[Интервју] Давитковски: Болоњскиот систем не одговара за Правниот факултет

Деканот на Правниот факултет во Скопје Борче Давитковски во интервју за онлајн магазинот Инбокс7 зборува за примената на Болоњскиот систем на Правниот факултет, за дисперзираните студии и за идејата за екстерно тестирање на студентите.

[Интервју] Давитковски: Болоњскиот систем не одговара за Правниот факултет

фото: Нова Македонија

Инбокс7: Најпрво, би сакале да ве прашаме за воведување на екстерните испити за студентите од втора и четврта година на факултетите? Колку сметате дека е тоа издржано?

Давитковски: Па, мислам дека тоа е комплетно неиздржано според мене. Тоа е противуставно и противзаконито, особено ако се има предвид дека постоечкиот Закон за високо образование има повеќе механизми со кои што може да изврши екстерна проверка на знаењата на веќе постоечките студенти. Имено, постои Одбор за акредитација и евалуација, каде што членуваат 21 професор од сите јавни и приватни универзитети, кои што ги евалуираат нашите програми, односно ги акредитираат, но исто така, на секои три години вршат и евалуација. Можат во секое време да дојдат, да извршат проверка и да видат дали и на кој начин ние спроведуваме испити, да извршат проверка на знаењата на студентите. Втор начин, согласно законот, ние сме должни да правиме внатрешна евалуација. Ние на Правниот факултет секој семестар правиме евалуација бидејќи сите предмети се семестрални. Резултатите од тоа што не оценуваат студентите ги објавуваме на веб страна, а годишниот извештај го праќаме во Ректорат, кој што е составен дел на годишниот извештај на универзитетот. Понатаму, имаме механизам на надворешна меѓународна евалуација. Пред три години УКИМ, односно Правниот факултет беше евалуиран од страна на експерти од Холандија, Норвешка и Шведска кои во текот на три-четири месеци не евалуираа целосно. Тоа се механизмите кои законот ги почитува, а се во рамките на автономијата и академската заедница е вклучена во начинот на изведување на образовниот процес.

Зошто, исто така, сум против? Бидејќи оваа Влада со измени на законите од 2006 досега има проект 35/45, каде оние кои што работат можат да студираат-за жени 35, за мажи 45. Автоматски некој ќе се запише и сигурно дека за две години нема да ја земе годината, тоа значи ли да се отпише? Понатаму, имаме проект за доживотно студирање, каде, исто така, некој може на 60, 70 или 80 години да се запише на факултет. Значи ли тоа ако не земе втора година да го изгуби статусот на студент?

Ние вршиме јавна дејност, овластени сме да даваме дипломи. Нашите дипломи за посебни струки може условно да бидат под верификација. На пример, ако сакате да влезете во администрација мора да полагате пет теста: за интегритет, психолошки тест, компјутери…Тоа е сепак, верификација на нашата диплома. Оној кој нема да го положи тестот нема да биде примен, но, тој сепак ќе има статус дипломиран правник. Исто се случува и ако сакате да полагате за судија, адвокат, треба во Министерството за правда да полага судиско-адвокатски испит, тоа е исто верификација на нашата диплома. Има посебни сертификати и за сметководители, инженери,. Тоа е фактички проверката.  Но, вие во текот на студирањето, кое не е задолжително, и е сепак, приватна работа, вие на некој кој стигнал, еве, четврта година да му кажете дека е неспособен да оди понатаму тоа едноставно не е фер визави слободата на избор на образование. На крајот на краиштата, никој не мора да го заврши факултетот или пак не мора да значи дека мора да се вработи со таа диплома.

Јас не знам некој што е попаметен, а кој ќе треба да врши верификација на испитите на универзитетот, посебно што еве за Римско право, од сите факултети во државата, единствено Правен факултет во Скопје има римско право. Се поставува прашањето кој ќе го оценува испитот по римско право? Друг никој не го изучува тој предмет. Кој ќе биде квантумот на прашањата и кој ќе биде тој Испитен Центар кој ќе изврши верификација на знаењето на студентите од четврта година. Добро е што се кажа и омекна ставот, треба да се слушнат сите аргументи. Но, треба да се отворат сите карти да се види што е идејата и целта. И ние сме да има вистински дипломи, но не на овој начин. Постојат многу други начини. Одборот за акредитација и евалуација може во секој момент да ги затвори на оние што им дале акредитација ако евалуацијата е негативна. Тоа е побрз и побезболен начин отколку вака сите студенти да се стават во ист кош.

Инбокс7: Колку Болоња придонесе за подобрување на квалитетот на високото образование, со оглед на тоа што не сопреа расправите на оваа тема?

ДавитковскиВо однос на правната струка, мислам дека Болоња не е добра. Не се применува во Франција, Германија, Австрија, дури и на Правниот факултет во Болоња, болоњскиот процес не се применува. Ние го применуваме системот 3+2 години, бидејќи државата ги финансира првите три години, а другите две години не ги финансира. Ние почнавме пред 8 години да го применуваме класично Болоњскиот систем со полагање на компјутер. Сега наставниот план го сведовме така што писмениот дел го сведовме само на 15 отсто, а пак се вративме на старото добро испрашување. Имаме активности, есеи, ама одлучувачки е усниот испит бидејќи ние сепак ние обучуваме правници, кои ќе бидат судии, адвокати, нотари, извршители, каде орално треба да се изразува и се враќаме на некој меѓу систем Болоња и класичниот тип. Фактички на Правниот факултет, пак се вративме во последните две години да доминира усниот испит. Тогаш имавме проодност на 80-90 отсто, сега повторно се сведовме на 50-55 отсто завршуваат во определениот рок. Порано, можевте по систем на веројатност да добиете 51 отсто на компјутер и да добиете диплома без да отворите уста. Тоа беше нон-сенс но така беше предвидено. Сега пак се вративме по старо. Мислам дека Болоња во чиста форма многу тешко се остварува.

Инбокс7: Колку сметате дека дисперзираните студии придонесоа за намалување на квалитетот на високото образование во Македонија? Имаше коментари дека со дисперзираните студии се оди повеќе на квантитет отколку на квалитет…

ДавитковскиТоа е точно.  До пред три години одевме во Велес. Први воведовме електронски индекс пред 8 години, каде се верификува присуството на студентите, тоа влегува во нивното досие.

Ние имавме еден експеримент. Пет години држевме настава во Велес во општината, една од предавалните беше салата за венчавање во Велес, ја користевме како училница. Таму одевме со лап-топ компјутери, немавме каде да ги вклучиме. Едноставно ги укинавме тие дисперзирани студии, па потоа се префрливме во Тетово, но, еве, втора или трета година бројката е ни 10 отсто од квотата, така што и тие се префрлија во Скопје. Ниту имаме простор, ниту може да изведуваме настава, а и нема интерес бидејќи таму има и други факултети од правна струка. По мене, тука во Скопје се идеални условите.

На 22 места во Македонија има дисперзирани студии. Очигледно тој квалитет што се дава на матичниот факултет со оној што се дава во средни, основни училишта не е ист. Мислам дека не е голем проблем студентите од Куманово, Тетово да дојдат, да видат како се живее. Мислам дека тој проект на дисперзирани студии едноставно треба да се напушти особено за правната струка бидејќи не можеме да им пружиме ист квалитет.

Прочитајте го или погледнете го целото видеоинтервју со Борче Давитковски на Инбокс7