[Интервју] Хром: Графитите ми беа љубов на прв поглед, која трае веќе 20 години

Графити цртачот Хром (Цветан Неделковски), изминатава недела прослави 20 години постоење на графити сцената. Изминатите две децении слобода и цртање на, како што вели, „легални и нелегални ѕидови“, ги одбележа со „Скица Букви Форми Ѕид“, поп-ап изложба во старата фабрика „Гранит“ во Карпош 4. Повеќе за своето творештво и за изложбата, зборува во интервјуто за Радио МОФ.

Насловот на изложбата е „Скица Букви Форми Sид”. Која е темата?

Годинава се посветив на форми и букви. Во моите дела се гледа постојано нивната трансформација, целиот тој пат. Кршење букви до наједноставни форми или обратно, спојување на форми до добивање на букви т.е. целата приказна за тоа како од скица се доаѓа до графит, а притоа цртачот да не го изгуби своето јас. Освен што прикажувам 14 мои скици, исцртан е еден огромен дел од ѕидот во просторијата. Присутните можат да го видат самите целиот процес на настанок од скица до ѕид.

Што сè се најде на изложбата?

На изложбата се најдоа 14 дела кои се нацртани во 2016 година. Си задавам некоја тема на која работам во текот на годината, се со цел да ми биде мене лично интересно. Оваа година тоа беа формите, буквите и нивната трансформација.

Зошто одлучи да се изразуваш токму преку графити? Зошто тие поразлично служат како медиум?

Оваа година одбележувам 20 годишнина во светот на графитите. Веројатно беше љубов на прв поглед и еве трае сè уште. На графитите гледам како еден маратон, а не како на трка на 100 метри. Ја замислуваш целта, но постојано менуваш тактики, темпо и идеи како да стигнеш до својата цел. Сè уште трчам маратон и се надевам нема никогаш да престанам.

 

Поп-ап изложбата може да се најде во Гранит, стара напуштена фабрика во Карпош 4. Како дојде до изборот на оваа локација?

Веќе цела година барав простор каде што ќе  можам да се чувствувам дека припаѓам, на почетокот почнав да барам галерии за изложба, но магијата ја немаше. Еден мој пријател ми го претстави местово пред неколку месеци и веднаш знаев дека тоа е местото. АД Гранит излегоа во пресрет и ми дозволија да се изразам и да го прикажам просторот точно како го имав замислено.

Со изложбата прославуваш 20 години присуство во македонската и интернационалната графити сцена. Што се случуваше во овие две децении, што би издвоил како дела на кои си особено горд?

Овие две децении се случуваа графити, многу многу графити. Периоди кога не бев многу активен на сцената поради други обврски, но и периоди кога цртав по скоро 300 графити во годината. Патувања, дружење, запознавање многу истомисленици, легални и нелегални ѕидови, возови, напуштени фабрики, развивање техники и цртање многу комерцијални дела.

Треба ли графитите да се сметаат и формално како уметност? Како дела кои се наоѓаат во јавен простор, според тебе – кому му припаѓаат, на авторот или на јавноста?

Графитите се пред се „слобода“, нема правила. Секој треба да гледа на нив лично од себе, доколку е истомисленик е добредојден, доколку не е слободно нека ги осудува. Моите графити се од мене за мене и во исто време, од мене за сите. Пред сè цртам графити за себе, но секој кој ќе се пронајде или му се допаднат моите графити може да каже дека е дел од нив.

Има ли простор кај нас за ваков неконвенционален тип на уметност?

Секогаш ќе има простор за графити секаде, доволно е да има само еден графити цртач за играта да се игра.

Стефанија Тенекеџиева

Фотографии: Александар Јосифоски