[Интервју] KUMO: Популарната музика не може да се предвиди, важно е само да е иновативна

Британскиот музичар KUMO, познат и под псевноднимот Jono Podmore, на Бела ноќ гостуваше со свој сет во Скопје, во рамки на фестивалот De:sonanz. KUMO е и професор по современа музика на музичка академија во Германија. Во интервју за Радио МОФ, тој зборува за својата визија за поп музиката во иднина, моќта на британскиот пазар во индустријата и потребата од музичко образование кај младите.

Гледајќи наназад, како сега гледаш на The Lost Tapes, и како ти влијаат денес?

Пред да почнам да работам на The Lost Tapes, работев на „ремастеринг“ на целиот каталог на Can. Со The Lost Tapes, поминував преку сиот необјавен материјал, и навистина го воспостави работниот метод на бендот. Така што, наместо да имаме готов материјал, тоа беше шанса да се слушне како тие дела функционираат заедно, пред да станат завршена работа. Тоа на некој начин ја зацврсти мојата верба во импровизацијата и во селекцијата на моменти од одредена импровизација, наместо користење на сопствената меморија.

Дали е Краутрокот сѐ уште популарен и што го прави поразличен?

Интересно е што е екстремно популарен во Британија во моментов. Но, бидејќи работам во Германија, можам да кажам дека краутрокот е нешто што им се допаѓа на татковците, тоа е музиката на старите, досадни хипици кои носеле сандали и на крај завршиле како возачи на такси. Така што, таму не е популарен како во Британија. Но, во Англија има чуден фидбек од бендовите како Can, па сега е повторно разбран и интерпретиран, па има некакво влијание и во Германија.

Колку Велика Британија има централна улога во промовирањето на нова музика?

Не колку што имаше порано. Порано беше неверојатно значајна. Велика Британија имаше силна и цврста поп и музичка култура, која беше 10-15 години пред другиот дел од Европа. Но, сега е похомогенизирано, сега пазарот е светски, па Обединетото Кралство е помалку значајно. Но, има допирна точка со американскиот пазар, поради јазикот и историјата.

Дали е тоа добро или лошо нешто?

Тоа е… нешто. Има и добри, и лоши аспекти. Еден од лошите аспекти е чистата и идиотска ароганција на британскиот музички бизнис. Имаат малку потценувачки поглед на музиката од другите места. Едно од добрите нешта е битката меѓу моќта на Америка и остатокот од светот. И фактот дека сега има шанса да се стигне до младите музичари во Велика Британија, и тоа им дава на луѓето навистина силна мотивација за добра музика, музика која има што да каже и која има поголема шанса да се пробие вон Велика Британија.

Дали делови од Can сѐ уште живеат во музиката која ја создаваш денес?

Да, ако зборуваме за методи, а не за ноти. Бидејќи работев на многу нова музика. Повторно соработувам со тапанарот на Can, и ќе свириме во живо во Лондон. Сѐ уште правиме настапи во живо со нив, но секако тие се позаинтересирани во тоа и не престанаа да гледаат напред. На голем дел од обожавателите, младите обожаватели на Can денес, им се допаѓа она што ние го правевме пред 40 години.

Кој ја дефинира популарната музика, уметникот или публиката? Или пак е заедничка одлука?

Комплицирано е, тоа е како врската меѓу рекламирањето и нештата кои ги купуваат луѓетп. Дали луѓето купуваат производи бидејќи се рекламираат, или компаниите имаат пари да се рекламираат бидејќи им се трошат производите?

Често има нешта кои се појавуваат иако се сосема неочекувани на пазарот на музика. Но, сепак доаѓа до тоа. Константно интересно во британската музика е влијанието на афро-карипската музика. Тоа е една од причините зошто британската музика е толку интересна, има многу црнечко влијание. Но, истовремено, има многу малку црни музичари кои имаат добри и долги кариери. Делува како да има стаклен покрив над нив, воспоставен од „естаблишментот“. Така што, нешто може да се случи, но секогаш има конвенции кои го спречуваат вистинскиот успех. Успех мерен во автомобили, куќи и сите тие срања.

Ти и голем број други музичари деновиве целите да вклучите мултимедијална перспектива во вашите изведби. Како го инкорпирираш тоа? Тешко ли е да се придобие вниманието на публиката само преку музика денес?

