[Интервју] Елвира Мустафа: Преку Философскиот клуб „Никола Карев“ израсна средношколски граѓански активизам

Потребата младите да си го отворат умот и размислуваат, да бидат индивидуи, личности што сами носат одлуки и истовремено креираат и се ангажираат, беше причина во 2014 година во склоп на скопската гимназијата „Никола Карев“ да се оформи Философскиот клуб.

Сега поради пандемијата Клубот се сели онлајн, а професорката, философ и активист Елвира Мустафа очекува учениците со нов ентузијазам повторно заедно да се препуштат во водите на философијата. Да бараат нови одговори, но и да нудат нови решенија – неформалното образование како решение за онлајн наставата.

Мустафа во разговор со Радио МОФ се сеќава како со колешките Виолета и Валентина дошле на идеја да го започнат Философскиот клуб. Обично тој се случувал во саботите, со чај, кафе, муабет. Сите присутни, седнати во круг, дискутирале што претставува философијата како дисциплина, како научна единка, и зошто ја учат оваа дисциплина.

„Се развиваат многу дискусии на таа тема. Зборуваме и за секојдневни теми, од секојдневен живот. Говориме на теми кои не се говорат. Во тие простори, од овој клуб, израсна и нашиот средношколски граѓански активизам“, гордо раскажува Мустафа.

За неа е важно не само формално, туку да размислуваат и говорат и надвор од редовниот образовен процес, теми коишто и самите ученици си ги задаваат. Па, повикуваат и гости од други училишта, факултети, учениците водат дискусии, тематски предавања…

„Апсолутно имаат слобода да го оформат својот час, од своето гледиште, како сакаат, без некој да им стои на глава“, вели Мустафа.

Според професорката, во Клубот нема стереотипи и дискриминација. Никогаш, вели таа, нема да дозволат некоја група да биде дискриминирана, без разлика дали е тоа врз основа на национална или етничка припадност, сексуална ориентација, пол, род, припадност на маргинализирана група, социјално потекло, религија…

На почетокот, младите имале желба да говорат „за љубов“. Па ајде, вели таа, говореле за љубов. За љубов кон родител, кон луѓе, кон Бог, кон различни нешта. Понатаму се развиле различни дискусии. Младите се отвориле.

Ученици од Клубот во поддршка на протестот за чист воздух

„Се говореше за правите на ЛГБТИ популацијата, колку маргинализираните групи кај нас се поддржани од општеството и јавноста, колку свесноста на ученикот, наставникот и родителот е висока во тој поглед. Понатаму, имаше актуелна тема за демократскиот систем – левото и десното гледиште во политиката. Потоа едно дете се запиша на политички науки. Беше поттикнат (токму од ова). Многу често се говори за дисциплини. Ние имаме поим на Бог, имаме религија, теологија, теократија – држава каде Бог раководи со се’. Ама, ги прошируваат тие гледишта. Сакаат повеќе да знаат. Повеќе да осознаат. Говориме за различни системски уредувања, гледишта, а последно време – граѓанскиот активизам. Воздухот често беше споменуван на овие кругови и седенки. Од една единица, една тема, понатаму се развива иницијатива за младите да направат некаква промена. Така беше маршот за чист воздух“, потенцира Мустафа.

По ваквиот пристап, дополнува таа, важно е „да им се рашири умот. Да сфатат дека сите ние сме едно. Дека не сме поделени и секој од нас е различен еден од друг.

„И ’панта реи’ – се’ тече, се’ се менува. Никогаш ништо не може да биде исто, и никој со никого не е ист. Јас сум различна од вас, вие од некој друг, ама сите имаме емпатија и љубов. Главна цел ми се емпатијата и љубовта, бидејќи предавам и етика, па произлегуваат и практични дела – грижа за некого, посета на домови, хуманитарни акции, давање љубов на лица што живеат на улица итн.“, објаснува Мустафа.

Философскиот клуб на тема „љубов и емпатија“

Според неа, клубот не е она класично, да седат и да зборуваат за Хегел и за Кант. Место тоа, зборуваат за сето она што буквално ги тишти учениците. Им објаснува теоретски и философски, а тие се пронаоѓаат во нешто. И се оформува група на луѓе што сакаат да делуваат позитивно.

За фактот што Философскиот клуб поради корона-кризата сега мора да се сели онлајн, Мустафа вели „ако животот ви даде лимон, вие ќе си направите лимонада“.

„Во овој момент, во овој случај, децата многу ми се важни! Јас го работам ова затоа што го сакам. Не затоа што ќе земам плата и ќе дојдам дома. Не! Ја сакам оваа работа! Ги сакам тие живи, материјални битија. И, многу ми е битно да имаме корелација, се вклучуваме и на Вибер, на Скајп, Месинџер, последно време на Зум. Се собираме од сите класови, од сите години. Можете и вие да дојдете. Секој е добредојден. Клубот е отворена врата“, потенцира Мустафа.

Таа преку Фејсбук пиша дека наскоро ќе има Философска аудио лектира. Тоа значи, предметите Философија, извор на философија – сите лекции од учебникот се реализирани во аудио формат.  Професорот, односно нараторот, на поедноставен начин ги запознава учениците со суштината на философијата. Од самите почетоци, па се’ до современа философија.

Награда од Град Скопје за најдобар философски есеј

„Акцентот се става на важните нешта, бидејќи учебникот сам по себе е обемен и неразбирлив. И, јас пробувам тие лекции да ги моделирам, да ги направам интресни. Се снимаат аудио, па понатаму се дистрибуираат, се делат итн“, вели таа.

Во однос на прашањето зошто философијата, а со тоа и етиката, е важна за развојот на младите, Мустафа раскажува секојдневен муабет. Некој обично ќе и рече, „ти предаваш философија, леле, па тоа било нешто одамна и изумрело“. А, таа возвраќа „да, секое нешто што постои, постои од некаде, од нешто“.

„Самата философија, етимолошки, значи љубов кон мудроста. Љубиме да ја осознаеме мудроста. Со самото тоа правиме промена во некој свет. Секоја млада единка, секое младо битие е потребно да биде синџир на оваа промена. Етиката како гранка на самата философија е нешто што не’ учи на добро. Буквално да правиме дистинкција меѓу доброто и лошото. Си воведовме практична етика во школо, каде што, на тој начин, младите учат како да помогнат на некој на улица. Секој има задача, кога во текот на неделата или месецот направил некое добро дело – да го запише. И, после тоа заедно ги читаме тие добри дела. Убаво е чувството кога знаете дека сте дел од промената на младите, а тие самите го прават тоа. Тие се индикатори на промените. Да ги научам, а самите да донесуваат одлуки. Имаме многу паметни деца!“, потенцира Мустафа.

Бојан Шашевски