[Интервју] Кога карикатурите станаа наша реалност

„Хуморот е вакцина, она што веќе го чекаме со страв за Ковид. Хуморот е имунитетот на секоја единка“, се пошегува карикатуристот Владимир Боројевиќ додека муабетевме од далечина, носејќи маски.

Интересен податок е дека тој всушност е врсник со Галеријата „Остен“ во Скопје, која годинава слави 75 години јубилеј. Се сретнавме токму овде, каде некогаш изложувал свои карикатури, а нè пречека и нејзината извршна директорка Корнелија Конеска.

Повеќе од еден час муабетевме на истото место кое некогаш било главна станица за средба помеѓу Истокот и Западот, во времиња кога слободата на движење и творење било речиси недозволиво.

Приказната за првиот весник за хумор и сатира „Остен“ започнува во 1945 година, иако претходно постоел како прилог за сатира „Сред поле ѕунѕуле“. Денес, тој се смета за уточиште и архива на македонската смисла за хумор низ генерациите.

Развивајќи се во весник со рубрики за сатира, хумор и карикатура, „Остен“ бил концепт предводен од уредниците Владо Малески, подоцна и од Дарко Марковиќ, а дел редакциските тимови биле Славко Јаневски, Ацо Шопов, Панде Јаревски, Цветан Станоески, Миле Поповски и Василие Поповиќ – Цицо. Веќе во 1969 година весникот „Остен“ ја создава Светската галерија на карикатури.

Боројевиќ се потсети дека во своите најславни времиња, Гранд при наградата што ја доделува Галеријата, за карикатуристите ширум светот имала исто значење како денешниот „Оскар“.

Карикатуристот Владимир Боројевиќ

„Во почетоците на седумдесеттите години во Југославија се почувствува во општеството една огромна енергија, ентузијазам кој не движеше. Намерата беше во светската мапа на културни настани да внесеме еден наш топоним. Си рековме, зошто да не? И го направивме тоа. За чудо, бевме извонредно прифатени од нашите колеги карикатуристи ширум светот. Не постои ниедно светско име од карикатурата од тоа време кое не се јавило со свои дела на изложбите со редовно учествување“, започна со својата приказна карикатуристот.

Сепак, Боројевиќ вели дека во наредните три децении општеството во целост почнува да еродира.

„Не смеам да се сеќавам на минатото, зошто кога ќе се свртам зад себе гледам рушевини. Буквални рушевини. Во сè што сум учествувал речиси не постои. Остана уште оваа приказна, со „Остен“  и ќе бидам растажен ако и неа ја снема. Не поради некоја моја младост и мое сеќавање, човек сака зад себе да остави нешто. Вие што ќе наследите? Рушевини? Одново ќе копате? Жално е. Вие сега треба да го поминете животот, да го рехабилитирате она што ние сме разрушиле. Вие треба да продолжите. Тоа е поентата на општеството“, нагласува Боројевиќ.

За Конеска, пак, е особено важно да се знае е дека Галеријата е отворена на Шестата средба на солидарноста – средби кои се случувале по скопскиот земјотрес, а помагатели од целиот свет доаѓале да го изградат Скопје не само физички и градежно, туку општествено и културно. Но сега, вели таа, целото општество стана карикатурално.

Провокацијата стана реалност

„Тешко е да се прави разликата помеѓу карикатурата и реалноста. Она што порано сме мислеле дека ќе биде провокација, сега е реална состојба. Сменети се улогите. Карикатурата е поврзана со критичка мисла. Ако на секој велиш „да, да во ред, така е“, нема да бидеш карикатурист. Напротив, ги гледаш работите кои се за критика. Меѓутоа, тука постои граница, тука постои етика, во карикатурата не се исмејуваат луѓето, туку се исмејуваат постапките и состојбите на луѓето. Не е дека ако некој има големи уши, сега ќе му ги нацртаме, тоа не е смешно. Но, постапките да.  Карикатурата е уметност на пренесување на порака.  За тоа не се потребни само цртачки способности, треба и мисловни, анализирачки и критички способности и сето тоа да го ставиш во една целина за да иде препознатливо на јавноста“, објаснува таа.

Извршната директорка Корнелија Конеска

Конеска се согласи и за уште еден проблем – брзината со која прострујуваат информациите на интернетот, не дозволуваат да се восприеми информацијата која ја носи карикатурата, па за времето кое е потребно таа да се обсмисли,  веќе станува „стара вест“.

