[Интервју] Млади битолчани најдоа решениe за автобуска постојка што ќе ја намали гужвата во Скопје

Брзиот раст на населението во Скопје и неговото централизирање секојдневно резултира со огромни гужви во јавниот превоз и воопшто во сообраќајот. Тоа, пак, придонесува за зголемување на загадувањето, кое е проблем број еден за скопјани и граѓаните кои живеат во главниот град, особено во зимскиот период.

Инспирирани од овој проблем, четворица млади луѓе од Битола создадоа идејно решение за тоа како треба да изгледа една паметна автобуска постојка. Нивната идеја е добитник на наградата за најдобар дизајн на хакатонот, кој се одржа овој викенд, во организација на  Фондот за иновации и технолошки развој и ЈСП. Нивната автобуска станица ќе биде поставена на „Рекорд“.

Мила Рориќ, една од архитектите во тимот, за Радио МОФ вели дека гужвите во јавниот превоз е голем и широк проблем, па затоа тие се обиделе да го опфатат секој агол за негово надминување.

„Паметната автобуска постојка треба да им овозможи на корисниците на јавниот превоз информации и опции за нивното патување, преку директна интеракција на корисникот со системот на јавен превоз, односно добивање на повратна информација во реално време, за тоа како најбрзо и најрационално да стигне до саканата дестинација во однос на параметрите кои ќе ги зададе“, објаснува таа.

Тимот „Urban lab 1“ е спој на  три различни профили – архитектура, софтверски инженеринг и електротехника. Рориќ вели дека сите подеднакво дале придонес од својата област, со цел да се добие квалитетно решение.

„Станува збор за проблем кој може да се разгледа малку пошироко. Нашиот главен град во изминатава деценија доживеа рапидно зголемување на бројот на населението, а од друга страна тој е прилично централизиран. Имено, најголемиот дел од јавните сервиси и компании се сконцентрирани во централното градско подрачје, со што се создава огромна фрекфенција на движење низ него. Моменталниот начин на функционирање на јавниот, и општо на целиот сообраќаен систем во центарот, придонесува за концентрација на граѓаните во одредени точки каде се создава гужвата“, вели оваа архитектка.

Критериумите за овој конкурс беа решението да биде оригинално и применливо. Рориќ појаснува дека во светот веќе функционираат различни паметни постојки во држави како Германија, Франција, Шпанија, Русија, Австралија.

Сега, по победата, останува да се имплементира нивната идеја.

„За нас најголем предизвик претставува да добиеме можност да учествуваме во детална разработка на решението и тоа да резултира со негова реализација. Но, во овој момент, сè уште е рано да зборуваме за конкретните идни чекори“, рече Рориќ.

Проблемот со гужвите познат и за битолчани

За најголемите гужви во Битола причинители се автомобилите, додека гужвите во јавниот превоз сè уште не се така изразени како во Скопје, вели архитектката.

Таа и нејзиниот тим се надеваат дека во иднина ќе се зголеми бројот на битолчани кои ќе го користат јавниот превоз, да споделуваат возило, или да го користат велосипедот како превозно средство.

Одличен пример во таа насока, според неа, се Берлин, Цирих, Париз и Минхен, за кои вели дека имаат одлично развиена и поврзана мрежа на јавен транспорт, која се карактеризира со точност, ефикасност, како и јасност при информирањето на патниците за начинот на користење на целиот транспортен систем.

„Кај поголемите европски градови покрај автобусите,имплементирани се повеќе типови на јавен превоз, како што се метроата и трамваите, со што е зголемен капацитетот на јавниот превоз да услужи многу поголем број на патници“, рече таа.

Покрај Рориќ, во тимот беа вклучени и Дејан Томски како архитект, Марија Најдоска архитект и студент на ФИНКИ и Ѓорѓи Нусев, докторант и инженер по електротехника.

„За нас беше предизвик да работиме на дизајнирање на неконвенционална автобуска постојка бидејќи сакаме да истражуваме и да изнајдеме начини како со помош на современите достигнувања во технологијата, можеме да ги унапредиме нашите градови, за тие да станат ефикасни, паметни градови.

Од аспект на мотивацијата, ние секогаш ја поздравуваме идејата да се објавуваат конкурси и натпревари да се изнајдат различни можни решенија за проблемите во урбаната средина, па потоа да се избере најдоброто или да се обединат најдобрите сегменти од повеќе решенија. Исто така, конкурсите се добар начин да се промовираат младите автори пред пошироката јавност“, подвлече Рориќ.

Е.П.