[Интервју] Јордановска: Филмот за Жиле ќе ја покаже човечката хуманост наспроти суровост

Жиле е првото куче од Македонија кое се движеше со помош на количка и преку него светот дозна за лошиот третман на животните во Македонија. За неверојатната приказна на Жиле полна со трагични и среќни моменти разговаравме со новинарката и активистка за правата на животните, Мери Јордановска, која заедно со новинарот Саше Димовски е автор на новиот документарен филм за храброто куче, кое отвори едно ново поглавје за спас на животните во земјата. Документарецот ќе се промовира на 26 декември во кафе-бар Кашмир (на Ленинова) во 21 часот, каде ќе се одржи и донаторска забава на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).

[Интервју] Јордановска: Филмот за Жиле ќе ја покаже човечката хуманост наспроти суровост

Приказната за Жиле, најпознатото куче во Македонија кое остана парализирано на задните две нозе а потоа најде свој среќен дом покрај шестгодишната Морган од Пенсилванија, САД, наскоро ќе се најде во нов документарец во ваша продукција. Зошто овој пат се одлучивте за документарниот филм како медиум за ширење на приказната на Жиле, со оглед на тоа што повеќе години работите како новинарка?

Целата приказна за Жиле содржи толку многу емоции, и убави и лоши, и предизвика лавина реакции низ целиот свет, па оттаму мислам дека документарен филм преведен на англиски јазик е најсоодветниот приказ за овој срцепарателен настан. На тој начин документарниот филм ќе допре и до македонската, но и до светската јавност. Тоа ми е целта – да се види човечката суровост наспроти човечката хуманост. Да се согледа колку емоции, солзи, финансии и колку луѓе се потребни за да се „оправи“ нечија незрела, злобна и нехумана постапка. А сето тоа може да се постигне само ако се видат снимките на едно суштество од кое сите можеме да научиме многу. Жиле е куче кое ме научи што значи волја за живот и тоа е пораката која што сакам да ја пренесам понатаму.

[Интервју] Јордановска: Филмот за Жиле ќе ја покаже човечката хуманост наспроти суровост

Дали полицијата го пронајде човекот кој ги испука куршумите кон Жиле и кои го оставија парализиран?

Никогаш не се најде човекот што пукаше во Жиле, иако настанот се случи за време на шарпланинскиот куп, кога Попова Шапка беше преплавена од туристи и од полиција. Во Македонија никогаш не се најде ниту кој пукаше во Лиза, кученце од Скопје кое исто така е парализирано. Не се најде ниту оној што пукаше во Шарко на аеродромот „Александар Велики“, куче кое за среќа успеа да се спаси од парализата. Полицијата како да не е свесна дека сите овие испукани куршуми можат да завршат и кај луѓе, не само кај кучиња. Едноставно, не сме држава во која што владее свесноста дека оној што пука во било кое суштество, а притоа да не станува збор за самоодбрана – дека треба да биде санкциониран. И се додека оваа свесност не се разбуди, и кај институциите и кај граѓаните, остануваат таквите како нас, да ги „крпат“ последиците со цел да ги спасат оние кои најмалку заслужуваат да страдаат.

[Интервју] Јордановска: Филмот за Жиле ќе ја покаже човечката хуманост наспроти суровост

Жиле имаше среќа и неговата приказна и покрај сите трауми кој ги доживеа во Македонија, сепак излезе позитивна. Контактирате ли со фамилијата од Америка која го „посвои“ ова куче и каков е сега неговиот живот?

Фамилијата Хамон од Пенсилванија, која го посвои Жиле, стана мое второ семејство! Во првата прилика јас се качувам на авион и одам да ги посетам. Можете ли да замислите колкава хуманост има кај тие луѓе – како прво, Ким и Џон Хамон ја имаат посвоено малечката Морган која страда од нервно заболување. Морган е девојченце на кое и треба постојана заштита, таа бара некој со кој постојано ќе се чувствува сигурна. И така се решаваат да го земат Жиле, куче со хендикеп, парализирано на задните нозе, за да ја чува и штити. На Џон Хамон во март годинава му биле поставени пет стентови на срцето и тој во таква состојба го прелета целиот свет за да дојде до Македонија и да го земе Жиле. Па сега замислете за какви луѓе станува збор. Во последниве неколку месеци постојано сме во контакт, на скајп. Ким, Џон и Морган си лежат на Жиле (бидејќи тој е долг колку тројцата), па им служи како перница :)

