[Интервју] Ивица Милевски: Младите се демотивираат и заминуваат кога гледаат неквалитет и непотизам во образованието

За да има напредок во образованието и науката, треба нов третман и услови за младите луѓе што настапуваат на сцена. Бидејќи, треба да престанат да гледаат како опаѓа квалитетот на високото образование, како човечките ресурси се намалуваат, но и нереални напредувања на факултетите и непотизам. 

Ова е сумирана порака од нашиот разговор со д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Милевски е автор на разни трудови и учебници. Изминативе години многумина го поимаат како „професорот кој пишува текстови на ИГЕО“. Тоа е првиот географски портал. Таму објавува научно-популарни статии, вести, занимливости низ неколку рубрики. Порталот е замислен и како гласило за коментари и известувања од професори, соработници, студенти.

Исто така, Милевски го знаат и како човек кој анализира и критикува лоши политики и пракси, особено во образованието и науката. Ова му донесе пријатели, релевантност, но, како што вели и самиот, некои го карактеризираат дека е „за овие“ или „ за оние“. Тоа не му смета. Отрпнал. Милевски спие мирно.

Токму вложувањето во образованието и науката беше причина за нашиот разговор со професорот. Се сретнавме на ПМФ, горе на брдото. Не’ пречека пред факултетот. Потоа ни беше домаќин со својот кабинет, за интервјуто во склоп на емисијата „Мегафон“.

Седнат во биро, загледан во книгите, Милевски се навраќа во 2014 и 2015 година. Нагласува, се’ уште имаат „тежина“ неговите написи, кога актуелен беше Законот за високо образование, реакциите зошто Македонија стои слабо со трудовите со импакт фактор и сл.

„За постигнување високи резултат, треба солидно финансирање. За жал, состојбата не е променета во позитивна насока. Да не кажам – скоро воопшто. Ние сме меѓу последните држави во светот (по вложување во наука и образование н.з.). Тоа е евидентно во сите сфери. Најмногу во немањето на млад подмладок на асистенти на факултетите, ниту на современа опрема, истражувачка лабораторија итн. Што пак е неопходно за да можат универзитетите, односно високото образование, да функционира во вистинска смисла и да пренесува најнови и современи знаења на студентите, кои понатаму треба да се движечка сила во нашето општество“, потенцира Милевски.

„Далеку сме од минимумот на ЕУ за вложувања во научно-истражувачка дејност“

Она што првично го израдувало пред 2-3 години била програмата на Владата, 2017-2020 година, каде власта ветува дека ќе издвојува 1% од БДП за научно-истражувачка дејност.

За жал, нагласува тој, ова ни оддалеку не е постигнато.

„По препораки на Европска унија, вложувањето треба да биде 1% од БДП. Што би зналечо, во наши услови, околу 100 милиони евра за научно-истражувачки проекти, развој итн. Рековме дека, таа сума, моментално е 10 пати пониска. Значи, далеку, далеку сме од минимумот што го има поставено ЕУ. Во Унијата, генерално, просекот на издвојување на средства за научни истражувања, научно-технолошки развој, изнесува некаде од 2,2 до 2,5%. Со тоа што, во одредни држави, прагот се движи од 1% до околу 4%“, објаснува професорот.

За Милевски, колку некоја држава се стреми да има подинамичен економски и сеопшт развој, толку издвојувањето за наука и форсирањето на нивните универзитети е поголемо.

„И обратно – колку некоја држава не може, или смета дека не може да се потпре на своите академски кадри, на својата памет, толку издвојувањето е помало, толку напредокот во таа сфера е слаб и занемарлив“, забележува Милевски.

Во ваква ситуација, како се снаоѓаат студентите, професорите и научниците, секој во своја сфера?

Професорот не крие разочараност дека младите, оние најпаметните, кога гледаат се’ што се случува со квалитетот на образованието, релациите за напреднување – заминуваат. Едноставно, бараат подобри можности.

