[Интервју] Две третини од Центрите за кариерен развој на факултетите не функционираат

54 проценти од студентите не знаат дали на нивниот факултет има Центар за кариера, се вели во истражувањето „Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“ кое го спроведе студентката на Природно-математичкиот факултет во Скопје, Ангела Тасевска.

Според истражувањето, кариерни центри има на 18 факултети, но вистински активни се само 6.  Повеќете од нив, вели Тасевска, имаат донесено одлука за формирање на центар со раководно лице и работна група, ама немаат никакви активности.

Истражувањето, исто така, го потенцира дефицитот на финансии за ваквите центри, како и малиот број на вакви центри во склоп на факултетите. Радио МОФ поразговара со младата истражувачка за резултатите.

Кои се генералните заклучоци од истражувањето?

Генералните заклучоци се дека би требало факултетите да поработат на тоа да имаат соодветен кадар којшто ќе го води центарот, бидејќи сега професорите кои се моментално назначени, немаат доволно време и ресурси за да го прават тоа. Исто така, не се доволно поврзани со бизнис заедницата и пазарот на трудот. За разлика од тоа, советник за кариера, кој што е стручен ќе може да ги обучи и самите студенти, да можат сами да ја изберат соодветната кариера. Покрај ова, сите се пожалија од недостиг на финансии, бидејќи кариерниот центар се финансира од страна на самиот факултет. И сега различни факултети имаат различни финансии според бројот на студентите што ги има на нив, и не можат сите да си ги покријат тие трошоците. Простории за работа исто им се се потребни многу, досега сретнав само на Економскиот факултет, дека имаат посебна просторија, другите најчесто ги користат канцелариите на самите професори. И премногу мала вклученост на студенти. Сепак центарот за кариера е за студентите, а се покажа дека голем број од нив не се информирани, не знаат дека постои таков центар и не се вклучени во истиот.

54% од студентите не се запознаени дека има центар за кариера, на што се должи тоа?

Мислам дека не се доволно промовирани центрите за кариера на самиот факултет меѓу студентите. Повеќето студенти, имам впечаток дека не знаат оти практичната настава е организирана од центарот за кариера, мислат дека треба да има практична настава, бидејќи тоа се наложува. Не знаат дека тоа е конкретна активност од таму, не знаат дека има работни групи. Мислам дека самите центри, повеќето од нив не се доволно претставени пред студентите, немаат едноставно промоција дека постои тој центар, и што тој центар нуди како активности и можности.

Што би значеле успешните центри за кариера за студентите?

Успешен центар за кариера би значело и добар кадар кој што понатаму би можел соодветно да ја пронајде кариерата и да работи. Мислам дека е клучен момент за поврзување на студентите со пазарот на трудот. Ние како студенти кога ќе излеземе од факултетот со диплома, немаме работно искуство и кога ќе се најдеме на тој пазар на труд, каде реално условите се поинакви од тоа што се сме го учеле во самата книга, нема да можеме да се снајдеме баш добро. Затоа е многу важно, самите центри да се промовираат кај матурантите, со цел да ги привлечат баш тие кои што се заинтересирани за тој факултет, покажале интерес, можности и способности да го усовршат факултетот како што треба, и практична настава, која сметам дека е многу важна, исто така организација на центарот за кариера. Практичната настава го покажува пазарот на трудот, не спојува нас како студенти со пазарот на трудот.

Што предвидува новиот Закон за високо образование во однос на центрите за кариера?

Измена има во законот од 2018 година, со тоа што се наведува дека на ниво на универзитетот не мора да има центар за кариера на секој факултет, може да има еден, може да има и повеќе, не ги ограничува да имаат на секој факултет. А во законот од 2013 година се ограничуваат дека мораат да го формираат центарот, дека секоја единица треба да има.

Со какви проблеми се соочи во текот на истражувањето?

Проблеми имав во однос на раководителите, кои не се многу расположени за интервјуа, барем со мене конкретно. Не знам од која причина е тоа, повеќето од нив, што биле само назначени, а не работеле, не сакаат никакво интервју, бидејќи немаат што да кажат во принцип, со оглед на тоа што центарот не е активен. Тие што се сега ново назначени, се уште не се „уходани“ во работата, имаат проблеми финансиски, слични работи. Тоа ми беше многу голем проблем да ги договорам и доцнењето од страна на факултетите на одговорите на пристап барањата. Исто, пратив пристап барање до ректоратот на УКИМ, за да ми го достават правилникот, кој што не ми го доставија. Правилникот го добив од Факултетот за медицина.

Факултетот за ветерина во Скопје се покажал како поуспешен пример, но Тасевска и овде забележува недостатоци:

Кога ги добивав пристап барањата, имав впечаток дека сè функционира како што треба, затоа и сакав да разговарам со раководителите, бидејќи самиот раководител на центарот, кој мислам дека е две години на тоа место, ми даде изјава дека тие се 30 студенти. Сама не може да организира настан за 30 студенти, премногу е тешко да ги вклопи и да бидат организирани саеми, и дека исто така им е потребна помош. Таа на де е доволно обучена, смета дека нема доволно искуство за таа позиција.

***

Ова е втора година како млади истражувачи имаа шанса да научат како да истражуваат теми кои се од интерес на младите, но и да ги надградат сопствените познавања. Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на Младинскиот образовен форум со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество.

Мартин Колоски