Жиле е среќен, пресреќен. Она што најмногу ме радува е дека „планинското“ од него никогаш не исчезнало, тоа е тој негов дух, заштитнички… па сега наместо да ја брани планината, тој го чува 6-годишното девојченце. Претходно, Морган се плашела да спие сама. Сега спие со Жиле и така паничните напади исчезнале. Кај Морган постоел и страв да оди сама во тоалет, па Жиле се научил да ја чека додека е таа внатре – стоел пред врата додека Морган не излезе. Тоа е таа взаемна љубов меѓу две суштества кои се толку чисти одвнатре и полни со љубов, нешто што ретко се среќава денеска.

[Интервју] Јордановска: Филмот за Жиле ќе ја покаже човечката хуманост наспроти суровост

Освен новинарството, ваша голема љубов е и активизмот за подобрување на правата на животните. Како се третираат животните во Македонија и колкава е свеста кај граѓаните за важноста на овој вид активизам?

Многу се ретки луѓето кои ме разбираат, барем луѓето од моето блиско опкружување. Но на сите оние што ми велат: „Наместо да помагаш на луѓе, ти помагаш на животни?!“, јас им советувам, ако секој помага на некој, на било кое суштество, тогаш светот би било поубаво место. Јас не правам разлика кој на кого помага, доколку станува збор за хумани цели. Но, за цела среќа, тука се моите пријатели, од Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) па заедно успеваме да ја поткренеме свеста кај граѓаните. Засега, целиот тој процес оди премногу бавно. Иако има голем број љубители на животни, штетата што ја прават оние кои немаат свест за понемоќните од нив е огромна. Тие не разбираат дека од отровите што се расфрлаат низ детските игралишта, по тротоарите, низ улиците, може да настрада и човек. Не разбираат колку едно животно се мачи додека умира од отровот кој буквално му ги разорува внатрешните органи. Не разбираат дека животните чувствуваат страв, болка, среќа, исто како и луѓето. Затоа јас велам, не морате да ги сакате, ама барем немојте да ги повредувате.

Со какви проблеми се соочуваат активистите за правата на животните и како изнаоѓате средства за да ја поддржите работата? Дали институциите имаат слух за проблемите и третманот на животните?

Во принцип ние се финансираме сами, секој од нас дава дел од својата плата за помош на животните, а а има и неколку лица кои знаат месечно да донираат одредена сума. Во Македонија се уште не е развиена свеста за донирање со цел да се реши проблемот со бездомните животни на хуман и ефикасен начин. Случајот со Жиле ме научи дека тоа не е така во другите држави. Јас се изненадив кога на моја адреса почнаа секојдневно да пристигнуваат пакети со храна, играчки, креветчиња, лекови од Австрија, Германија, Америка… Некој прочитал дека му треба помош на куче од Македонија и пратил огромен пакет, посветил време, дал пари. Но, една случка од Македонија ми даде надеж дека хуманоста сепак е тука. Кога очајно барав финансиска помош за Жиле, ми се јави една жена која рече дека сака да донира. Донираше 100 евра. Тоа беше најголемата донација што сме ја добиле дотогаш. Жената ми рече: Оваа донација не е од мене, туку од моите две дечиња и нивните братучеди, кои добија по 25 евра за одличниот успех и четворицата решија да ги донираат парите за Жиле. Е тука не можев да ги запрам солзите. Институциите, за жал, се уште се глуви за соработка. Проблемот со уличните кучиња мора да се реши, но не на начин како што тоа го прави градоначалникот Коце Трајановски. Кај него се уште не проработува свеста дека со убивањето кучиња во стационарот Вардариште проблемот останува. Можеш да заловиш и убиеш едно, но на истата територија ќе се населат 10 нови. Затоа, нивната стерилизација е единственото решение – кучињата ќе останат на истата територија, но нема да се парат, нема да се групираат во глутници и со тек на време нивниот број ќе се намали. Затоа упорно апелираме да се смени начинот на работа во стационарот, а Трајановски конечно да почне соработка со невладините организации за проблемот да се реши на хуман начин и на задоволство на сите, и на љубителите на животни и на оние на кои им пречат.

Во продолжение погледнете една од прошетките на Морган и Жиле.

Кристина Озимец