[Интервју] Јелена и Миодраг, #1од5Милиони: Протестите не се спринт на 100 метри, туку маратон

Илјадници граѓани низ Србија веќе шести месец демонстрираат револтирани од бројните случаи на насилство во земјата, партизираноста и нетранспарентноста на институциите, како и од демонизирањето на критичката јавност преку медиумите и социјалните мрежи.

На чело на овој бран протести се млади луѓе. Меѓу нив и 24-годишната Јелена Анасоновиќ и 28-годишниот Миодраг Симовиќ. Започнаа под името „Стоп за крвавите кошули“, но се претворија во „1 од 5 Милиони“. За новиот слоган „заслужен“ беше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој по еден од нивните маршеви низ Белград им одговори дека нема да им исполни ниту едно барање, дури и да се соберат пет милиони на улиците.

Изјавата на Вучиќ, покрај тоа што го создаде препознатливиот хаштаг, за Јелена и Миодраг била и доказ дека во државата не постои систем, туку само волја на еден човек, кој решава за сè. Во тој момент, велат, борбата против насилство прераснала во борба за слобода.

Двајцата беа дел од ENGAGE, Конференцијата за социјален активизам, а во интервју за Радио МОФ зборуваат за нивните мотиви да ги започнат протестите, за односот кој власта го има кон нив, како и за „македонското сценарио“ кое често се користи во дел од српските медиуми за дискредитирање на протестите.

Како вие, како млади луѓе, влеговте во целата приказна на протестите кои се проширија на улиците низ цела Србија и на кои секоја недела се собираат неколку десетици илјади луѓе? 

Јелена: Не влеговме, туку ги започнавме. Се запознавме на „протестите против диктатурата“ по претседателските избори во 2017 година, кои започнаа како студентски протести и траеја три месеци. Тогаш почнавме неформално да се собираме. Немаше организатор, но ние започнавме да носиме мегафони, да ги организираме маршевите и да испраќаме барања до надлежните. Тие протести немаа поголем успех и брзо спласнаа. Но, минатата година, повеќето напади врз новинари, активисти и политичари доведоа до атмосфера на голема репресија и голем страв и инициравме нови протести, кои имаа многу поголем одѕив. Повикавме луѓе од синдикатите, јавни личности, студенти и професори, различни организации и луѓе кои ги познававме, како и политички партии. И тоа од почетокот беше една платформа каде сите можеа да комуницираат.

Но, што е она што ве испровоцира, вас лично, да го оставите она што дотогаш го работевте и да почнете со организирање на протестите?

Миодраг: Систематското рушење на апсолутно сè. Можеби тоа звучи премногу филозофски, но бидејќи се занимавам со истражување и документирање на културното наследство во Белград, тоа што тие го прават сега со културното наследство низ земјата може слободно да се стави во категорија „кутуроцид“. На пример, сега со градбата на оваа таканаречена гондола, треба да се уништат римски бедеми стари две илјади години.

Јелена: Пред протестите работев во новинска агенција во Белград и секојдневно добивавме огромен број соопштенија од власта. Нашите постари уредници велеа дека ова никогаш не се случувало – власта да е во постојана кампања, секојдневно со по десетина пресконференции. Сите тие апсурди кои ги читавме правеше да се чувствуваме како некој да си поигрува со нашиот здрав разум. Ги следевме реакциите на социјалните мрежи, помеѓу нашите „протестни пријатели“ и колку во тие групи исчекуваа нешто такво да се случи и тоа само требаше да се артикулира.

Миодраг и Јелена на ENGAGE 2019

Дел од српските медиуми протестите ги ставаа во негативен контекст на таканаречено „македонско сценарио“. Како гледате на оваа ситуација и како ве поврзаа со ситуацијата од македонската политика?

Јелена: Не знам дали знаете, но ние всушност дојдовме да ни покажете како тоа се прави, па да се вратиме во Србија (се смее). Секако, се шегуваме. Од 2017, но и претходно, она што оваа власт го унапреди во однос на 90-тите е безобѕирното користење на пропагандата. Работите ги ставаат во некој контекст, преку своите медиуми, функционери, аналитичари, портали, како и преку своите групи на социјалните мрежи и тие го креираа тоа „македонско сценарио“ како нешто што е ултимативно лошо. Тоа е само продолжение од 2017 година, кога се измислуваа приказни за тоа како нас, студентите, младите луѓе, не плаќа опозицијата, Сорос, дека сме албански лобисти… Проблемот е што во целиот тој медиумски мрак, голем број граѓани и млади луѓе немаат прилика да ја видат онаа другата страна. Доживувавме буквално да ни цртаат мети на чело, со монтирани видеа, покрај огромниот број заканувачки пораки кои ги добиваме на социјалните мрежи, за ние да изгледаме што е можно полошо. Во нашите медиуми имаме силно креирање на атмосфера на страв и таа синтагма „македонско сценарио“ веројатно кај мнозинството граѓани асоцира на некои немири, војна, повторување на 90-тите години, а тоа време кај луѓето, сè уште има некој горчлив вкус во устите.

До кога ќе протестирате? Очекувате ли власта да попушти на вашите барања? 

Миодраг: Крајот е во една уредена држава и систем кој функционира. До кога ќе протестираме? Додека не го добиеме тоа. Власта еднаш ќе мора да одговори на тоа. Реалната ситуација е дека граѓаните се луѓе кои договорно формирале држава како институција, во која живеат по своја волја, и таа држава постои за да им ги гарантира сите нивни права и слободи. Тоа е целосна спротивност од она како денеска на државата гледа нашата власт. Но, бидејќи граѓаните се вистинскиот темел на државата, убеден сум дека власта во еден момент ќе мора да попушти. Кога тоа ќе се случи? Не знам. Но, она што го кажуваме од почетокот на сè ова е тоа дека ние не тргнавме во трка на 100 метри, во спринт, туку во маратон. И знам само дека ќе издржиме додека не го добиеме она што го бараме – среден систем.

Даниел Евросимоски