторно. Не како армија или како партија, туку нè спои запознавајќи нè меѓусебно, преку меѓусебно учење, преку споделување на нашата судбина.

Емилија Петреска