[Интервју] Иван Ергиќ: Спортот е опиум за масите

Иван Ергиќ, роден 1981 година во Шибеник, Хрватска, е некогашен фудбалски репрезентативец на Србија и играч во клубови од Перт Глори во Австралија, преку италијански Јувентус и Базел во Швајцарија, до Бурсаспор во Турција. Кариерата ја заврши на 30-годишна возраст. По ова, тој ја објави збирката на песни „Бајроновски јунак“, а последниве неколку години пишува политички колумни и есеи за односот на спортот, општеството и религијата.

Во интервју за порталот Новости, Ергиќ зборува за црните страни на денешниот спорт и за неговото лошо влијание врз општеството, нарекувајќи го „опиум за масите“.

Едно од вашите тврдења е дека „професионалниот спорт создава телесно и духовно осакатени личности“. Колку всушност вие го критикувате спортот, а колку самиот себеси?

Кога зборувам за спортот и кога ги критикувам неговите негативни и деструктивни елементи, од тоа не се изземам себеси, секако. И таа приказна не може да биде морализирачка, затоа што мислам дека токму наркоманот најдобро може да зборува за деструктивното дејство на дрогите. Неважно е дали јас имам право да зборувам за тоа или не, важно е да се каже вистината, затоа што нешто ќе остане, некој нешто од тоа ќе научи. Друга работа – аргументот дека некој нема право да зборува за нешто обично го кажува некој кој е „дел од системот“, за да ги замолчи оние кои го имаат единствено јавниот простор за да посведочат за интерните искуства, и така на крајно перфиден начин се одржува заветот на молчењето. Многу колеги поради тоа избегнуваат да зборуваат за негативните аспекти на спортот, дел од нив од опортунистички причини, дел не сакаат да се замеруваат, додека еден дел воопшто не ја сфаќаат вистинската природа на спортот. Веќе ова укажува на тоа колку спортот духовно осакатува, додека телесното осакатување е повеќе од добро документирано и лесно видливо за секој кој го следи професионалниот спорт. Ткн. „елитен спортист“ одамна ги прејде своите граници и тоа мора да го компензира со разни видови вештачки стимуланси. Сакатењето на телото и на духот оди заедно, затоа што тоа е една целина, а во спортот и едното и другото е инструментализирано. Постојаното преоѓање на границите и „надминување на себеси“ нужно оди заедно со култот на жртвеништвото и глорификацијата на болката, што се сеприсутно во спортот. Тоа се, покрај разните видови хемиски стимуланси, и духовните стимуланси за „врвен“ учинок и резултат.

Познат сте по тоа што сте еден од ретките фудбалери кои времето го поминуваше читајќи книги. 

Доста читав во времето кога баш и не ми одеше, кога не се снаоѓав ниту во работата што ја работев, нту во животот, односно тоа ми беше еден вид ескапизам. Друга работа – имав родители кои форсираа еден вид педагогија која гласеше: „прво школото, па потоа се останато“. Спорадично слушам од луѓето: „лесно ти е тебе, ти не си социјализиран кај нас, туку во ‘нормални’ земји“, а всушност сето она што го влечам од вредностите, го влечам токму од нашето поднебје. Е, сега, друга работа е тоа што моите родители и нивниот начин на воспитување беа доволно робусни за да и се оттргнат на сиромаштијата, на материјалната и духовната беда што завладеа во почетокот на 90-те и да вградат во мене некој педагошки континуитет кој и самите го наследиле. Затоа што, каков и да беше тој систем, имаше еманципаторски елементи, со помалку или повеќе патернализам. Значи, не е дека јас тоа сум го „собрал“ од таму некаде, каде што се живее подобро и каде што има педагошка култура на повисоко ниво, туку токму спротивно.

Што беше позитивно во вашата кариера, а колку се чувствувавте како „стока“ на спортската индустрија?

