[Интервју] Мит Кобан: „Брегзит“ не беше против ЕУ, туку казна за политичарите

Две години од излегувањето на Велика Британија од европското семејство, населението сè уште не знае што му се случи и каква ќе биде иднината на државата. Тие дури сега почнуваат да ги осознаваат вредностите на Европската Унија и бенефициите кои ги добивале. За младите Британци ќе важат истите правила и бариери како и за нивните врсници од државите кои чекаат да станат членови на европската заедница.

Мит Кобан од британската организација „Мој живот, мој глас“ („My life, my say“), еден од говорниците на конференцијата „Мисли на глас“, организирана од Младински образовен форум, во интервју за Радио МОФ вели дека голем дел од јавноста во Велика Британија денес е фрустрирана и изморена од дебатите.

„Само сакаат да помине, без разлика дали ќе излезат или ќе останат во ЕУ, само сакаат решение за проблемот, бидејќи поминаа веќе две години и никој не виде некакво решение. Мислам дека добар дел од јавноста не верува дека актуелната влада ќе работи на „Брегзит“, за иднината на генерациите што доаѓаат. Затоа, од неодамна ја имаме новата кампања насловена „Гласот на народот“, која се ангажира во анимирање на јавноста да гласа“, вели тој.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изрази поддршка на кампањата, како и поголемиот дел од Европската Унија.

„Мислам дека најголемиот предизвик за нашата генерација ќе биде фактот што во текот на нашиот живот ние пораснавме со тоа што отсекогаш сме биле дел од Европската Унија, не постоеше идејата за физички граници за нас. Вообичаено кога сакате да одите да студирате и да работете надвор од државата, можевте да го направите тоа без некакви ограничувања. Можете да ја земете вашата торба и да одете секаде низ Европа за да почнете нов живот, но тоа нема да биде возможно со излегувањето од Европската Унија“, забележа Кобан.

Според него, ако имало поинаков пристап од самиот почеток, односно ако се воспоставеле поблиски врски со ЕУ, можеби ќе се задржеле дел од придобивките. Но, проблемот во Велика Британија, вели Кобан, е тоа што многу луѓе гласаа за напуштање на ЕУ поради миграцијата и мигрантите.

Резултатите од „Брегзит“ покажаа дека постои голема поделеност во мислењата помеѓу младата и возрасната генерација. Тоа го покажуваат и резултатите, односно 75 отсто од младите гласаа да останат во ЕУ.

„Прво, референдумот беше избрзан, имавме само три месеци за да дискутираме такво сложено прашање. Никој не знаеше на пошироко ниво што сè ЕУ прави, што всушност и беше добро прашање за нас откако ја напуштивме. Следниот ден, се запрашавме што е ЕУ? Како врв на тоа, ние не сме едуцирани за ЕУ. Ние не сме растени како европејци. Останатите држави имаат европски идентитет, но ние го немаме. Сè уште постои историската идеја како Велика Британија некогаш била империја и сакаат да го воспостават повторно тоа, но реалноста е тоа дека ако ја напуштиме ЕУ, ќе изгубиме дел од таа моќ, бидејќи не сме повеќе третирани како еден голем блок, туку само како една нација. Но, исто така, луѓе беа излажани, и од двете страни, но особено од страната за да се излезе“, посочува Кобан.

Еднo од нивните кампањски видеа за повикување на младите да гласаат на референдумот:

Have your say on Brexit!

WATCH & SHARE: Have your say on Brexit!

Posted by My Life My Say on Tuesday, 12 September 2017

„Исто така, другата поголема причина поради која луѓето не често зборуваат, а сметам дека е важна, е тоа што е лесно да ги етикетирате сите кои гласале да излезат од ЕУ како неедуцирани и да им кажете дека се расисти, а тоа е сосема погрешно. Мислам дека во поголемиот дел од Велика Британија има две работи – една, луѓето не им веруваат на политичарите и со години биле разочарани од институциите и второ – има многу градови во Велика Британија каде има сериозни проблеми поради тоа што нема инвестиции и има голема невработеност. Така што, за овие луѓе, референдумот беше еден начин на протест. Не станува збор дека ја мразат ЕУ, тие сакаа да направат чекор против естаблишментот“, додава тој.

Според Кобан и неговата организација, мит е верувањето дека младите не се грижат и се апатични за она што се случува околу нив.

„Секако дека се грижиме. Ако го прашате некој дали се грижи да има свој дом, или добро платена и достоинствена работа, секако дека секој има мислење. Но, проблемот е, бидејќи не сме едуцирани за демократија во Велика Британија, некои не ги гледаат традиционалните форми на политиката како алатка за да ги изразат тие проблеми“, смета тој.

Кобан вели дека младите Британци не прават разлика меѓу локалната, регионалната и националната политика и немаат учено за тоа како функционира демократијата.

„Јас ги знам овие работи бидејќи посетував факултет за тоа, но многумина од моите пријатели не би ги знаеле овие работи. Така што, тие се политички ангажирани, се грижат за нивните животи, но не ја гледаат поврзаноста и не знаат како да ја канализираат таа енергија. Би кажал уште една работа, „Брегзит“ ја политизираше нашата генерација во Велика Британија. Слично е на референдумот во Шкотска, кога голем дел од младите беа политизирани после тоа. Сега со „Брегзит“ многу повеќе луѓе почнаа да размислуваат за тоа како би изгледала иднината“, нагласува Кобан.

Политичките избори не треба да се однесуваат само на изборниот резултат, за тоа кој ќе победи и што потоа, туку  се работи и за тоа како како и колку граѓаните меѓусебно се поврзани како заедница, смета тој.

„Ќе ви дадам пример – во мојата областа, Хакни, која порано беше позната како гетото на Лондон, направи огромна трансформација во областа на економијата и власта. Но, ако луѓето не се вклучени во донесувањето на одлуки и процесите, на крај ќе имате раст и просперитет без никаков бенефит за локалните жители, бидејќи политиките се направени без да се земат предвид условите во кои се наоѓаат жителите“, анализира Кобан.

Затоа, според него, е важно младите да се вклучат во обликувањето на одлуките.

„Но, и кога велиме младите – тоа е многу широка категорија. Има различни возрасти – ги имаме тинејџерите, оние од 20-тите. Младите жени имаат различни предизвици од младите мажи. Обичните млади имаат различни предизвици од оние кои се со посебни потреби или ЛГБТ заедницата, како и младите од различни верски групи. Така што, мора да имаме различен пристап, бидејќи токму тоа е социјална инклузија“, забележува тој.

„Мојата порака за вас младите во Македонија би била дека го почитувам тоа за што сте одлучиле да гласате, но мислам дека е важно да учествувате во референдумот бидејќи тоа е ваше право. Луѓе умирале за тоа право стотици години порано и мислам дека треба да се искористи.

„Дури и да не го правите за себе, направете го за вашата генерација, бидејќи во Велика Британија политичките партии порано не се грижеа за младите луѓе. Секој пат кога се обидувавме да се поврземе со нив, тие секогаш немаа разбирање, но по изборите во 2017 година, бидејќи имаше голема излезеност од младата генерација, сега во нас гледаат сериозно гласачко тело. Па, денес, тие мораат да смислуваат политики и за младите, бидејќи знаат дека ако не го направат тоа, младите нема да ги гласаат“, заклучи Кобан.

Емилија Петреска