„Сега со интернетот, ние патиме од недостаток на артикулации. Сѐ е во истиот момент – ќе видиш нешто, ќе лајкнеш, или коментираш. Нема временска дистанца, нема редакција. Постои брзање, времето многу брзо се движи, сите промени настануваат брзо и ако не си прв, веројатно е проблем со рејтинг. Меѓутоа, лесно е било кој екстрем да се заземе, тешок е балансот. Мора да има артикулација на информациите. Кај карикатурата тоа го има. Се случува пред настанот, но самиот мисловен процес на создавање на карикатурата ја прави таа артикулација. Не е лајк, не е коментар, туку е многу посуштествено дело. Фотографијата е документација. Овде има повеќе информации за оној кој знае да чита“, вели таа.

„Се објаснуваме со Министерство за култура колку е важна збирка од 13.000 уметнички дела“

Конеска верува дека „Остен“ требало да добива поголема поддршка од државата, а објаснувања за важноста на колекциите, особено со традицијата на 70-тите години, биле упатувани секоја година до Министерствто за култура.

„Остен добива одредена поддршка, недоволна. Последниве години добива нешто, претходно катастрофа, но она што е реална состојба е дека во самиот Закон за финансирање проекти од национален интерес не постои форма која ќе биде погодна за финансирање на „Остен“. И така ние сме упатени да аплицираме на проекти заедно со секој млад уметник кој прави прва изложба и да го делиме буџетот. Тоа е неприфатливо. Колку и да е поддршката во пари, не може да биде доволно. Буџетот е секогаш мал, нема доволно за сите, а треба сите да се задоволни и во тоа се убива квалитетот“, објаснува таа.

Сепак, тие не се откажуваат. Поддршката кон младите уметници и понатаму ја има, иако сега таа е пренесена во дигиталниот свет преку Фејсбук страницата на „Остен“- Светската галерија на карикатури, групата за карикатури „Остен“, „Доза сатира за здраво општество“, „Тулпул“ – датабаза на карикатури, Европскиот центар за карикатури и „Банката на карикатури“.

Македонската смисла за хумор има садо-мазо ген

Навраќајќи се на смислата за хумор, Владимир Боројевиќ се присетува дека често прашање на туристите и посетителите за локалците било „Што ви е на вас тука, само се смеете?“, додавајќи дека сега е проблем да се види насмеан човек.

„Во фаца се гледа дека е пред банкрот“, вели тој.

Конеска, пак, смета дека хуморот може да се вклучи и на најневозможни места, нагласувајќи дека треба да го најдеме хуморот во себе и да го практикуваме секаде.

„Во Македонија, моја теорија е дека имаме некој садо-мазо ген. Во сè тоа се провлекува, затоа што ако за нешто не се измачиш и ако веќе нешто преку глава не ти дојде, излегува дека не е доволно вредно и дека не е сериозно.  Ако нема мачење, како да не е добра работава, што не е сериозна или не треба да се обраќа внимание. Напротив, тоа се квалитети што треба во секоја област на живеењето да се применуваат, не само во карикатурата, или во уметноста или во каде било. Да биде духовит човек, знаете ли каков квалитет е тоа? Тоа е нешто непроценливо. И во секоја една работа наместо да си ја чукаш главата со икс проблеми од коишто 70 отсто се умислени или измислени, и наместо да се ослободиш и да ги гледаш убавите работи, ние се заглавуваме прво со неубавите работи. Затоа во оваа транзиција што ја спомнува Владо од Југославија до денес, една од работите којашто е жртва или која исчезна е хуморот. Нели?“ потенцира Конеска.

Доза на сатира и демократија не е соодветна за наставната програма

„Сега ова време не е на информација, сега е време на дезинформација и манипулација. Тоа не нè амнестира само да се прилагодиме, напротив треба да се бориме со тоа и еден од начините е преку подигање на свеста за култура, за критичка мисла, за уметност… Затоа ова рушење на образованието, што секаде во светот постои, на квалитетот на образование, е создавање на зависни луѓе“, вели Конеска објаснувајќи за тоа како „Остен“ се обидува да се прилагоди на духот на (новото) време и да ги привлече помладите.

Таа вели дека Галеријата е комплетно отворена за младите, сепак според неа, една таква адаптација и промена треба да биде системска. Ова го согледале откако пред неколку години се обиделе да допрат до учениците преку училиштата, да им дадат шанса на оние кои имаат афинитет кон цртањето и критичката мисла.

