Кога некој ќе ме праша од каде сум, налјесно ми е да кажам дека сум од театарот – рече во едно интервју пред неколку години Дејан Дуковски, еден од најуспешните македонски драмски писатели, со европска адреса, кариера и репутација. Неговата драма „Буре барут“ во средината на 90-те му ја отвори вратата на успехот во светот. Прво како театарска претстава во Југословенскиот драмски театар во Белград, во режија на Слободан Унковски, потоа на повеќе европски сцени, за во филмската верзија на режисерот Горан Паскаљевиќ да добие репутација на едно од антологиските дела на српската кинематографија.
Според драмските текстови на Дуковски, меѓу кои најпознати се „Балканот не е мртов“, „М.М.Е кој прв почна“, „Дракула“, „Другата страна“, „Празниот град“ и други, преведувани на бројни јазици, создавани се многу успешни театарски претстави и филмови ширум Европа.
Новата драма на Дејан Дуковски, „Духот кој оди“ ќе ја има својата праизведба на 15 септември во Српскиот народен театар во Белград. Режисер е Александар Поповски, уште едно значајно име на театарскиот свет на регионот, кој вели дека за текстот на Дуковски се одлучил затоа што имал потреба „да си објасни себеси како еден индивидуалец може да функционира во светот кој го создадовме во последните 15 години“.
За ова, но и за други теми Дуковски зборува во интервју за новосадскиот дневен весник „Дневник“.
Публиката на Српскиот народен театар наскоро ќе има можност премиерно да види уште едно ваше парче кој претставува вистинска дијагноза на сегашното време и да ги препознае прашањата кои тоа ги покренува и како свој длабок, интимен проблем. Кој е тјо ваш јунак Александар Мара, кој го претставувате како оној што „крваво гази се и секого кој му стои на патот“?
– Мара е човек без лице, всушност човек со илјада лица. Тој е некој на кој му е нанесена неправда, која длабоко му го разорува животот и тој решава да ја разори неправдата. Всушност, да го разори неправедниот систем. Тој е оној кој ја поставува дијагнозата. Неговата мисија е прилично лудачка, па тој можеби е само еден лудак, чие лудило станува стварност… Мара доаѓа од светот на театарот како суперхерој од светот на фикцијата и на свој, многу специфичен начин го спасува светот. Ги бара своите мотиви во Шекспир. Се ослонува на Хамлетовата правичност и разборитост, живее во својата театарска илузија, но за разлика од Хамлет, тој е многу конкретен во физичките намери и учиноци. Сурово, по пат на хипноза и физичка елиминација, ја менува својата ситуација и светот на подобро. Но, не може да биде херој, или тој е херој, но со валкани раце. Мара е суров и зол, како и светот кој го опкружува. Тој е само производ или нуспроизвод на тој свет на корумпирани моќници и тирани. Всушност, обичен човек.
Со режисерот Александар Поповски остваривте големи успеси, и во театарот и во филмот. Колку е за еден писател важно да има вистински „толкувач“ на своето дело, особено кога станува збор за праизведба, која често ја одредува иднината на едно дело?
– Мене ми е исклучително важно и драго тоа што повторно со Ацо работиме праизведба на мое дело. Заедно бевме „некои нови клинци“. Тој го знае мојот сенс и јас го знам неговиот. Знае да ги надогради моите идеи, а мене ме инспирираат неговите. Ацо е многу талентиран режисер. Сега и многу искусен. Заедничката енергија во иста насока е многу значајна во театарот. Секако дека улогата на толкувач или режисер е од пресудно значење генерално за секоја претстава, а посебно за праизведбата на едно дело. Секако дека е исто толку важна и целата екипа, а во овој случај, тоа е врвна екипа. Од продукцијата, до актерите, кои се сјајни. Јас во животот имав среќа да работам со големи режисерски имиња како што е Ацо, или Унковски, Гочев, Паскаљевиќ. Е сега, во една прилика Јован Ќирилов рече: имаме вистинско дело, најдобар режисер и актери, а сега ни треба уште нешто.
Колку на Вашето формирање како драмски писател влијаеше тоа што Ваш професор беше Горан Стефановски и кои се авторите од европската драматургија кои потоа беа Ваша инспирација?
– Многу нешта научив од Горан. Бев примен во првата негова клас со свои седумнаесет години и мене тој ми беше како втор татко. Освен што е голем драмски писател, Горан е и фантастичен педагог. Тој на некој начин ја формираше суштината на моето театарско разбирање. Не само како драмска техника, туку и како начин на гледање на светот околу себе. Од него научив да го ценам Шекспир, а потоа и да ги читам англиските драмски писатели како Бонд, Пинтер… Учев, секако, и од нашите тогаш заеднички автори како Душан Ковачевиќ, Душан Јовановиќ, Слободан Шнајдер, да не го заборавам Аца Поповиќ… Воопшто, целата таа југословенска сцена многу влијаеше на мене. А мислам дека беше и многу значајна воопшто и во светот. Подоцна имав можност доста да го следам и германскиот театар…
Припаѓате на круг на драмски автори од ови простори кои ги препозна современиот европски театар. Што е тоа што според вашето чувство, еден драмски ракопис го прави универзален и разбирлив насекаде?
– Па, веројатно неколку работи кои насекаде се разбираат. Не е тоа само секс и насилство, има многу такви работи… Веројатно она другото помеѓу. Не знам, хумор кој е тешко да се дефинира. можеби и самата драматичност на контекстот во кој настануваат… На крајот на краиштата и среќата – нешто да се појави во вистинско време и на вистинско место. Искрено и не знам, а она што сигурно го знам е дека кога „Буре барут“ се појави во Белград, текстот беше прифатен како домашен и претставата со гордост беше претставуван во странство. Иако тогаш земјата веќе почна да се распаѓа, уште постоеше некој заеднички културен дух. Како „духот што оди“. Јован Ќирилов тогаш максимално придонесе мојата работа да се претстави во светот.
Дали е можно повторно да се востанови некој заеднички културен или барем театарски простор во регионот и како вие ја гледате иднината на ваквата соработка?
– Би било глупаво да не биде така. Всушност, глупаво е тоа што тој простор воопшто се распадна. НИе во секој поглед се разединивме, за сега да мораме повторно да се обединуваме. Ги сакаме истите работи, подобра иднина… Прилично се разбираме, во секој случај подобро отколку да речеме со Финците… Јас и натаму не се чувствувам дека сум прешол во друга држава кога ја преоѓам границата меѓу нас и вас… Во секој случај, пазарите се мали и глупаво е тоа да не се искористи.
Кои се темите од светот кој ве опкружува, кои според Вас, би можеле да прераснат во некоја идна драма? Што е во моментот актуелно во вашата креативна работилница? Каде се играат вашите драми во последно време?
Можеби враќање кон малку похуманото општество, можеби спас на планетата, можеби сјајот од очите на некое дете, можеби спас во Галичник… Тоа е преубав напуштен град високо во планините на Бистра, каде делумно се преселив. Имам идеја да напишам драма која почнува таму. Исто така, се надевам дека со Горан Паскаљевиќ ќе успеам да го завршам филмот за кој почнавме да пишуваме сценарио базирано на мојата драма „Изгубени Германци“. Претставата во режија на Унковски се уште се игра во Скопје. Имавме и некои идеи да гостуваме во Србија… Среќен сум што моите дела и натаму се играат, воглавно по Европа. Горд сум што тоа се случува дури и во Грција”.