Позитивно е тоа што поминав искуства низ кои не може да помине некој кој се занимава со некоја конвенционална работа, и во таа смисла се сметам за привилегиран. Покрај тоа, иако се чувствуваш како „стока“, повеќе од добро си материјално награден за тоа, а ресурсите кои ги имаш на располагање за санирање на здравјето, како физичкото, така и духовното, се повеќе од доволни, а дополнително ти овозможуваат и одржување на привилегиите. Тоа е софистицираниот начин на кој капитализмот перфектно функционира. Уште еден начин на кој капитализмот перфектно функционира во репродукцијата на своите вредности и морал, ми стана јасен кога бев тешко болен. Тогаш навистина останав сам во својата мизерија, со неколку најблиски луѓе, и тоа е момент кога човек во својот понатамошен живот го развива оној ментален рефлекс „каде бевте сите вие кога ми беше најтешко“. Видете, тоа е тој перфиден момент со кој капитализмот го развива егоизмот, затоа што тој е во склад со неговата логика на отуѓувањето, јас го имам полното право да му го кажам тоа на некој што евентуално би барал моја материјална или духовна помош или поддршка. Меѓутоа, длабоко сум свесен за тие механизми и не замерувам некому којшто е и самиот отуѓен и е на другиот крај на таа спирала, а покрај тоа е и егзистенционално загрозен.

photo: Pedja Milosavljevic

photo: Pedja Milosavljevic

Политички и филозофски колумни почнавте да пишувате уште во Швајцарија, паралелно со тренинзите и натпреварите.

Пишувањето беше начин да се фокусирам на нешто друго надвор од монотонијата и рутината на професионалниот спорт. Тоа ми беше олеснување и начин на абреагирање, да употребам психолошки термин, и тоа го правев во договор со тогашниот психијатар, кој ми стана куќен пријател. Едноставно, тоа ми помогна до процесот на закрепнување, пред се духовното, затоа што на автентичен начин можев да пишувам и да зборувам за работите онакви какви што тие се и за тоа што е навистина работата со која се занимавам, надвор од мистификациите. Клубот тоа воглавно го толерираше и имав среќа што сум во Базел, затоа што се сомневам дека некој поголем клуб толку би поддржал некој кој на таков начин ја изнесува „валканата долна облека“. Пишувањето остана мое хоби до денеска, понекогаш тоа го правам помалку или повеќе добро и воглавно тоа е спорадично, за разни публикации во кои единствено барам да имам потполна слобода на формата и содржината. Од друга страна, поезијата е мојата прва љубов од училиштето, која одамна ја напуштив и сега по малку и се враќам, ништо помпезно, немам никакви очекувања во таа смисла.

Колкав проблем е мешањето на религијата и политиката во спортот?

Спортот надвор од политиката е само мит кој маркетиншки се одржува, од страна на институциите на спортот, како локалните, така и глобалните. Секој општествен феномен е политички во својата природа, па така и спортот. Меѓутоа, политиката во потесна смисла има помалку влијание во развиените земји, додека кај нас влијанието на партиите на случувањата во спортот и натаму е силно. Тоа повторно укажува на феноменот на масовноста на навивањето и додворувањето на одредени заедници, затоа што кај нас навивачите се мобилни и организирани, а тоа значи дека тие нужно се директен политички фактор. Најдобар пример за тоа е неодамнешното мобилизирање на навивачите на Хајдук, кое имаше антицентралистички, антиавторитарен, дури и демократски елемент и секоја чест за тоа. Но, тоа исто така е доказ и за поразот на работните луѓе, кои се далеку помалку политички потентни и организирани. Такво нешто е невозможно да се види по повод работничките права, приватизацијата или слично. Мислам дека ова е учебнички пример за тоа како спортот го одвраќа вниманието на колосек кој не го загрозува системот како таков. Тоа е нешто што социолозите и коментаторите испуштаат да го видат, затоа што на спортот не му даваат толкава тежина, и за мене тоа е нешто вчудоневидувачко.

