[Интервју] Грант Камерон – Смит: Со велосипед од Лондон до Истанбул за да се тргне стигмата за аутизмот

Оваа велосипедска тура ќе го привлече вниманието и ќе резултира со тоа луѓето да почнат да зборуваат за оваа идеја, за аутизмот како состојба и полека да почне да се трга стигмата, вели Грант Камерон – Смит во интервју за Радио МОФ.

Грант Камерон – Смит е бизнис консултант кој живее во Јоханесбург, Јужна Африка заедно со својата сопруга Елизабет и двете деца. Како помлад често трчал маратони, но од пред две и пол години главно хоби му станува возење велосипед.

Дел е од хуманитарна организација која помага на луѓе со аутизам и вели дека уште од мал му било желба да ја истрча цела Европа, од Лондон до Истанбул. Меѓутоа, трчањето на волкаво долго растојание е прилично тешко да се изведе сам, а партнер во таа негова идеја никогаш не нашол. Затоа, почнувајќи од 13 март, тој ја започнува турата Лондон-Истанбул возејќи го својот велосипед.

На 19 јуни пристигна во Скопје, па решивме да разговараме за оваа негова авантура која се протега од најзападната до најисточната точка на европскиот континент.

Која е идејата зад оваа велосипедска тура?

Главниот поттик започнува од самата идеја зад нашата хуманитарна организација. Нејзината цел е да им помогне на адолесцентите со аутизам да се пронајдат во светот по 18-та година од својот живот, односно по завршување на образованието. Главниот проблем кај овие луѓе е што постојано во текот на младоста се маргинализирани од своите врсници и целиот свет. Ова не само што ја руши нивната индивидуа, туку и значително го отежнува процесот на наоѓање работа и имање нормален живот. Тие остануваат без цел за живеење, депресивни и затворени што не ретко завршува со самоубиство. Ние сакаме да им помогнеме токму во тој дел и да ги издигнеме во нормално функционални луѓе.

Мојата цел во оваа тура е: прво, да го привлечам вниманието на луѓето правејќи нешто извондредно и поинакво од се што досега направиле други хуманитарни организации. Ова ќе го привлече вниманието и ќе резултира со тоа луѓето да почнат да зборуваат за оваа идеја, за аутизмот како состојба и полека да почне да се тргне стигмата. А како второ, целта е преку донации да да собереме средства кои ќе помогнат во работата на организацијата.

Поглед од замок во Виго

Во голема мера, ова почна да делува. Многу луѓе го заследија мојот блог, профили на социјални мрежи и почнаа да се интересираат за оваа тура и за идејата. Главната цел полека ја достигнуваме, а тоа е ширење свест низ светот за извонредноста на луѓето со аутизам и за неверојатните можности кои ги кријат во себе, а се поттиснати и неискористени.

Што носите со себе?

Четири торби со облека и основни работи за егзистенција на ова патување, шатор, вреќа за спиење, фотоапарат, храна и вода и секако мојот велосипед.

Франција

Каде обично преспивате?

Ах, тоа зависи од ден за ден. Местата каде преноќувам варираат од хостели, домови на семејства кои се доволно фини да ме примат на една вечер, па се до вреќа за спиење во мојот шатор надвор во природа.

Како еден човек тргнува и преживува сам на вакво патување?

Постојат два типа на луѓе на овој свет: луѓе што се плашат да направат нешто поинакво од она што обично го прават, нешто авантуристично и од друга страна луѓе што на такви авантури гледаат како едни незаменливи, интересни искуства, храбро влегувајќи во нешто непознато.

Андора

Во текот на ова патување никогаш не знам каде ќе ме одведе патот, каде ќе бидам следниот ден, каков ќе биде сообраќајот, времето, кого ќе запознаам… Се’ што знам е дека го имам мојот велосипед, малку облека и со голема амбиција одам од едно место на друго. Ова патување целосно ја промени мојата перцепција за човештвото. Ме научи дека луѓето се неверојатни.  Човекот на улица, возачот на камион, луѓето на бензинската станица. Секој што ќе го запознаам е прекрасен и фин на свој посебен начин.

По 4 месеци, откако ќе ја завршам оваа тура, ќе останам со целосно променета слика за човештвото.

Со какви пречки се соочувате во текот на патувањето? 

Да возиш 140 километри дневно на точак е само по себе претешка работа. Додај ги на тоа темепратурата од 40 степени, планинските предели и тешки угорнини кои морам да ги поминам, оваа тура е едно од најтешките искуства што некогаш сум ги имал.

Шпанија

Често возам и на патишта кои не се баш наменети за велосипед: каменливи патеки, тесни предеи, неасфалтирани улици… Честопати додека возам ќе забележам некој прекрасен пејсаж или дел од прироадата кој едноставно мора да застанам и да го фотографирам. Овие застанувања ти го губат темпото кое си го развил и да почнеш повторно да возиш е навистина тешко, но едноставно морам да ги доловам тие моменти на слика.

Сликовито прикажано, некогаш пијам дури и до 13 литри вода дневно што само по себе покажува колку всушност пот излегува од мене.

* * * * * * 

Иако физички е сам на ова патување, постојано зад себе ја има својата сопруга и сите луѓе кои секојдневно ги читаат објавите на блогот crazybikeguy.com.

„Секоја вечер пред да легнам ќе и се јавам на сопругата и ќе и раскажам како ми поминал денот, каде сум бил, што сум видел, со кои луѓе сум се запознал. Ќе и пратам некоја слика и таа потоа се’ објавува на нашиот блог“, вели Камерон – Смит.

Неговите планови се за околу две недели да пристигне во Истанбул и да ја заврши оваа тура, а потоа да се врати во својот дом во Јужна Африка, каде ќе продолжи да работи со хуманитарната акција и да им помага на луѓето со аутизам.

Георги Божиновски