[Интервју] Јавниот простор во Скопје е силуван, ни треба процес на освестување

Елена Б. Ставревска работи како истражувач на меѓународниот проект „Култури на управување и решавање на конфликти во Европа и Индија“,  а во моментов е во завршната фаза на докторатот по политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, каде има и магистрирано на меѓународни односи и европски студии. Таа беше еден од говорниците на второто издание TEDxSkopje, а за Радио МОФ ги споделува своите размислувања за општеството во кое живееме, за конфликтите, но и за јавниот простор.

На годинешниот TEDxSkopje зборувате за јавниот простор. Каква е врската меѓу јавниот простор и (ре)креирањето на индивидуалниот идентитет на граѓаните?

Голема е, зашто ако само седиме дома и не комуницираме со надворешниот свет мислам дека помалку ќе знаеме и за нас. Ќе ја нема онаа авторефлексија, што сме ние, што се другите така да јавниот простор е неопходен за утврдување на идентитетот на граѓанинот но исто времено и за утврдување на колективниот

Колку сметате дека граѓаните знаат дека јавниот простор им припаѓа на ним?

Кај нас малку ги има, се сеќавам на времето, кога сакаа да градат нешто во мое маало се собраа граѓаните и се бунеа против тоа. Меѓутоа денес тоа многу малку го гледаме. Јавниот простор во Скопје е силуван, а реакциите се минимални, затоа би рекла дека ни престои процес на освестување.

Како гледате на процесот на глобализација, влијае ли тој врз идентитетот на граѓанинте?

Влијае во насока на проширување на тој идентитет. На пример денес имаме луѓе кои се сметаат себе си за глобални граѓани, кои постојано се преместуваат од еден континент на друг, постојано во движење комуницираат со различни нации итн. Меѓутоа како одговор на влијанието на глобализацијата и постои зацврстување на националниот идентитет. Гледаме колку повеќе интренационализми се вклучуваат во македонскиот јазик, луѓето кои често ги користат истите се осудувана, на пример, оние кои го користат зборот хејтање наместо мразење. Во поглед на тоа ние сме тие кои што сме, па и ова е нешто што не прави различни и не треба сега ние да дозволиме да не снема во масата.

Во моментов работите во Босна, на вашата докторска дисертација за секојдневниот живот во пост-конфликтни општества, конкретно во Босна и Херцеговина, и општествениот поредок што се гради на основа на мировен договор. Колку животот таму е различен од оној во Македонија?

На Балканот не се живее секаде исто, а Босна и Македонија се различни кога зборувам во областа на тоа што јас го работам . Различни се во тоа што луѓето кои порано војувале зборувале ист јазик и се опседнати со тоа кој како се вика и што значи името, дали е некој Србин или Бошњак. Кога станува збор пак за животниот стандард, е  тука не сме многу далеку.

Живееме ли во конфликтно општество?

Живееме во конфликтно општество со тоа што разликата е во тоа дека конфликтот очигледно не е вооружен и насилен, меѓутоаа е рекреиран во политичките структури. Секое општество каде политичкиот глас се дефинира според етницитетот, притоа кога конфликтот се води по етнички линии е трансформиран конфликт. Што не мора секогаш да значи дека е лошо, меѓутоа тоа е дел од процесот на помирување, се надевам.

Сара Миленковска