Марко Шелиќ, на пошироката публика познат како Марчело, не треба посебно да се претставува. Рапер, писател, колумнист, критичар без влакно на јазикот. Во интервју за порталот БУКА, Марчело зборува за својата нова песна, „Пегла“, општествениот ангажман, критиката и за младите.
Песната „Пегла“, која ќе биде на Вашиот нов албум, веќе стана регионален хит. Таа е своевидна реакција на тинејџерскиот мејнстрим, религиозниот и националистички дискурс кој владее меѓу младите. Како да се остане нормален во вакво опкружување?
– Чудно ми е тоа што песна која нема структура на песна (онаа класична: строфа-рефрен-строфа уште двеста пати додека не умреш од мака или насила го запомниш), може да се нарече хит, но секако е слушана и драго ми е поради тоа, затоа што таа тема е нешто за што треба да се полемизира. Како општество, малку се заигравме, што најдобро се гледа по оние на кои песната не им се допаѓа: се тврди дека тоа се многу осамени случаи, што навистина ме тера да се запрашам дали живееме во иста земја и дали тие луѓе читаат какви било весници. Еден новинар дури напиша дека сето ова е всушност класен судир, при што побогатите се за Европа, а на сиромаштијата и останува својата безнадежност да ја канализира низ племенски нац(ионал)изам. Навистина не знам на кого се пука со тој аргумент – на мене сигурно не, затоа што сум од работничко семејство и работам отприлика пет работи за да живеам барем оддалеку нормално. Лудо е да се оправдува насилство со лошиот стандард: тоа е влијателен фактор, но не може да биде правило и оправдување. Тука е и аргументот дека суштински и не се виновни тие деца, туку државата. Тоа исто така не е добра муниција против мене, затоа што тоа не само го мислам, туку и постојано го истакнувам.
Климата во општеството секако му годи на порастот на насилството меѓу врсниците и на агресивноста воопшто, но баш би сакал да видам на кој суд ќе те ослободат кога како причина за тоа што некому си му ја скршил главата, наведеш дека е виновна државата. Значи, да, виновна е државата затоа што не се бори против овој проблем, но твоето дигање рака на некого – па уште и во името на таа држава, на која воопшто не и е гајле за тебе, е ТВОЕ дигање рака на некого. А како да се остане нормален? Што ќе правиме, ќе прераскажеме накусо еден од оние прирачници „како да бидеш среќен“? Сечијата ментална хигиена е лична одговорност. Помеѓу „задоволен сум од животот“ и „одам да претепам и/или да убијам некого“ сепак постои прилично голем простор, а ова со класното објаснување баш сугерира дека нема, туку ете, или-или. Сигурно, дајте, не е толку тешко да се превесла тој тенок поток меѓу потполниот фашизам и силната желба за Европа – низ земјата чекорат отприлика милион радикали кои во тоа како од шега (и како на шега) успеаја. Пфф, тоа е полесно да се остави од цигарите.
Националистичките идеи и натаму се поставени како најважни, а помладите генерации лесно го прифаќаат таквото размислување. Каде не доведе ова и каде може допрва да не донесе?
Во војна, секако. Но, не треба да се потресуваме, само пушташ да поминат десетина години и се раѓаат нови клинци кои мислат дека воените години биле баш едно прекрасно време. Така функционира Балканот, една генерација ќе наебе за да следната се зафркава, како следната би наебала и би обезбедила зафрканција за следната. Тоа е рецепт за балканската обланда, ред ова – ред тоа. Ставаме во рерна, служиме врело, посолуваме со амнезија и додаваме една лажица ресет.
Од деведесеттите години на минатиот век до денеска постојано нешто чекаме, чекаме да се избориме со корупцијата, чекаме да нема непотизам, чекаме поинаква политика, чекаме некои подобри времиња. Можеме ли да се надеваме на некои подобри времиња?
Не верувам дека кој било запрашан за мислење за беспомошноста се изјаснил дека тоа е едно посебно пријатна и пожелна состојба. Меѓутоа, многумина би кажале дека надежта е нешто пријатно. Интересно е како тој збор кај луѓето буди една убава конотација, иако во својата суштина не е ништо друго туку помалку лош синоним за беспомошност. Да се надеваш – тоа значи да признаеш дека ниту еден фактор веќе не е во твои раце и дека сега се зависи од некои други луѓе, од некоја виша сила или од случајноста. Што има тука убаво? Само едно: фактот што со тоа се признава дека одговорноста дека понатамошниот тек на работите веќе не е ваша. Токму тука лежи грдото објаснување за тоа зошто луѓето сакаат да се надеваат. Значи, можеме ли да се надеваме на подобри времиња? Секако дека можеме, тоа отсекогаш било и дозволенмо и бесплатно. А дали тоа служи за нешто? Не, ама кому му е гајле?
