[Интервју] Марина Стојановска: Жените во македонската наука ги има, но ретко на одлучувачки позиции

Жените научници во Македонија се застапени во голем број во повеќе сектори, но нивниот број е многу помал кога станува збор за донесување одлуки и мониторинг, вели во интервјуто за Радио МОФ д-р Марина Стојановска, доцент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, која се занимава со методика на наставата по хемија и истражувања од областа на образованието.

Таа додава дека и покрај глобалните бариери за жените во науката, интересот на жените за научните области во Македонија расте, а стереотипите кон нив се намалуваат.

За предизвиците, предрасудите и стереотипите со кои се соочуваат жените во науката, но и за условите за работа во македонската наука со Стојановска разговаравме пред 11 февруари – Меѓународниот ден на девојките и жените во науката, кој оваа година се одржува по трет пат.

Кој е Вашиот став по повод 11 февруари, Меѓународниот ден на Обединетите нации за девојките и жените во науката? Како е да се биде жена која се занимава со наука во Македонија денес и со какви предизвици се соочувате?

Жената има голема улога во науката и ова станува многу важно и приоритетно прашање. Според едно истражување, во Македонија жените се застапени во голем број сектори поврзани со енергија, транспорт, животна средина, здравствени услуги и со наука. Сепак, нивниот број е многу мал кога станува збор за дизајн и имплементација на различни планови, донесување одлуки и мониторинг. Според истото истражување, забележан е генерален тренд на зголемување на бројот на студентки на медицински, природнонаучни и земјоделски науки, особено на трет циклус студии. Сепак, падот од 30 % на глобално ниво на жени истражувачи укажува на сериозни бариери при вклучувањето на жените во научните истражувања.

Од друга страна, пак, утврдено е дека 72 % од испитуваните жени во Велика Британија во 2008 година планирале да станат истражувачи кога биле на почеток на своите студии, но само 37 % ја оствариле оваа цел. Причините за ова биле обесхрабрувањето на жените да се занимаваат со научни истражувања, почестите судири со претпоставените, како и прилагодувањето кон навиките на нивните машки колеги. Сè уште, и покрај зголемениот број студентки на различни нивоа на студирање, се забележува разлика во половата застапеност меѓу научните истражувачи во Европа.

Мајчинството е уште еден фактор кој влијае на ангажираноста на жените како научни истражувачи. Тоа подразбира жената да биде отсутна од работа поради грижата за семејството и оневозможува патувања заради стручно усовршување и други работни обврски. Ова не е случај само во една професија, туку важи генерално. Има случаи жена да добие привремено работно место наместо постојано заради прашањето на мајчинството.

Во медиумите, научниците/науката, сè уште, претежно се идентификуваат низ машки ликови. Сметате ли дека постојат предрасуди кон жените во науката и како тоа да се промени?

За жал, предрасуди кон жените постојат и денес, иако сè помалку. Ваквите предрасуди, свесни или несвесни, водат кон погрешна претстава дека жените не се успешни колку и мажите. Познат е коментарот на англискиот биохемичар Ser Richard Timothy Hunt, кој е и Нобеловец, дека претпочита т.н. машки лаборатории бидејќи, како што вели тој, „три работи се случуваат кога има жени во лабораторија: се вљубуваш во нив, тие се вљубуваат во тебе и кога ги критикуваш, тие плачат“. За оваа негова изјава, тој подоцна јавно се извинил.

Многу држави претпочитаат поголема полова еднаквост во науката и сметаат дека тоа ја зголемува нивната конкурентност во светската економија. Едноставно, жените треба да имаат исти можности како и мажите во однос на образование, обука, вработување итн.

Колку се жените и мажите во науката рамноправни во Македонија? Дали некогаш сте се нашле во нерамноправна положба или дискриминација во поглед на мажите научници само затоа што сте жена?

Сметам дека денес во Македонија сè повеќе жени се одлучуваат професионално да напредуваат во животот и да се посветат на научноистражувачката работа. Значително се намалени стереотипите дека една жена не може истовремено да биде успешна и на приватен и на професионален план. Во тој поглед, од моето досегашно професионално искуство не сум почувствувала полова дискриминација. Навистина, отсуството од работа поради мајчинство влијае на работните активности, особено доколку тие се поврзани со патувања. Но, денес постојат многу можности за работа од дома и тој период не би требало во голема мера да ја попречи успешноста на жената на работното место. Од моја гледна точка, бидејќи сум и мајка, сметам дека мајчинството си носи многу позитивни елементи и претставува посебен период во животот на жената; нешто што не може да се замени со ниту едно истражување, туку самото тоа претставува едно долготрајно и прекрасно истражување чиј исход никогаш не може до крај да се предвиди. Всушност, мажите се оние кои се дискриминирани во овој поглед!

Колку се вложува во науката и каков е интересот на младите да се занимаваат со наука?

Би било премногу оптимистички да бидеме задоволни од постојната состојба на овој план во Македонија. За жал, постојат доста ограничувачки фактори во општеството кои го отежнуваат вистинскиот напредок на науката и научноистражувачката дејност, воопшто. Пред сè, тука е фактот дека од страна на државата недоволно се издвојуваат средства за развој на науката, особено ако се спореди со поразвиените земји каде што тој процент е значително повисок.