Смешно е, но за изведба на добар музичар не ти требаат светла и реквизити. Но, друг аспект е дека музичките изведби се екстремно здодевни ако музичарот само стои на сцената, зјапајќи во својот лаптоп и пуштајќи плочи. Сте го поминале целиот ден проверувајќи го својот мејл, одите на свирка и гледате некој кој изгледа како да го проверува своето сандаче. Јас самиот сум позаинтересиран во создавање на нешто интересно за гледање, освен музиката. Затоа со мојот бенд Метамоно имаме огромна количина на аналогна опрема, која кога ќе се постави изгледа како инсталација. Се осигуруваме дека публиката навистина може да има интеракција со инсталацијата на инструментите, што е одлично. Тоа е мултимедија.

Како ја гледаш иднината на музиката и настапите во живо?

Било чии предвидувања, се секогаш, се надевам погрешни. Едно од нештата кои ја поттикнуваат популарната музика е иновативноста, и ако можете да ја предвидите, тогаш не е нова и се губи возбудата. Едно од нештата кои ме интересираат во моментов е силната андерграунд панк сцена која се случува во Англија во моментов. Во неа се вклучени многу црнци и ЛГБТ лица, што беше тешко да се предвиди. Мислам дека тоа со тек на времето ќе вроди големи хитови. И најголемите издавачки куќи секогаш бараат нешто на сосема погрешно место. Мислам дека тоа ги дефинира

Како основач на Metamono, која е твојата визија и цел? Сакаш ли да ја промениш денешната музика и на кој начин?

Со Metamono, едно од уметнички најуспешните нешта кои ги направивме беше што напишавме музика која се изведува во живо, а е наменета за неми филмови. Наскоро повторно ќе свириме за тие неми филмови на Научниот филмски фестивал на почетокот од наредната година во Обединетото Кралство. Тоа е нешто што за мене е многу плодно, користење на артефакти и технологија од постари времиња, но за да се создаде уметност која настанала подоцна.

Професор си по популарна музика на универзитетот Hochschule für Musik во Келн, Германија. Како твоите студенти ја перцепираат денешната музика? Која е најважната лекција која ќе ја научат на твоите предавања?

Претежно работам со мастер студенти и се трудам од нив да направам продуценти. Јас и самиот сум продуцент и долги години работев како инженер и програмер, поради што сум работел со голем број продуценти, па сум видел како се однесуваат и како можат да создадат големи нешта. Во нивните студии има техничка, но и социјална и уметничка страна. Мислам дека најважната работа што ја дознаваат од мене е пред сѐ, отворање на нивните уши за прекрасниот квалитет на аналогниот звук и едноставната работа со софтвер. Секоја година кај студентите гледам како „им се пали светилка“ во главата кога ќе почнат да работат со аналогни инструменти, и тоа е толку подобро од делата кои ги пишувале со години, робувајќи над својот Ableton Live.

А, како ти самиот гледаш на музиката денес?

Има толку многу книги напишани на оваа тема, но во основа популарна музика има многу пошироко значење денес. Варира од најчудните „рабови“ на класична, елитистичка музика, па сѐ до срањето на реалните шоуа. Она што ја дефинира популарната музика е тоа дали луѓето ќе ја купуваат, дали ќе доаѓаат да ја слушаат и дали ќе им е гајле за неа. Мислам дека популарната, новата музика на 20-тиот век беше моментот кога класичната музика престана да биде „културен бран“.

Зошто е важно младите да учат за музиката? Зошто ти предаваш?

Има многу причини за тоа, но една од нив е што јас научив премногу нешта од работењето во студио за поискусни продуценти и инженери. Тогаш уште се одеше во студија, денес сите прават музика од дома и нема потреба од техничко образование. Затоа е особено важно тоа мое знаење да го пренесам на други луѓе, да го прошират она што тие го знаат и да придонесе за повеќе, поквалитетна музика.

Ти влијаат ли други видови на уметност во процесот на создавање музика, или пак сакаш да создаваш уникатно искуство кое ги инспирира другите музичари да творат?

Да и за двете опции. Едно парче музика кое штотуку го напишав,а  за кое ми требаше премногу тешка работа, е инспирирано од кратка книга од нигерискиот писател Ејмос Тутуоло. Во книгата е опишан светот на мртвите, во кој сѐ е наопаку. Па, одлучив и мојата композиција да биде напишана наопаку. За тоа ми беше потребно премногу време поминато во многу тешка работа, но од тоа произлезе нешто навистина посебно и сум навистина горд на тоа.

П.А.