[Интервју] Ѓорѓи Иловски, СМАТ: Успеавме да произведеме генерации на емотивни инвалиди

На два дена до настапот на хардкор бендот „Смат“ на музичката конференција „Пин“ во склоп на фестивалот „Таксират“, позборувавме со нивниот фронтмен Ѓорѓи Иловски. За ретроспективата за сцената некогаш и сега, пораките кои тој би ги пренел на помладите бендови, нивните настапи и нивното творештво изминативе 23 години, прочитајте во интервјуто во продолжение.

Револтот кон системот преовладува во вашите песни, дали на овој начин ја канализирате вашата лутина и бес кон него?

Не се работи за револт кон систем. Нашата цел никогаш не била да го канализираме нашиот бес и лутина кон него, да се испразниме и никому ништо. Ако ни беше тоа целта ќе отидевме да играме фудбал, баскет, ќе трчавме на кеј итн… Кога нешто нарекуваш „систем“ тоа функционира, а ти сакаш да промениш дел за да е подобро. Овде имаш еден голем хаос и безредие од погрешни вредности кое како ураган не пустоши 30 години. Успеавме да произведеме генерации на емотивни инвалиди без вредности, морал и човечко достоинство. Луѓето се „системот“, тоа не е нешто апстрактно. Се караат за партии, за Македонија на никој не му е гајле. Културата ја прави една земја јака. Овде со години се работи таа да се уништи. Не ми изгледа дека тоа е невино и ненамерно.

Можеш ли да ми издвоиш некој ваш настап кој ти оставил многу посилен впечаток од вообичаеното, независно дали се работи за делење на сцената со македонски изведувачи или некои од врвните странски групи?

Оу, ова е тешко прашање. Да бидам искрен одамна сме немале лош настап. Баш напротив, секој настап е се подобар и подобар од секој аспект. Кога излегуваме го свириме секој концерт како да е последен. Немаме милост и не се чуваме за следен пат, затоа што знаеме и сме свесни дека во ова лудо време може и да нема следен пат. Ни замеруваат затоа што не свириме често. Едноставно свириме кога знаеме дека би можеле да извадиме максимум од тој настап и да остане како убав спомен за сите. Не е да излеземе по било која цена и било какви услови. Кој нѐ знае како луѓе знае дека не правиме компромис кога се работи за бендот. Според нас, компромис е најглупавото нешто што би можеле да го направиме. Едноставно тогаш никој не е среќен и задоволен. Кој беше на последната концертна промоција на албумот знае за што зборувам.

Фото: Стефан Рајхл

23 години на сцената и многубројна верна публика. Може ли да ми направиш една ретроспектива за бендот и за сцената генерално? Каква беше сцената пред 10-15 години, каква е сега?

Ова прашање многу често го добивам последниве две години. Да кажам дека на времето беше подобро чисто од носталгија, не би бил искрен и би се лажел самиот себе. Од поглед на квантитет можеби, но кога ќе ми текне само на местата на кои свиревме и газдите на тие локали кои сега ги вбројуваат како „легендарни“ е смешно. Убавите времиња почнаа кога се отворија „Кастро“ и „Хавана“ кои за жал не функционираат. Сите претходни „легендарни“ клубови беа само симулација и импровизација. Недостасува само духот кој нашата генерација и ден денес го носи. Ние едноставно не чекавме некој да ни прави свирки и концерти. Сами ги правевме. Не чекавме некој да прави па да не викне. За финансии не ни зборувам. Во тоа време целата држава беше финансиски слаба. Бевме помирени дека немаме и немавме големи очекувања. Од секој аспект беше потешко. Опремата што ја имавме тогаш и сега е неспоредлива. Границите беа затворени на сите страни. Ретко некој доаѓаше, а уште поретко ние одевме некаде. Сѐ имавме само едни со други и мислевме дека светот е нашиот микро космос кој сами го градевме. Тоа беше нашата сцена. За бендот имало убави моменти, но и многу лоши. И ден денес се запрашувам како ние сме издржале и преминале преку се. Често пати слушам како се расфрлаат со фразата „Начин на живот“! Драги пријатели, СМАТ е нашиот живот, пост дипломски студии и докторати! Кога станува збор за публиката, фановите кои не поддржуваат секогаш, мислам дека би го поминале овој тежок пат уште десет пати без да размислиме ни една секунда.

Пред некој ден најави дека за некое време планираш да ја напуштиш државата. Каква е иднината на SMUT?

Навистина не би сакал да навлегувам во детали на таа сѐ уште болна тема за мене и моите блиски. Се случи брзо, без некои големи планирања. Се што имам да кажам зашто, како, која е причината е опишано во песната „Се или ништо“ од последниот албум.

Бендот продолжува со работа, веќе почнавме со работа на нов материјал. Почетокот на годината ќе ве почастиме со нов сингл. Како и што напишав, ќе биде малку потешко за концерти. Не може да свириме кога ќе посакаме. Логистички ќе треба повеќе математики и планирање за еден концерт. Токму поради тоа се договоривме за настапот на ПИН оваа година, нормално до следното видување кога и да е.

Што би им порачал на младите бендови?

На младите бендови би им препорачал пред што и да прават да имаат замислена цел и да ги преиспитаат своите мотиви. Да учат од грешките на постарите и да не ги повторуваат. Алкохолот и дрогата се најголемиот непријател за нивниот творечки капацитет, тоа нема да ги направи кул и нема да им напише добра песна. Пороците се измислени за да ги држат под контрола нив и слободната мисла. Сами да прават концерти, албуми, да не чекаат друг тоа да го прави за нив. Да слушаат повеќе музика, да посетуваат повеќе концерти.

Мартин Колоски