Освен тоа, повеќе години наназад постои проблемот со вработување на млади истражувачи на Институтот за хемија, но и на Природно-математичкиот факултет во целина, а сето тоа влијае на квалитетот и на наставата и на научната работа. На овој план недостасуваат и проекти кои ќе подржат истражување во образованието и науката, а поради недостаток на средства не сме секогаш во можност да учествуваме на меѓународни конференции и да бидеме во тек со најновите достигнувања од областа на хемијата иако континуираната едукација и усовршување се едни од предусловите за напредување во кариерата. Впрочем, успешноста се мери преку научни, наставни и апликативни дејности, но најчесто научните активности земаат најголем дел. Затоа, честопати сме принудени таквите активности сами да ги финансираме и од нашите, и онака ниски плати, да издвојуваме за пат, сместување и котизација.

Во однос на интересот на младите кон природните науки, можам да кажам дека на Природно-математичкиот факултет во Скопје бројот на студентки запишани на прв циклус на студии е значително повисок од бројот на студенти. Така на пример, на студиите по хемија 20 % се студенти, а дури 80 % студентки. Слична е ситуацијата и на студиите за биологија, математика, математика-информатика и математика-физика. На двопредметните студии по биологија-хемија има исклучиво студентки (100 %). Бројот на студентки на студии по физика и по етнологија и антропологија е сè уште над 50 % и се движи од 60 до 65 %. Незначително повеќе студенти има на студии по географија (52 %), а единствен исклучок се студиите по информатика и информатички технологии каде што вкупно има само 36 % студентки. Да сумирам, распределбата на машки и женски студенти на Природно-математичкиот факултет е во корист на женските и тоа 69 наспроти 31 %.

Интересно е да се разгледа распределбата на бројот на студенти според полот и на вториот и третиот циклус на студии. За вториот циклус не располагам со вакви информации, но интересен е податокот дека оваа година на Институтот за хемија на втор циклус студии се запишале 100 % студентки. На трет циклус студии за хемија се запишани вкупно 78 % студентки и 22 % студенти.

Како гледате на перспективата на младите научници во Македонија?

Љубовта кон науката треба да се развива уште од најрана возраст, но за тоа треба соодветен систем на образование и доволно финансиски средства истиот да се реализира. Така на пример, за успешно изведување на наставата по хемија и во основното и во средното образование неопходна е хемиска лабораторија опремена со лабораториски прибор, инструменти и други нагледни средства. На сите нам ни е познато дека часовите по ликовно не може да се замислат без блок за цртање и боици; часовите по физичко – без топка, часовите по музичко – без музички инструмент, часовите по географија – без атлас… Така, и за часовите по хемија потребен е кабинет опремен со лабораториски прибор и хемикалии. Тоа е единствениот начин вистински да се изучува хемијата и да се негува љубопитноста, креативноста и критичкото мислење кај учениците.

Ситуацијата со непостоење материјали за работа е алармантна. Неопходна е ре­дов­на набавка на средства за работа и на факултетите и во училиштата, но и постоење на основни средства и инструменти за работа, односно обезбедување годишен фонд на средства за настава по овие предмети. Освен тоа, неопходно е и реновирање и опрему­ва­ње на лабораториите и хемиските кабинети.

Освен неопходната опременост на училиштата, државата мора да има свое учество и при стимулација на талентираните ученици и ова до некоја мера се прави. Позитивно е стипендирањето на учениците како резултат на постигнатиот успех на државни и меѓународни натпревари по математика и природни науки, како и заради освоени медали на олимпијади. Сепак, вторите најодговорни за медалите освоени на олимпијади (првите се секако самите ученици) се универзитетските наставници кои учествуваат во нивните стручни подготовки и ги водат учениците на олимпијади. Секако, потребна е поддршка во обезбедување финанскиски средства за организација и реализација на подготовки и учество на олимпијади, соодветна валоризација на постиг­ну­вањата на учениците и менторите кои ги подготвуваат и водат, како и мотивирање на учениците за продолжување на студиите во нашата држава од областа во која се нат­пре­ва­рувале и тоа по следниов редослед: 1. подготовки, 2. патување на олимпијада и 3. награди за освоен медал.

Ниските плати на универзитетските наставници се уште еден фактор кој влијае на одлуката младите во Македонија да се занимаваат со научноистражувачка работа. Впрочем, ова делува демотивирачки за идните студенти кои наместо природни науки за кои е потребен поголем труд и усовршување, одбираат „попрофитабилни“ професии.

Во рамки на активностите на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, со дел од колегите сме вклучени во многубројни настани насочени кон популаризација на природните науки (органи­зи­ра­ње натпревари, сениорски и јуниорски олимпијади, семинари за наставници, работилници, хемиски спектакли и други манифестации), организирање научни конференции, издавање научни списанија и учебни помагала итн. Веруваме дека сите овие активности вродуваат со плод и дека интересот на младите во Македонија за хемија се зголемува. Показател за ова е и сè поголемиот број пријавени ученици на натпреварите по хемија, на манифестацијата „Ноември – месец на науката“, а горди сме и на успехот на нашите ученици Филип Трајковски од Скопје кој освои бронзен медал на Меѓународната олимпијада за хемија што се одржа во Тајланд во 2017 година и на Мила Ивановска која освои, исто така, бронзен медал на Меѓународната јуниорска олимпијада за природни науки во Холандија во 2017 година. Се надеваме дека овие ученици ќе служат како пример дека со работа, посветеност и голема љубов кон науката може да се постигнат успеси на светско ниво.

Даниел Евросимоски