[Интервју] Јоана, Леа и Розе од првата генерација Докуникулци на Македокс

Младите режисерки Јоана Арсовска, Леа Димитрова и Розе Симоновска,  кои ѝ припаѓаат на првата генерација Докуникулци, на деветтото издание на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“ премиерно ќе ги прикажат своите први филмови: „Поглед во очите“,  „Адолесцензура“ и „Поинакви“.

Премиерата на „Поглед во очите“ ќе биде на вечерва (21 август) во 20:30 часот. Режисер и сценарист на филмот е Јоана. Во овој филм акцентот е ставен на животот пред и по соочувањето со сексуално насилство. Јоана вели дека било многу тешко да се пишува и да се сними филм со толку ранлива содржина и дека ѝ требале повеќе години за да се справи со тој проблем.

„На крајот ми се отвори можноста да проговорам за проблемот на начин на кој ќе можам да се справам со сето тоа. Имаше проблеми при снимањето, пред сè  поради моето семејство, но сепак се одлучив на толку голем чекор и мислам дека навистина ќе ми помогне, барем малку. “

Приказната е реална, а ликовите автентични. Според Јоана, нашето општество нема ниту сила ниту волја решително да се справи со проблемот на сексуалното насилство. Сепак, кај Јоана сè уште постои  надеж.

„Се надевам дека овој филм ќе промени барем нешто во општествената перцепција за младите кои се жртви на сексуално насилство или за луѓето кои направиле вакво злодело. Се надевам дека и власта би можела да преземе поостри мерки и да биде попретпазлива во однос на овој општествен проблем.“

Таа верува дека нејзиниот филм ќе им биде поддршка на младите и неискусни режисери. „И јас немав никакво искуство за снимање филм, но сепак се случи.“ – додава.

Целиот процес на снимање на филмот траел една година. Сцените се  снимани во околината на Скопје, односно во канцеларијата на МакеДокс, во различни подруми и во училиштето „Лазар Личеноски“. Сниматели се Матеа Козовски и Стефан Божиновски, за монтажата и музиката е одговорна Бисера Атанасова, а за тонот Давид Стојановски.

И премиерата на филмот „Адолесцензура“ ќе биде денеска во 18 часот, во Музејот на современа уметност.

„Адолесцензура претставува сè што ние, адолесцентите, цензурираме кај себеси и сè што другите цензурираат кај нас. Ние не им даваме доволно информации на луѓето за да разберат кои сме и какви сме и да нè прифатат целосно, туку тие си прават своја слика. Но и тие нам не ни даваат доволно информации. Пример за тоа се родителите, кои не ни ја прикажуваат вистинската и реалната слика за животот“ – раскажува младата Леа Димитрова.

„Се цензурираме од сите, па дури и од нашите родители. Не можам многу да зборувам за родителите, бидејќи сите имаат различни родители, но училиштата се најдобар пример за цензура на младите. Таму не добиваме доволно информации, а голем дел од информациите кои ги добиваме се погрешни, иако половина од карактерот го градиме дома, а половина на училиште.“

Таа се надева дека преку трите лика во филмот барем малку ќе го натера општеството да ја крене рампата и да дозволи младите да се самооткријат во вистинската смисла на зборот, иако содржински во филмот не се опфатени сите ситуации кога младите се подложени на цензурира.

„На филмот работев три месеци, секојдневно. Сè уште сум несигурна. Сепак, ова е прво нешто што го прикажувам пред луѓето што ги знам, но и пред оние што не ги знам, па затоа ми е страв, но свесна сум дека правам еден чекор понапред и тоа ме прави многу среќна и задоцолна. Мислам дека сите што имаат добри идеи треба да размислуваат во оваа насока затоа што имаат шанса да успеат.“

Филмот е сниман во парк и во канцеларијата на МакеДокс. Сниматели се Стефан Божиновски и Горјан Атанасов, монтажери се Горјан Атанасов, Леа Димитрова и Севдалина Дамевска, додека пак за тонот се одговорни Давид Дамјановски и Атанасов.

Розе Симоновска е режисерка на филмот „Поинакви“, чија премиера ќе биде на утре, 22 август, во 21 часот. Преку овој филм, младата режисерка сака да го потсети општеството дека децата со аутизам не треба да бидат третирани како поинакви бидејќи тие се еднакви како и сите други.

„Секогаш сакам на примарно место да го ставам она што е дискриминирано во општеството, она за кое малку или воопшто не се зборува и не му се дава доволно големо значење. Мал дел од граѓаните се свесни дека тоа е нешто што треба да го третираме како нормално. Тоа е така и ние треба да го прифатиме. Но, според мене, општеството нема желба да ги прифати и да им помогне на „поинаквите“. Сите луѓе имаат нешто човечко во нив, но повеќето од нив одбираат да не се заморуваат себеси со туѓи проблеми.“

„Ликот е реален. Менторите ме научија дека во документаристиката, колку што е пореално – толку е поблиску до луѓето и е подобро. Ми беше тешко да најдам семејство што ќе ми помогне да ја реализирам идејата. Чукнав на повеќе врати, сите ме сослушаа, но одговорот беше „не“. Кога веќе изгубив надеж, случајно го најдов семејството на Јордан, вистинското семејство кое го барав“ – раскажува Розе.

Филмот е сниман во Скопје, во интернатот „Наум Охридски“ (каде што престојува главниот лик), некои сцени се снимени во Стокомак – неговиот омилен маркет и во Велес, каде што живее Јордан.

„Не сум личност што се фали и се гордее со своите успеси. Идејата беше моја, но јас филмот не го направив сама. Има премногу имиња кои ми помогнаа и сите имаат свој придонес во ова филмско остварување.“ – вели младата режисерка, која исто како Јоана и Леа, се надева дека нејзиниот првенец ќе им биде ветер во грб на другите режисери, поттикнувајќи ги и охрабрувајќи ги своите идеи да ги преточат во нови филмски остварувања.

Ана Илиева