„На каква пречка наидовме? Нам ни беше дизајниран проектот да биде во шесте региони на државата и во секој град, во училиште да им се презентира платформата што ја изработиле, а на која ученици можеле да бираат најдобра карикатура од интернационален конкурс на тема демократија. Сто милиони пати се јавувавме до МОН, сто милиони пати одевме. Потоа со лични врски за да добиеш одговор. Инаку, одиш, оставаш и не постои тоа барање. Одговорот е дека во наставната програма има доволно елементи за демократија и дека нашиот проект не е соодветен“, објаснува Конеска.

Kарикатуристите на браникот на критичката мисла

Со отворањето на Светската галерија на карикатурите во Скопје, градот, кој тогаш е дел од Југославија, станува точка на Западот и Истокот – две страни кои помеѓу себе ја водат Студената војна. Според Конеска и Боројевиќ, карикатуристите сонувале за неколку дена поминати во Скопје, град во кој може да ја почувствуваат слободата – да раскажат виц, да се насмејат, па дури и да опцујат без да бидат затворени.

 

View this post on Instagram

 

Денеска ја посетивме Галеријата ,,Остен”, да ја разгледаме изложбата и 52 светска галерија на карикатури. Воедно направивме и кратко интервју со извршната директорка Корнелија Конеска и карикатуристот Владимир Боројевиќ, во кое зборуваме за карикатурата и хумористичната форма како показател на здраво општество. #radiomof #мквести #инставести #остен #ostengallery #osten #карикатура #карикатури #caricature #skopje #уразакултура #art #art_spotlight #artistsoninstagram #caricatureartist #инстаилустрации

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

„Отидовме со гостите во Охрид и се сместивме во хотелот, и ми падна да делам соба со еден колега од Софија,  Бугарија. И влеговме во собата, јас колку да фрлам работите и да трчам назад оти журката ќе почне. Одеднаш колегата ги спушти негоите работи, седна на креветот, си ја фати главата меѓу рацете и почна да плаче.  Јас го гледав збунето, да не добил лоши вести од дома. Го прашав што се случува, и ми вика од радост плачам.  Владимире, ти не знаеш што се сум преживеал вика, за да стигнам до тука. Пасошите во Бугарија ги чува полиција, не можеш дома да ги држиш. Тие се депонираат во полиција и морав да потполнам 4 страници прашања – кај одиш, зошто одиш,  со кого ќе бидеш , кај ќе се движиш, кои теми ќе се разговараат…  И тоа сѐоткога ќе го пополниш оди кај шефот на полицијата  на одобрување.  Кога добив одобрение, ќе добиев инфаркт. За него, тие неколку дена беа шанса да ја почувствува слободата“, ни раскажа една своја анегдота Боројевиќ.

За него, слободата денеска е земена здраво за готово, иако таа бара образовани и храбри луѓе, а без такви посочи карикатуристот, нема демократија.

На ова Конеска додаде дека слободата воедно е и највисокиот степен на одговорност која треба да се одржи и надгради.

Вардете се од патриотизмот „десетка со кромид и ладно пиво“

Кога ги спомнавме младите, неизбежно беше да се споменат и причините за најгорливиот проблем – како да се задржат? За Конеска, коренот на овој проблем е во недоволно мотивирачкиот фактор. Таа смета дека треба да се направат услови да се задржат младите, а не да се жали кога тие заминуваат на места со подобри услови.

„Толку многу има информации сега за младите, а мислам дека голем број од нив се поограничени. Мора да ги отворат виугите на мозокот, сетилата, сето она што може да придонесе да бидете будни за ова сè што ви се случува. Да се научете да носете вистински одлуки и да ги донесувате брзо. Да не се плашите од грешки. „Грешка? Голема работа, одиш напред“. И самодовербата е многу важна работа. Тоа треба да биде нешто што ќе е карактеристично за млад човек, да има самодоверба“, им порача таа на крајот од нашиот разговор.

Боројевиќ, пак, спремен со својата искрена порака, уверливо вели:

„Останете таму каде што сте. Бидете млади и утре. Тоа е мојата порака. Вашата визура за животот не смее да заврши на првата планина. Зад неа има уште многу планини и други светови. И вардете се од оној патриотизам „десетка со кромид и точено ладно скопско“. Од такви патриоти Македонија се гуши и страда. Патриотизам денеска е образовај се, мисли слободно со своја глава и тоа што умееш, направи го најдобро што можеш.“

Ивана Смилевска/ Емилија Петреска