[Интервју] Драган Иванов (Druggy): Треба да се знае историјата на музиката, но и да се следи сегашноста

За неговиот нов микстејп „Druggy Слушатели“, развојот на ТDFU и македонската алтернативна сцена, разговаравме со битмејкерот, продуцентот и диџејот Драган Иванов (Druggy).  Како личност која е присутна на македонската алтернативна сцена веќе 15 години, Драган бил дел од студиото „G-Madda Funk“, дуото „Аnomalia Nativa“ и е ко-основач нa колективот „Trap Da Fu*k Up“, познат по одржувањето на трап журки. Во интервјуто за Радио МОФ, Драган зборуваше за процесот на работа и склучувањето на соработките со многу музички артисти, но и за тоа како самоизолацијата влијае врз авторскиот процес.

Дали „Druggy Слушатели“ е твојот прв авторски микстејп и на какви други проекти имаш работено сè досега?

Последниве 15 години сум дел од алтернативната сцена во Македонија како битмејкер/продуцент, диџеј и организатор на настани. Почнав како дел од „G-Madda Funk“ студиото под прекарот Anakreont XY, каде се сними и веќе култната „Бонус Трака“ на еден од моите инструментали. Нешто пред овој период учествував и во создавањето на првиот македонски документарен филм за хип-хоп музика „Магијата на една култура“. Отсекогаш сум имал многу големо влијание  од UK сцената, особено Drum’n’Bass, Dubstep звукот, па во 2009-та заедно со Andrejnalin го создадовме дуото Anomalia Nativa. Бевме активни до 2014-та, извадивме 2 албуми и во овој период и имавме еден тон журки на познатите саботни DnB вечери во „Капан Ан“ и многу други настани. Во 2014-та година бев еден од основачите на Trap Da Fu*k Up колективот со кој ја поставивме основата на трап сцената во Македонија. Низ овие 15 години сум го оставил својот печат на инструменталите на многу хип-хоп артисти како и на соработки со многу артисти од нашата алтернативна сцена. Druggy Слушатели е мојот е прв соло албум/микстејп, ако може да се каже така, зошто изобилува со гостувања.

Дали може да ми раскажеш накратко за развојот на TRAP DA FU*K UP, како започна сè и каде е сега, можеби некоја проекција за во поблиска иднина?

Периодот пред 2014та година трап звукот стана глобално познат пред сè благодарение на оној EDM бран во музиката. Поради тоа што сум оld school хип-хоп и dubstep фан, а и доста импресиониран од јужњачкиот хип-хоп, мене овој нов звук ми се виде мешавина од сè ова и некако природно почнав да го слушам и правам.

Најдов истомисленици во Irie Scratch, Bass Infusion и уште некои ликови со кој го создадовме TRAP DA FU*K UP и почнавме да го промовираме овој звук. Малце имавме и револт од монотоноста на сцената во тоа време, па пробувавме да направиме нешто несекојдневно, возбудливо, а по пат да се забавуваме и поддржуваме локални артисти. Може звучи смешно сега, ама тогаш моравме да објаснуваме што е „Трап“. Пред 2014-та никој тука немаше слушнато за овој збор освен во народната поговорка „Баба лаже, трап не лаже“.

Нешто подоцна се приклучија MvrSvr и Sexy Marsa со кои ги издигнавме настаните на уште повисоко ниво. Моменталниот организаторски состав сме јас, Irie Scratch и Sexy Marsa.

На почетокот се боревме да го направивме поприфатлив звукот, а сега може да се најде насекаде во клубовите и фестивалите и слободно можам да кажам е број 1 мејнстрим звук во светот. Поради тоа што е многу познат, сцената е полна со culture vultures кои сакаат да земат од трап колачот.

Трап звукот ќе еволуира (како и секогаш), тоа е мојата прогноза и мислам дека многу брзо ќе помине вејвот на изгубени деца што пеат за дроги и коли, живеејќи со парите од мама и тато. На сцената и фали оригиналност, сите го тераат истиот шаблон, на публиката и ск**чи и тоа мислам ќе биде тригерот за еволуцијата.

Ние ќе продолжиме да ја шириме културата. План ни е малце да ја вратиме на корените (кога ќе помине с*ањево). Малце ни се пореметија плановите за 2020. Трапславија настанот во МКЦ кој требаше да се случи на 13-ти март се откажа. Најверојатно ќе се премести некаде на есен.

Засега работиме online повеќе и го полниме Trap Da Fu*k Up каналот на YouTube со свежи изданија од сцената. Удрете Subscribe!

Според тебе, што е добар „рецепт“ за успешна трака, – како е да се биде зад миксетата?

Тоа е проблемот со музиката „Рецептот“. Сите бараат одреден шаблон на креирање што знаат дека поминува кај публиката и можат да го тераат и копираат. Тоа ја убива, музиката и сцената.

Рецептот ако можам така да кажам е да бидеш искрен со себе и да ги следиш своите влијанија, инспирации и се трудиш да ја кажеш сопствената приказна. Ако вистински ги следиш, нема да звучиш на никој друг, и луѓето кои навистина ги интересира, ќе го препознаат тоа.  Друг совет што може да го дадам е цело време да се трудиш да бидеш инспириран и наслушан. Да ја знаеш историјата на музиката, но да ја следиш и сегашноста.

