[Интервју] Марио Савовски: Иднината е дигитална, колку и да не сакаме ние писателите да го признаеме тоа

Каде водат скриените страни на сајтот http://0101001101001011.com/ ? Што е со тајните документи? Каква е таа организација по име Отралкон?

Одговорите на овие прашања ги содржи интерактивната книга Урбанон: Тајните Документи“, која издадена во 2018 година, е прва од ваков вид во земјава. Книгата ги документира урбаните легенди и натприродни случки од територијата на нашата држава.

По извесен период интерактивната книга на Марио Савовски прераснува во друштвена игра „Урбанон: Прирачник за Агенти . 

„Codename: Urbanon“ е игра во Виртуелна реалност (VR) сместена во светот на книгата „Урбанон“, која авторот ја најави пред само неколку дена.

Интерактивната книга „Урбанон“, друштвената игра, виртуелната реалност и за тоа како македонската книжевност ја искористува дигитализацијата се темите на кои Радио МОФ поразговара со авторот Марио Савовски.

Што претставува „Урбанон“?

„Урбанон“ започна како идеја за збирка на урбани легенди и страшни приказни налик оние кои се популаризирани во американските филмови и серии. Сакав да направам книга во која читателот ќе се соочи со мноштвото на урбани легенди и натприродни случки од територијата на нашата земја. Од таму, земајќи инспирација од сериите „X-Files“ и „Fringe“, како и сајтот „scp-wiki“, решив да ги претставам овие приказни во форма на документи (извештаи) од тајна организација која ги истражува овие мистериозни и често паранормални феномени. Со ова, легендите добија еден вид на „реалност“ или легитимност. Финалниот продукт е „Урбанон: Тајните Документи“ – збирка документи од тајна организација која читателот ја доживува како „вистинска“. Целиот проект беше поддржан од Министерството за култура на Македонија, и дека ова е првата интерактивна книга од тој тип кај нас, бидејќи книгата е во комбинација со вебсајт и апликација преку кои читателите можат да откријат дополнителни содржини и активно да истражуваат за да дознаат нови урбани легенди. 

Кои други проекти произлегоа од книгата?

После првата книга, решив да направам нешто поинакво и подеднакво ново кај нас – друштвена игра со улоги (tabletop roleplaying game). Идејата ја поттикна мојот пријател Кристијан Станкоски (кој исто така работеше на играта), и заедно склопивме еден систем на правила за играње преку кои играчите ќе бидат ставени во улоги на агенти на организацијата кои ги истражуваат овие урбани легенди. Така се роди „Урбанон: Прирачник за Агенти“, друштвена игра налик „Dungeons & Dragons“ или „Vampire: The Masqueradе“, а воедно и проект кој беше поддржан од Министерството за култура. Пак, ова е нешто што сметав дека фали кај нас, и горд сум што можам да кажам дека конечно и Македонија има сопственa игра од овој тип. По играта, последниот проект што произлезе од Урбанон е „Codename: Urbanon“, што е игра во Виртуелна Реалност (VR) сместена во светот на книгата. Овој пат, со проектот конкуриравме на повикот „Стартапувај“ на Фондот за иновации и технолошки развој, па проектот се најде на листата на поддржани проекти избрани од Фондот.

Како се разви идејата за Virtual Reality, и кога да се очекува пристап за читателите?

Идејата дојде од мојот пријател и „partner-in-crime“, Милан Петровски од Melstech (воедно, Melstech е студиото кое ќе ја развива играта). Тој дојде со идејата да направиме VR игра во светот на Урбанон, што ќе ги стави играчите директно во чевлите на тајните агенти од организацијата и ќе ги претстави приказните на еден тотално иновативен и интерактивен начин. Играчите, преку VR уредот ќе се најдат во светот на урбаните легенди, и ќе треба преку директна интеракција со светот на играта (користејќи ги контролерите, а и преку целосно движење на сопственото тело) да истражуваат и да ги решат случаите на кои ќе бидат пратени. Моментално проектот е во препродукција, а читателите (и гејмерите) можат да очекуваат пристап во светот на Урбанон наредната година.

Дали македонската книжевност ја искористува дигитализацијата за да ги привлече читателите?

Во нашата држава општо имаме проблем со тоа што нема доволно заинтересираност за читање и книжевни дела. Но во последниве неколку години гледаме дека авторите и креаторите се трудат да искористат нови модерни алатки со цел да привлечат повеќе читатели. Имаме неколку платформи каде читателите можат да превземат дигитални книги, како и од скоро време се појави и платформа за аудио-книги. Општо можеме да видиме дека луѓето се помалку време поминуваат со книга во рака, а се повеќе со телефоните на социјалните мрежи. Па така сметам дека за да се привлечат повеќе читатели треба да се искористи моментот на социјалните мрежи, да се инволвираат директно луѓето на еден интерактивен начин, дали преку создавање на интерактивни приказни, или преку презентирање на книжевните содржини низ социјалните мрежи. Иднината е дигитална, колку и да не сакаме ние писателите да го признаеме тоа. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е и ние да се модернизираме и да ги искористиме новите технологии во наша полза, наместо да им се спротивставуваме.

Ивана Смилевска