[Интервју] Младите треба да гласаат на референдумот – вие ќе продолжите да бидете Македонија

Младите треба да направат чекор наназад и да ја погледнат широката слика за својата иднина, порачува во интервју за Радио МОФ Луис Алварадо Мартинез, претседателот на Европскиот Младински Форум кој обединува повеќе од сто младински организации од Европа и ги застапува младинските политики во Европската Унија, Обединетите Нации и Советот на Европа.

Со него разговаравме за престојниот референдум и неговото значење за младите, за дилемите со кои се соочуваат младите луѓе од Македонија, како и за начинот на кој можат да се решаваат проблемите со кои се соочуваат.

Главната тема во Македонија е претстојниот референдум. Која е вашата порака до младите од Македонија во врска со одлуката со која се соочуваат во недела?

– Младата генерација има голема можност во нивните раце. Имам многу пријатели овде во Македонија и гледам како се соочуваат со разни форми на дискриминација. На пример, за секој случај кога вам, како млади луѓе од Македонија, ви било одбиено барање за виза, треба да излезете и да гласате, бидејќи можете да го промените тоа. Секогаш кога не сте успеале да ја добиете посакуваната работа, или посакуваното образование, стипендија, треба да гласате, затоа што може да го промените тоа. Ако чувствувате дека сте далеку од вашата сакана личност, затоа што живее некаде во Европа и не можете често да ја посетувате, треба да гласате, затоа што можете да го промените тоа сега. Ако не ви се допаѓа загадувањето на воздухот, инфраструктурата, можностите за работа или иднината воопшто, треба да гласате, затоа што ако сте дел од Европската Унија добивате можност да ги менувате овие работи. Овозможува надеж и можности за просперитетна иднина.

Една од дилемите со кои се соочуваат луѓето во Македонија е тоа дека од земјава се бара посебен услов за отпочнување на преговорите со Европската Унија, договорот со Грција, нешто што не е дел од вообичаените стандарди кога другите држави се приклучувале кон заедницата. Кое е вашето мислење за тоа?

– Европската Унија не е совршена. И оној кој ви го тврди спротивното, ве лаже. ЕУ има многу маани, но останува најдобрата опција која ја имаме. Најдобриот начин за подобрување на животот и можностите за граѓаните. Се работи за соработка на држави и за секоја нова членка потребна е согласност од сите земји. Историските односи кои ги имавте со Грција направија конфликт. Она што е тажно за мене, е што поради тоа недоразбирање може цела генерација да биде ставена во ризик. Во Европа сите ќе продолжат да ве нарекуваат Македонија. Повеќето членки на ЕУ имаат формални имиња кои се различни. Јас сум од Шпанија, нас не нè нарекуваат Кралството Шпанија. Мислам дека ова е политичка формалност. Сфаќам дека е чувствителна, но младите треба да направат еден чекор наназад и да се запрашаат: „Добро, која е пошироката слика овде. Која е големата шанса“. Затоа што ако сме фокусирани на малите детали на политичкиот конфликт, тогаш се оддалечуваме. Но ако ја погледнеме пошироката слика и ако речеме: „Ова ќе ми овозможи мобилност, подобра работа, образование, здравство, подобра перспектива за мојата иднина…“. Тоа е одлуката. Кога ќе бидете членка на ЕУ, тогаш ќе имаме друг разговор.

Сепак, дали го разбирате стравот кај дел од граѓаните за тоа како ќе се одрази врз нив промената на името одејќи по патот кон ЕУ?

– Знам дека за вас ова изгледа како огромна работа. Но, на пошироката европска сцена, ова е многу мала работа. Она што сите го сакаат е вие да станете полноправна членка на ЕУ и да бидете дел од дебатата внатре и да ги имате истите можности кои ги имаме ние и можностите во земјава да се подигнат. Во моментов, за жал, Македонија е во малку нерамноправна положба, бидејќи Грција има одредена предност во споредба со вас. Кога ќе станете членка, тогаш никој нема да ја има таа предност пред вас и тоа е многу важно. Пораката за младите луѓе е – не дозволувајте мала пречка да ви ја попречи вашата иднина. Бидејќи ЕУ ќе ви ги обезбеди сите можности кои ги сакате.

Од говорите на македонските политичари се добива впечаток дека членството во ЕУ ќе ги реши сите наши внатрешни проблеми. Вие и самиот рековте дека ЕУ не е совршена, а Македонија се соочува со голема младинска невработеност, многу млади немаат јасна претстава за својата иднина, додека истовремено луѓето продолжуваат да ја напуштаат земјата во потрага по подобар живот. Кои проблеми ќе бидат надминати со ЕУ интеграцијата, а што е она што самите граѓани на Македонија треба да го решат.

– ЕУ нема преку ноќ да ви ги реши вашите проблеми. Но, може да ви даде пари, алатки и механизми за тоа. Бидејќи сите проблеми со кои се соочува Македонија веќе успешно ги разрешиле некои од членките на ЕУ. Вашите проблеми нема да исчезнат со влез во ЕУ, но ќе имате ресурси, поддршка и финансии за да се справите со нив. Дискусијата тогаш ќе биде околу тоа како Македонија ги решава своите проблеми, но со помош на ЕУ.

Во Македонија нема преголема организираност на младите која би ги обединила и застапувала нивните барања. Колку е важен таквиот механизам за да се направат промени за младите?  

– Многу е важно. И доколку ја поддржувате владата и доколку не се согласувате со неа, реалноста е дека владите немаат пари, ресурси, време и знаење за да ги реши сите проблеми. Тоа што ние очекуваме владите да ни ги решат сите наши проблеми, не функционира. Само преку соработка на владата, бизнис секторот и силно граѓанско општество можат да се решат проблемите. Затоа е многу важно кога пристапуваме во групи кои ни го зајакнуваат нашиот глас. Дел од организациите, како Националниот младински совет на Македонија, се обидуваат да го направат тоа – да обединат колку што е можно повеќе различни гласови, затоа што тоа ви дава поголем глас кон владата и поголемо влијание за промена на работите. Но, важно е младите луѓе да разберат дека не треба да очекуваат владата или било која организација да ги средат нивните животи. Сите треба да придонесеме. Важно е што сте побарале од владата повеќе средства за граѓанските организации, тоа треба да го барате и од бизнис секторот и да продолжите да барате силно граѓанско општество кое некогаш нема да се согласи со владата околу одредени политики, некогаш ќе се сложи со неа и ќе и помага во имплементирање на политики, а некогаш ќе обезбеди нови истражувања, нови податоци и нови идеи. Улогата на граѓанските организации е да ги обезбедат размислувањата за кои владата нема време. Зошто владата решава милион кризи секојдневно. Лесно е да се критикува владата, но реалноста е дека кога ќе станете дел од власта мора секој ден да гасите „пожари“ и немате време за долгорочни визии. Тука е важноста на граѓанскиот сектор.

Даниел Евросимоски