Мојата улога е  да го донесам инструменталот што ќе го инспирира артистот да напише нешто и го изведе тоа на трака. После работата е да го средам, за да го слушаат луѓе на YouTube и во клуб. Се трудам да им донесам оригинални работи и често тоа се bass flavored инструментали во кои се чувствува моето влијание и мојата приказна.

Колку време работеше на  „Druggy Слушатели“ и кои беа најголемите предизвици?

Овој мисктејп беше мојата цел што си ја поставив на почеток на 2019-та и веднаш почнав да работам на тоа. Сакав да направам проект кој ќе биде репрезент на она што го правиме со TDFU. Најпредизвикувачки дел за ваков проект, не ми е правењето на музиката, тоа ќе го правам и без да ја имам оваа цел, туку договарањето на артистите. Иако уживам и во овој дел знае доста време да се потроши дур се подготви сè и се најдете на исто место и време во студио за да сними ова. „Druggy Слушатели“ микстејпот изобилува со соработници.

Токму бидејќи микстејпот изобилува со соработки, ќе може ли накратко да ни кажеш за процесот на работа за ова издание, кои теми сакаше да ги обработиш и се разбира, како се одлучи да соработуваш баш со овие артисти?

Каверот на микстејпот

Druggy Слушатели (Intro)

Нарацијата на интрото е од Александар Алексовски од Фчерашни Новости. Го обожавам гласот на тој човек и секогаш сакав да ми гостува на трака. За мое големо изненадување се сложи и си поминавме топ во студиото „Knobs Keys & Stuff“ кај Gloomie, каде се снимени сите траки. Nasty и Irie Scratch оставија скречови, со мерак ги вклучив и нив како едни од најблиските соработници

UDBA

Инструменталот за оваа трака го направив за да биде дел од мојот сет на првата Трапславија. Сакав тема за полициска држава и УДБА ми делуваше совршен наслов за тоа. После тоа го слушнаа неколку артисти кои сакаа да влезат. На втората Трапславија, Токсиколози веќе ги имаа текстовите, па настапија со траката уште пред да ја завршиме. Интересно е што и на оваа трака нарацијата е повторно гласот на Александар Алексовски.

Nikad Dosta

Никад Доста излезе при крајот на 2019-та како најава за овој проект. Гостува тетовскиот рапер С.А.М., еден од моите омилени на сцената, со кој ја имаме и претходната соработка „Рутинска Контрола“. Излезе и видео за песнава, изработено од „ОX streets“ кои работеа и на каверот на албумот. Огромен респект за ова до Илија и Моника од OX.

Gasi Go Plејbekot

Оваа трака ја направивме заедно со Кацар и Џоле, едни од најподготвените емсија на нашата сцена. Траката е револт од плејбек настапите, што станаа стандард, особено за некои трап артисти. Мора да се одржува културата и вештината. Кацар ми е воедно најчест соработник и прв човек што рецитирал на мој инструментал.

Gang S*it Ne Kompanija

Одамна чекав да направам трака со Бон Праскиза а.к.а. Кицо Праската. Он ми е еден од најинтересните ликови на нашата сцена. Направив заразен инструментал, сè друго е дело на Кицо. Интересно е што тракава ја вртев скоро 1 година на журки, пред да се најде на микстејпот и после секој настап некој ме прашуваше  која е траката и каде да ја најде.

Preku Den I Nokj

Ова е нежната страна од албумот. Инструменталот го направив заедно со R.A.D., мојот најмлад соработник. Еден од најталентираните музичари што го знам, а ни прави друштво на TDFU настаните од своите 15 години. Овој пат направивме понежен и фанки инструментал кој совршено му легна на Сиги за да напише љубовна тема. Морав да имам трака со Сиги на албумот зошто долги години ми е еден од најомилените рапери и соработници.

Neon

Ова е инструментална трака и „outro“ на албумот која ја изработив заедно со Gloomie. Секогаш сакав да направам нешто заедно со него, зошто е човек кој избегнува шаблони, има специфичен звук и стил и многу големо влијание надвор од хип-хоп. BTW, сите траки се снимени кај него во студио и тој беше recording engineer.

Дали би рекол дека песните се бенгери, кој не би рекол дека се бенгери и зошто?

Ако ти ја ежат кожата, се бенгери. Тоа е мојот прост одговор. Не бираме свесно што ни се допаѓа. Сè е тоа лично искуство. Мене ми ја ежеле кожата кога сум ги правел. Најдобро нека чуе публиката и нека каже.

Како самоизолацијава влијае на авторскиoт процес, што може да очекуваме во иднина?

Секој артист за да создаде нешто, особено продуцентите/битмејкерите мора да имаат самоизолација за да можат да го искреираат тоа што е потребно. Ова се многу добри услови за креирање. Малце со снимањето на вокалите, гостувања и да се најдете во студио ќе биде потешко. Јас лично се „дупнав“ од праење музика периодов. Сигурно нешто од ова и ќе се најде на некој проект во скоро време. Општо добар совет за самоизолација, е да си најдеш добро хоби. Правење инструментали може да биде одлична активност за тоа.

Ивана Смилевска