[Интервју] „Џун“: Да се настапува на Сигет е голем предизвик

„Џун“ е единствениот македонски бенд кој оваа година ќе настапи на еден од најголемите светски фестивали Сигет во Будимпешта. Со цел да откриеме како течат подготовките разговаравме со главниот вокал Бојана Низамовска. Таа за Радио МОФ раскажува за почетоците на бендот, искуството да се снима во студио со еден од најдобрите тон мајстори, како и за новите песни кои се на повидок.

Како ја примивте веста дека ќе настапувате на Сигет во Будимпешта и како течат подготовките?

Искрено, не ни се веруваше, бидејќи Сигет е прилично голем фестивал и има освоено неколку награди за најдобар европски музички фестивал. Сепак, настапуваме на една од помалите сцени што и тоа е доволно за нас. Одиме целата екипа, не одиме само бендот. Со нас ќе дојде и Јане Трајковски којшто свири труба на последниот албум и уште една екипа од десетина луѓе што ќе не поддржуваат. Не се сомневам дека лошо ќе си поминеме. За настапот сме прилично спремни затоа што песните постојано ги свириме веќе една година. Ново е тоа што таму ќе свириме три нови песни од коишто две од нив ќе излезат во јуни и е голем предизвик, бидејќи првпат ќе настапуваме на толку голем фестивал.

Во конкуренција од преку 100 млади артисти и групи, „Џун“ со уште три неафирмирани бендови ја добивте главната награда на „Converse rubber tracks“ – бесплатно снимање во култното „Студио М“ во Нови Сад. Што беше клучно според вас да ја добиете наградата и какво беше искуството да се биде дел од вакво натпреварување?

Мислам дека имавме среќа што воопшто влеговме во полуфиналето. Во полуфиналето влегоа 15 артисти коишто беа избрани врз принцип на гласање преку Фејсбук. Прилично го промовиравме ова и многу ми е драго што добивме поддршка од луѓето тука. Потоа, четиричленото жири одлучи кои пет артисти ќе добијат награда да снимаат во „Студиото М“ во Нови Сад. Мислам дека беше најбогатото искуство што досега го имаме стекнато, со концерти, со комуникација со луѓе од Македонија, продуценти, тон мајстори. Имавме можност да снимаме со еден од најпознатите тон мајстори во Европа, Ал О’Конал, кој е добитник на наградата за најдобар тон инженер во 2013 година во Велика Британија. Можам само да издвојам дека е тон инженерот на последниот албум на Пол Маккартни, така што секој совет од него беше добредојден и го прифативме.

Досега ги објавивте албумите „Someday soon“ и „Indian summer“, а во тек е снимањето на новиот производ по победата на „Converse rubber tracks“. За што станува збор и кога би можело да се очекува финалниот резултат?

Максимално ги искористивме тие 8 часа во студио. Успеавме да снимиме две песни. Моментално се миксаат. Некаде при крај на јуни ќе ги пратиме на мастеринг во Америка и се надевам дека до крај на јули ќе можат да ги слушаат луѓето.

Според вас, кои се предизвиците со кои се соочуваат бендовите кои решаваат да свират поинаква музика од онаа која сме навикнати да ја слушаме секојдневно на радио? Колку кантри и инди поп музиката наоѓа простор на македонската музичка сцена?

Нашиот прв албум има призвук на кантри и инди поп, а во вториот албум, пола песни се баш инди поп, пола се акустични кантри и третиот албум што го правиме воопшто нема таков призвук. Јас повеќе и не свирам на акустична гитара, свирам на електрична, така што се враќаме на корените на рокенролот. Во однос на тоа како во Македонија е примена оваа музика можам да кажам дека не е прифатена, баш затоа што таа е американска музика. Иако имаме гостувања на неколку познати радиа и на нив ги вртат нашите песни, но за жал не тие што се кантри, туку тие што се инди поп. Можам да кажам дека не е прифатен овој тип на музика во Македонија што не значи дека ние стилот го менуваме поради тоа, туку сме во таква фаза.

Секој бенд има своја приказна за почетоците и членовите. Која е приказната за „Џун“?

Официјално Џун настана во 2010 година кога не беше под тоа име. Се уште се водеше под мојот надимак Бомзич. Почнав прво сама да настапувам. На иницијатива на Грга од МКЦ, тој ме покани да бидам предгрупа на едни девојки од Америка и така всушност започна целата приказна за овој проект. Потоа се приклучија сите останати членови, кои се уште се во групата – Филип Арсов – гитара, Данчо Поповски – бас и најдоцна Анте Гулин како тапани. Приказната за името е кога заедно со Анте и со Филип настапувавме на „Аларм“ како трио , некој искоментира дека сме женската варијанта на Џони Кеш, а жената на Џони Кеш е познатата Џун Картер и затоа се викаме Џун. Нема врска со месецот јуни, иако мене ми е најомилен месец.

Интересно е што сите песни, како и веб-страницата се напишани на англиски јазик. Зошто не и на македонски јазик?

Јас ги пишувам текстовите на песните и отсекогаш сум сакала да пишувам на македонски, но не знам и не можам да пишувам на македонски. Мислам дека тоа има врска со каква музика имам слушано. Никогаш неам слушано македонска, ни српска музика. Постојано, од дете сум слушала само музика на англиски и мислам дека има врска со тоа. Не е дека се немам обидено, едноставно не ми оди. За веб страната, добра замерка. Не сме се ни досетиле дека треба да биде на македонски. Филип е тој што ја прави веб-страницата, баш ќе му кажам деновиве да стави дел што ќе биде и на македонски бидејќи таа треба дел да биде и на македонски.

Агендата на овој бенд, во престојниот период е прилично пополнета. Почнувајќи од овој викенд, тие свират на фестивалот Sound of green, организиран од Пакомак. Потоа, на 18-ти јули ќе настапат на Д фестивал, за на крај, да настапат и на Сигет. Според Низамовска, бендот е во преговори со уште неколку фестивали, но се уште ништо не е официјално.

Е.П.