Вашиот јавен ангажман е реакција на она што секојдневно се случува. Меѓутоа, многу малку се луѓето кои јавно го креваат гласот, кои бараат промена. Зошто е тоа така?
Затоа што луѓето се чувствуваат беспомош…. пардон, се надеваат.
Кај нас критиката, особено онаа јавната, никогаш не е добредојдена. Сте имале ли проблеми поради константната критика која е карактеристична за Вашата работа и што е она што Ви дава сила за да продолжите со работа?
Сила ми даваат разните странски служби кои ме плаќаат, масонската ложа и тоа што имам редовни дојави од печатницата за ливчиња за лото, таму ми работи баџанакот, уфрлен агент на една организација која е толку тајна, што и нему самиот не му кажуваат што воопшто треба да работи. Сигурно не ми дава сила вербата во човекољубието? Па зар некој би заговарал право на живот и еднаквост, зар некој би дошол на лудата помисла дека можеби и не е пристојно некој да се убие – кога не би бил платен за тоа? Неинходфскјфасдфк, пардон, овие мои нови масерки мелески се уште не се испраксирани, стално ми ја виткаат раката кога ми го масираат рамото. Чекај само да идрам со оваа златна шипка, па продолжуваме.
Заедно со етникумот и нацијата, важен елемент на конструкцијата на заедниците во регионот е и религијата. Какво е Вашето мислење за влијанието на религијата на политиката и на општеството?
Како што кажа покојниот Стево Жигон, идејата за Бог мене ми е многу блиска. Идејата за црквата ми е во најмала рака нејасна. Своевремено, не можевме по телефон да го добиеме соговорникот директно, туку моравме да завртиме во централа. Денеска имаме мобилни телефони. Зошто посредување? Бог е секаде, во секое суштество. Религијата е гранка на економијата, за што сведочи фактот што во животот повеќе пати имам добиено рачен јамб отколку што сум видел слаб и скромен поп. Малку има луѓе како покојниот Павле (српскиот архиепископ, прим.прев.), луѓе кои зрачат толку добрина и љубов што во секое време би можел да поверувам дека станува збор за божји човек. За жал, наследникот не му го гледам ниту со телескоп.
Во Република Српска, веронауката се изучува во основно училиште, а има најави дека ќе се воведе и во првите години на средните училишта . До што може да доведе таквата индоктринација од мали нозе?
Живееме на Балканот, на чиј простор егзистираат многу етнички заедници. Како воопшто можеме да дојдеме до меѓусебно разбирање и дијалог, ако не го слушаме другиот?
Токму по тој пат: со слушање на другиот се доаѓа до разбирање на другиот. Мораме да најдеме сила и трпение да се слушнеме меѓу себе. Да сфатиме дека сите многу, многу изгубивме. Да си втераме во главите дека никогаш не биле виновни цели нации. Да го прифатиме фактот дека не можеме да телепортираме цели држави на некои други координати на глобусот – тука сме кајшто сме, едни до други, и мораме да живееме. Почитувајќи ги мртвите, но уважувајќи ги живите.
Да се остане овде или да се замине некаде во странство? Какво е Вашето мислење за заминувањето на младите од овие простори? Што може да не задржи во земјите во кои владеат митовите и сомнителните икони на минатото?
Противник сум. Патриотизмот за мене значи да го дадеш својот максимум на твојата земја. Беспрекорно да ја работиш својата работа, најдобро што можеш, и секогаш да ја имаш на ум заедницата. Пекарот и војникот се еднакви во својот патриотизам, колку и да им се различни задачите. Сепак, не можам да кажам дека немам разбирање за кој било што ќе замине. Кога околината нема разбирање за твоите квалитети, не е тешко да немаш разбирање за „квалитетите“ на околината. Што може да не задржи? Токму патриотизмот и љубовта спрема луѓето без кои животот, таму некаде каде стандардот е повисок, никогаш не би бил поисполнет. Секако, не е нималку лесно да се држиш до чесноста и вербата во утре во земјата која некогаш имаше премиер филозоф, а денес има премиер кој дури и не е воспитан, претседател кој дури не е ни писмен и опозиција чиј концепт гласи „ама, ние би да владееме“. Но, ете, дури има добри и чесни луѓе, има и над… и беспомошност.
Што е според Вас најважно во животот?
Луѓето. Кои си ги стекнал и кои те стекнале тебе. Тоа е твојата единствена вистинска лична карта, се друго е низа на податоци кои си ги добил со чинот на раѓањето.
За крај, што би им порачале на граѓаните во БиХ, но и во регионот, граѓаните кои премногу се под влијание на недијалогот, караниците и раздорот?
Што помалку надеж, а што повеќе труд. Затоа што нема да останеме вечно на овој свет, ќе дојдат нови. Ако ова им го оставиме во аманет, што сме им направиле?
Извор: 6UKA
Превод: Ж.Н.