[Интервју] Младите се селат од Македонија поради нивниот оптимизам и надеж дека некаде е подобро

[Интервју] Младите се селат од Македонија поради нивниот оптимизам и надеж дека некаде е подоброЕвропскиот институт за статистика „Евростат“ пред околу половина година излезе со податок дека државата ја напуштиле 230.000 претежно млади луѓе. Дополнително фрапантен е податокот што се повеќе млада интелгенција ја напушта Македонија и речиси и да не размислува за враќање назад. Kако да се запре одливот на млади умови надвор од границите на земјава, за порталот Фактор одговара Аница Драговиќ, продекан на Филозофскиот факултет, универзитетски професор – експерт за статистика и демографија.

Алармантна е бројката на млади луѓе кои ја напуштаат земјава. Зошто?

Ниедно отселување не е случајно. Тоа е долго промислувана одлука која произлегува од контекст на средината во која се живее и достапноста на информациите и карактеристиките на местото на доселување. Во таа смисла може да се каже дека отселувањето или намерата на младите лица да ја напуштат нашата државата е поради нивниот оптимизам, нивните очекувања и надеж дека некаде е подобро, отколку каде се наоѓаат во моментот. Очекувањата се дека во земјите со постабилна економија и социјална сигурност животните можности се побројни. Очекувањата се дека во тие земји заработувачките се повисоки. Можноста и условите за работа во научно-техничките и другите научни истражувања се подостапни, но и изгледи да се напредува во работната кариера се поголеми. Очекувањата се дека има подобри услови за живот и живот ослободен од егзистенцијални проблеми.

Дали досега е изработена некоја сериозна стратегија за спречување на одливот на млад кадар?

Според моите сознанија, без исклучок, во сите постоечки државни стратешки документи, кои се однесуваат на населението и неговиот развој, миграциите, а особено миграциите на младите лица, како и миграциите на лицата кои се висококвалификувани, лица кои имаат завршено универзитетско образование се истакнува како проблем и се соодветно се предлагаат насоки на делување. За мене, ова се факти кои говорат дека државата е свесна за овој проблем и го прифаќа како проблем кој може да има свои последици врз понатамошниот развој на населението, како во демографска, така и општествена и економска смисла на зборот. Она што јас го знам, е тоа дека во јавноста имаше најава дека се подготвува стратегија за превенција или намалување на т.н. одлив на умови и моите очекувања се тоа да биде документ кој на сериозен начин ќе пристапи на овој многу комплексен проблем. Како што е впрочем состојбата и во другите стратешки документи. Имено, во сите стратешки документи кои се однесуваат на развојот на населението, вложен е голем труд и сериозно и претпазливо се дефинирани насоките и мерките и активностите, размислувајќи за одржливоста на истите, како и за нивната усогласеност со меѓународните документи и практики. Но, за мене многу позначајно е дали има имплементација на истите?

Имаме ли ние истражување колкав е одливот на млада интелегенција во последниот период?

Секако дека проблемот на одливот на умови е препознаен и меѓу научната јавност и тоа се изразува преку истражувања, проблематизирање на овој феномен во научните списанија, во јавноста, па и преку дискусиите кои ги имаме на часовите со нашите студенти. Постојат истражувања на оваа тема, истражувања поддржани од различни институции или поединици, но би рекла дека потреба за истите сè уште постојат. Сè уште имаме прашања за кои сме должни како општествени истражувачи, научници да дадеме одговор. Да дадеме одговор за потенцијалите за отселување од државава, но да ги анализираме и процесот на прилагодување и интегрирање на нашите во светот.

Кои се вашите препораки како треба да реагира државата за да се запре одлевањето на младите умови?

Да се делува во насока на подобрување на отварањето на можностите за поголема перспектива, отварање на можностите за вработување, остварување на можностите за задоволување на езистенцијалните потреби и квалитетен живот, но исто така и континуирано следење, емпириско документирање на овој феномен. Она што сакам да истакнам е тоа дека не треба да се има негативен однос кон овој феномен. Точно е дека државата со отселувањето губи квалитетен човечки капитал, ја губи својата инвестиција која ја дала преку процесот на образование, но феноменот brain drain или одливот на млади умови е сè поприсутен. Светот се менува, а меѓународните миграции се препознаваат како релевантен фактор на тие промени. Во современиот свет, во ерата на глобализацијата, на размената на умовите се гледа како на нормален феномен. Во услови кога глобализацијата како процес се доближува до својот врв и нејзиното присуство е видливо во сите сфери на делување, на отселувњето на висококвалификуваните лица, нивната мобилност надвор од местото на живеење се гледа како на олеснителна можност помалку развиените земји да се интегрираат во глобалната економија. Сè почесто се размислува за позитивните аспекти од одливот на умовите, па се истакнува дека тоа е сè поголемата мотивација за студирање на оние кои остануваат во земјата, сè поголемото зајакнување на меѓународните врски и размена на знаење – на движењето, на луѓето се гледа како моќен извор на трансфер на знаење, технологија, бизнис вештини, мрежа на контакти, дури и трансфер на технологоија. Третиот позитивен аспект се гледа во враќањето во земјата на т.н повратници од кои се очекува со своето знаење, вештини да дадат свој придонес за развојот на земјата, да ги исползуваат своите контакти кои ги имаат во странство и да воспостават контакти во академската средина, но и на полето на истражувањата и на тој начин да дадат свој придонес за развојот на економијата.

Имајќи ја на ум масовноста на овој феномен ми се наметнува размислувањето дека кога зборуваме за одливот на млади умови во Р. Македонија треба да се размислува: 1. како да намали одливот на умови (во услови на глобализација тој не може да се запре) 2. да се разгледа можноста за бенефитот кој може да го има државата, општеството од нивното привремено враќање во нашата држава. Превенцијата од идно емигрирање на младите луѓе наложува заеднички напори на многу институции и приод насочен кон подобрување на животниот квалитет на младите од сите аспекти (образование и квалификација, работа и професионално оспособување, семејство и деца, домашни услови за живот, личен развој, учество во граѓанското општество и др.)

Целото интервју може да го прочитате на Фактор.