[Интервју] Евин Инчир: Младите во Шведска влегуваат во партија за да го променат општеството

Младите во Шведска се повеќе се вклучуваат во некоја од постоечките партии, но не за да добијат побрзо работно место, туку за да направат некаква промена во општеството. На вчерашната трибина организирана од Институтот за социјална демократија Прогрес, присуствуваше и Евин Инчир, претставничка на Меѓународната унија на социјалистичката младина. Унијата претставува чадор-организација на 136 други организации, од над 80 држави. Движењата кои се дел од унијата се претежно партиски подмладоци на политички партии во различни делови од светот. Во интервју за Радио МОФ, Инчир зборува за Унијата, ставовите на младите во Шведска кога станува збор приклучување во партија, како и за предизвиците со кои младите се соочуваат таму.

За време на јавната дискусија рековте дека за младите е важно да бидат дел од политички партии. Меѓутоа, праксата во Македонија покажала дека кога млад човек ќе се зачлени во некоја партија, тој станува обележан од општеството. Какво е искуството во Шведска?

Се разбира дека не е како во Македонија, но лично кога сум зборувала со пријатели, кога сум се обидувала да ги охрабрам да се вклучат во партија, некои од нив ми кажуваа ‘не, не сакам да добијам минус во моето портфолио, бидејќи сум партиски ангажиран’. Така што, иако можеби не е како овде, постои мал страв и во Шведска за да се биде партиски активен. И покрај тоа, големиот дел од општеството гледаат на партиите како уште еден начин на вклучување во општеството, како ангажман во невладина организација. За мноштвото од населението, партијата е еден начин на активизам, што е позитивно. Се разбира, и контекстот е различен, и политичката ситуација овде. Би рекла дека во Шведска има повеќе демократија отколку она што се случува овде изминативе години. Според мене, постои потенцијал што не е искористен од македонскиот народ, барем не од младите луѓе.

Меѓу младите постои стравување дека ако не се зачленат во некоја партија, тие ќе останат без работа по своето образование. Постои ли таков став и во Шведска?

Не, ова претставува една од опасностите кога една партија станува моќна и се распространува во секој сегмент од општеството. Ние како политичари, мораме да бидеме дел од влијанието врз нашето општество, со градење на домови, промовирање образование, зголемување на бројот на работни места. Но, ова не треба да биде само за нашите членови, туку мора да биде за целата популација. Не треба вие да се ангажирате во политика за да имате придобивка од системот, туку да се вклучите бидејќи верувате дека може да го смените вашето општество и животот на другите луѓе околу вас.

Колку политичарите ве прифаќаат и како реагираат на вашите активности?

Би рекла дека е прилично позитивно, но се повеќе млади луѓе се определуваат за невладини организации кои повеќе се фокусирани на еден проблем, наместо да се концентрираат на цел идеолошки пакет, што на некој начин покажува дека младите се уште не се политички ангажирани . Од друга страна, ако ние како млади луѓе не направиме чекор кон политички партии, ние нема да бидеме тие што директно ќе кажат за политиките кои се креираат и се имплементираат.

Како Унијата укажува на потребите на младите?

Со оглед на тоа дека имаме различни партии, имаме и различни младински организации. Поради тоа што имаме различни идеологии, постојат различни пристапи и различни предлози за тоа што им треба на младите. Се обидуваме, без разлика на нашата идеологија, да соработуваме за одредени прашања, но кога станува збор за одлуки како домување, или образование, ако ја погледнеме десничарската страна од политичката сфера, тие на пример, не мислат дека ви треба бесплатно образование. Додека ние, сметаме дека ова е неопходно со цел луѓето да можат да станат независни и еднакви, и вашиот паричник не смее да одлучува за вашата иднина.

Според новото истражување на Институтот за социјална демократија Прогрес, повеќе од половина од младите во Македонија не се информирани, ниту пак, заинтересирани за младински политики кои ги засегаат. Колку кај младите во Шведска постои интерес за вклучување во младинските политики?

Мислам дека кога ќе се спомне политики, главно се асоцира со партиска политика, исто и во Шведска. Сепак, како што кажав уште на почетокот, не може да се споредува, но генерално, младите мислат дека ако учествуваат во Младински совети тие се партиски ангажирани. Но, тоа е политички ангажман. Или, ако се оди на демонстрации, тоа е исто така, политички ангажман. Така што, би рекла дека постои различно објаснување за тоа што политика и политичко ангажирање значи. И тоа е една од работите кои ние како политички организации треба да ги промовираме, да покажеме дека сите аспекти во вашиот живот се всушност поврзани со политички одлуки. Ако навистина сакаме да им се обратете, направете нешто во врска со нив. Имаме две опции, или да бидеме дел од нив и да влијаеме, или да останеме надвор и да дозволиме некој да влијае на нас. На крај, ако ние не сме дел од промената, тие ќе се донесуваат и спроведуваат од други, и може да бидат промени кои ние ги сакаме.

Шведска се смета за една од европските земји со најдобар животен стандард за младите. Постојат ли проблеми во Шведска и како се справувате со нив? 

И ние секако имаме многу проблеми. Иако како што кажавте, ако се споредиме со други земји, можеби добро стоиме, но имаме уште многу предизвици. На пример, имаме висока невработеност. Можеби не како во Грција и Шпанија, сепак, е многу висока. На долг рок, ако не се посветиме на нив и не најдеме решение за младинската невработеност, тоа ќе влијае на перцепцијата на младите за нивната иднина, како и на вклученоста на младите во општеството. Ако немате пристап во сите делови на општеството, ако немате работа, што е една од најнеопходните делови во живот, нема да се чувствувате независни и слободни. Имаме големи предизвици и со домувањето. Кога зборуваме за младите, во Готенберг, градот во кој сум израсната, пред неколку години, кога бев претседателка на мојот дистрикт, имавме кампања со која идејствувавме општината да изгради куќи за млади луѓе и да им ги понуди. Така што, на младите нема да им требаат илјадници евра за да си купат куќа, бидејќи тие апартмани се во сопственост на општината и се издаваат.

Која би била твојата порака до младите во Македонија?

Ситуацијата во Македонија во моментов е доста предизвикувачка, многу тешка. Но, за да се смени оваа ситуација мислам дека ние како млади луѓе треба да застанеме заедно и да зачекориме кон местото каде се донесуваат одлуките, за да не бидеме само слушатели, туку и да ја придобиеме и имаме моќта во нашите раце, со цел да влијаеме на ситуацијата директно, а не преку други луѓе.

Е.П.