Имав можност лично да слушнам високорангиран политичар, кој цинично и речиси ликувајќи ја констатира страста на навивачите на Звезда и Партизан, затоа што му е јасно дека тоа е опиум за обесправените и понижените маси. Затоа, овие институции се „too big to fail“ и на нив одат огромни средства од џебот на истите тие граѓани. Стотици фирми ќе се затворат, но големите фудбалски клубови – никогаш. Во Србија имаме случај во кој Народната библиотека и Народниот музеј, две институции кои го сочинуваат столбот на националната виталност и култура, со години се затворени, додека на другата страна, огромни пари, кои сеедно завршуваат во џебовите на корумпираните функционери, се фрлаат на спортските колективи. Тоа е смрт на културата на еден народ, и тоа не сакаат да го видат токму оние кои одат на стадионите и кои се колнат во нацијата, националната култура и историјата. Иста е работата и со организираната религија, односно црквата, да бидеме прецизни, која нема никаква врска со автентичната вера. Таа е паразитска институција пар екселанс, а притоа е и политичка, затоа што поповите најмалку се занимаваат со евангелието и со хуманистичкото душебрижништво.

Што доведе до тоа спортистите воглавно да се поврзуваат со десницата и со црквата?

Спортистите генерално се обучувани да се однесуваат популистички и конформистички. Побуната или некој вид на отпадништво кај модерниот спортист може да се случи единствено на ниво на егото, ако е во немилост на тренерот или слично, додека од политиката нема поим, ниту го интересира. Спортистот е интелектуално и емотивно недоносче и тој се создава за да биде таков, тој не е воспитуван да биде автономен. Многумина станаа јавни личност пред воопшто да станат личност. Покрај ова, најлошата можна работа која спортистот може да ја доживее е да биде прогласен за непатриот, и тоа е неговиот најголем страв, посебно ако е во прашање репрезентацијата. Спортот едноставно го создава тој вид на свест, еден вид униформност, и тоа е конзервативна појава пар екселанс, па поради тоа и не е чудно што е крајно компатибилен со другите конзервативни појави како што се национализмот, десницата, црквата. Погледнете ги само играчите на „баци рака“ кај свештениците, меѓу нив има и такви кои размислуваат донекаде со своја глава, но не се доволно силни да му се спротивстават на притисокот на групата. Впрочем, десницата и црквата многу добро ја играат таа игра на „чувари“ на идентитетот, фолклорот и традицијата, односно на националната свест. Колку спортистите се политички инструментализирани и злоупотребени најдобро се гледа по тоа колкав им е рокот на траење. На пример, генерацијата на хрватски фудбалери која беше трета на светот имаше исклучителна улога во создавањето на младата хрватска нација, а денеска мнозинството од нив се предмет на потсмев. Или, пак, се претставени како неписмени или опортунистички функционери. Тоа само укажува на еден друг феномен за којшто зборувам, а тоа е дека спортот и политиката како такви немаат никаква трајна човечка тежина и вредност.

Фудбалерите им станаа идоли на младите. Колку е денешниот систем на вредности нарушен?

Се работи за она што филозофите би го нарекле идеолошка хегемонија, односно културна хегемонија која е деполитизирачка. Фудбалерите се најдобар пример за тоа како лумпенбуржоазијата на власт и со помош на „идолите“ го создава и го репродуцира лумпенпролетаријатот. На цели слоеви им наметнува еден вид амнезија, која служи за од свеста да се избришат изборените права и привилегии, кои во социјализмот донекаде ги уживале. А, тоа значи и почитта спрема лекарот, учителот, социјалниот работник, уметникот и генерално работникот како таков. Тоа е клучот за приказната за затворените музеи, а отворените стадиони. Покрај ова, преку новите идоли, кои и самите се од најниските слоеви, се пласира лажната приказна за либералниот капитализам во кој секој има шанса да успее ако има волја и талент. На тој начин се интегрираат во доминантниот вредносен хоризонт, а ако тоа е засилено со транзициската приказна за лесните пари, главно од полукриминален карактер, тогаш приказната за лумпенпролетаријатот и лумпенбуржоазијата се заокружува. Младите станаа и цинични, не успеваме да ги воспитаме во духот на еманципаторскиот идеализам, туку стануваат жртви на опортунистичкиот реализам.