Милевски (средина) во Преспанскиот регион со тимот на професори и студенти – постдипломци од Универзитетот во Пиза, Италија

Според Милевски, оние што остануваат тука, кубурат преку некакви европски програми, за да успеат да најдат средства.

„Меѓутоа и тоа е многу комлицирано и тешко, затоа што универзитетите, еве ја знам состојбата со УКИМ, не нуди добра логистичка поддршка за проекти. Значи самиот истражувач, наместо времето максимално да го посвети за она што е наменет проектот, треба да потроши значително време во административни работи, подготвување на документации, трчање до факултет, Ректорат итн. Така што, се губи огромна енергија и, на крај, доколку настане некаков технички проблем, едноставно, делува тотално демотивирачки да работи нешто, посебно преку универзитетите. Што пак, се одразува врз финансиската моќ на универзитетите, врз научниот капацитет на универзитетите итн“, анализира Милевски.

Токму наведеното, дополнува професорот, е една од причините зошто никако и нашиот најдобар универзитет, не може да влезе меѓу 1.000-те на Шангајската листа.

Бидејќи, според Милевски, она што најмногу се цени при рангирањето е вложување во науката, продукција на врвни научни трудови, во врвни списанија, како и број на странски студенти, кои пак, ги има многу помалку во државава отколку во 80-те години.

„Тоа е заради истите причини – некои соседни и држави во Европа, драстично го подобрија високото образование, вложувањето во научно-технолошкиот развој и високото образование, што пак, предизвика привлекување на многу странски студенти“, објаснува Милевски.

„Признанијата од светските Олимпијади во земјава не значат ништо“

На почетокот на септември, Милевски се врати со тим средношколци од Светската олимпијада по геонауки IESO-2019. Македонскиот тим донесе бронзен медал во севкупна категорија, едно злато во категорија практични истражувања и две бронзи во категорија презентација на геонаучна тематика.

Лани, Милевски и млади луѓе беа на слична Олимпијада и во Тајланд.

„Ова што го кажавте е убаво, фино е се’. Меѓутоа, за жал, оние ученици што постигнаа добри резултати на двете олимпијади, веќе подготвуваат документи за заминување на странски универзитети. Едниот во Америка, другот во европска држава. А, зошто е тоа така?! Зошто овие награди што се освојуваат на светските олимпијади на знаења, во другите држави навистина се многу рангирани“, потенцира Милевски.

Ивица Милевски (лево) со тимот на Светската олимпијада по геонауки во Јужна Кореја

За Олимпијадите, вели дека освоиле релативно добар успех, посебно ако се земе предвид со условите и можности. Пример, и 2018 и 2019 година, менторите што ги подготвувале учениците – волонтерски работат, бидејќи награда може да земе само наставник од средно образование. За Милевски ваквите пропозиции се „чудни и нелогични“.

„Друго, ниту некакви средства што стојат на располагање за организирање на кампови, на други активности што би постигнале уште подобар резултат“, дополнува тој.

„Кај нас, за жал, што вели еден колега, може да докторираш и на ‘Хардард’, меѓутоа, да бидеш на исто ниво, или под нивото на некој што докторирал на Светиниколскиот универзитет. Нема рејтинг, во смисла, од кој универзитет си дојден, со каков успех, што имаш освоено и направено… Истовремено, имаме илјадници ‘експерти’. Во светот, пракса е кога некој добива назив експерт, првин да се провери биографијата. За жал, голем дел од нашиве ‘експерти’, немаат никаква биографија на интернет, а сега барем тоа е лесно. Ниту пак, човек може да ги најде на академските мрежи каде се прикажуваат резултатите на научниот кадар“, вели Милевски.

Повторно прави паралела со други земји, за каде нагласува дека има „тепачка“ за медали на Олимпијадите, затоа што таа награда значи и посебни бодови, предност при запишување соодветен факултет.

„Ваквите признанија претставуваат и виза за идните студенти за солидно вработување“, констатира професорот од ПМФ.

 

Бојан Шашевски

Првична аудио верзија од интервјуто беше објавена во емисијата „Мегафон“