Како гледате на некогашна Југославија и на државите кои произлегоа од неа?

Кога на Југославија се гледа романтично, тоа значи дека ја лишуваме од нејзината политичка содржина. без оглед на тоа што повеќето луѓе се склони кон романтизирање и носталгија. Тоа беше еден еманципаторски проект кој не се оствари, што поради партиските елити и биократи, што поради конформизмот на самата работничка класа и граѓаните. Не е случајно тоа што инспираторите и двигателите на војните и конфликтите главно беа поранешни комунисти, кои успеаја да се здружат и со националистите против кои до вчера се бореа. Значи, крајно реакционерни случувања, кои ги водеа оние што не сонуваа либерализам, туку свои мали држави во кои тие ќе бидат „главни“, со некој вид авторитарен капитализам, односно олигархија од „двесте семејства“.

Поборник сум на тезата дека секоја нација во Југославија посебно уживаше повеќе суверенитет отколку кога било претходно во својата историја или отколку што ќе уживаат во догледно време. Е, сега, друга работа е што се вративме цел век наназад и што конзервативците промовираат крајно сомнителни културолошки идеи, по кои Хрватска припаѓа на Западот и на Европа, а Србија на Истокот, односно на Русија, и што по овој пропаганден плашт сме подготвени да го превидиме и да го прифатиме недостатокот на суверенитет. Односно, ми се чини дека сме подготвени да се одрекнеме од тој суверенитет, доколку тој им е предаден на нашите „традиционални“ пријатели. Меѓутоа, протекторатот е секогаш протекторат, тоа е прашање на структура и на односи на зависност, без оглед на содржината, и дали некој субјективно се чувствува дека припаѓа на оваа или онаа цивилизација или култура. Значи, поради нарцизмот на малите разлики, подготвени сме да им се фрлиме на другите во прегратка, без оглед на тоа што со тие други имаме далеку подолга историја на анимозитет. Тоа се одеи што секогаш одново се популаризираат и се пуштаат во оптек од влијателните конзервативни кругови, па така се добива впечаток дека Србите и Хрватите се архинепријатели, иако отворениот судир меѓу нив почнува дури на почетокот на 20-от век. Не сум заговорник на некоја нова Југославија, затоа што тоа е невозможно, а минатите војни уште повеќе ги продлабочија разликите и аверзијата. Всушност, не постои некое ново движење на хоризонтот кое може да го обедини регионот, макар за почеток како некој вид солидарен, слободарски фронт.

Често предупредувате на фашизмот. Какво е, според вас, неговото ново лице?

Крајно сум внимателен со тој термин, затоа што тој стана еден вид борбен повик за дефамација на политичките противници и неистомислениците, воопшто. Меѓутоа, невозможно е да се редуцира фашизмот само на движење кое настанало во одреден историски контекст во 1920-те години, затоа што тој секогаш одново покажува универзални, трансисториски атрибути и склоности. Кога ќе кажам фашизам, мислам на една од појавните форми на реакционерното насилство и нетрпеливост, затоа што насилството може да има и поинаков карактер – да го земеме примерот на Француската или Октомвриската револуција, кои историски гледано, се прогресивни. Кај нас е проблем тоа што не постои визија ниту утопија, и таа систематски се саботира, што е засилено со неолибералистичкиот глобален наратив и со приказната за крајот на сите идеологии. Тоа создава еден вид пасивно-агресивна фрустрација со крајно деструктивни последици, и тука гледам раѓање на некој вид фашизам, само е прашање неговата работна верзија, неговата појавна форма и размери. Значи, тој не мора примарно да има крајно идеолошки страсна база, доволно е да постои недостиг на попрогресивни алтернативи. Кај нас тој беше главно со фолклорен карактер, но не треба да се заборави и дека добар дел од нацистичките симпатизери биле токму lkisch, т.е. народни традиционалисти.