[Интервју] Д-р Драган Ѓорѓев: Маските не штитат целосно, дишеме токсичен смог

Прашината во воздухот во повеќе македонски градови достигнува алармантни вредности. Во отсуство на конкретни институционални мерки, маката ги тера луѓето да бараат излез со седење дома или купување разни заштитни маски за движење надвор. Меѓутоа, д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, за Радио МОФ вели дека не секоја маска е корисна против загадениот воздух. Тој препорачува да се внимава пред луѓето да си си го испразнат џебот на нешто што нема да ги заштити. Според него, важно е граѓаните да сфатат дека секојдневно, и надвор и внатре, се изложени на токсичниот смог.

„Не знам што е навлезено во нашиот пазар, меѓутоа обичните маски што се продаваат по два денари не помагаат во загадувањето, тие нешто сопираат, не може да се каже дека немаат никаков ефект, но го немаат ефектот на спречување на ситните честички ПМ 2,5, кои доаѓаат до дишните патишта. Се произведуваат маски кои гарантираат дека тие честички ги спречуваат и имаат ефекасност 95 отсто. Ако упатството вели дека маската собира генерално прашина 95 отсто, тоа не е знак дека штити од ПМ 2,5 честички, што за нас е најважно. Но, и тогаш, не значи дека луѓето можат да прават што сакаат надвор со тие маски. Препораката е дури и со маски да е ограничен престојот надвор.“

На прашањето, што е поштетно, да се пушат цигари или да се дише воздух од 900 микрограми со ПМ 10, тој одговори дека се повеќе истражувања покажуваат оти штетноста е речиси иста.

Долго време мислевме дека аерозагадувањето воглавно делува на белодробниот систем, бидејќи тие честички и гасови се вдишуваат и прва бариера се белите дробови, па предизвикува од иритација на очите, до оштетување на белите дробови и затнување на малите дишни патишта. Тогаш, настапуваат бронхитис, емфиземи, или кај астматичарите се забрзуваат нападите. Она што е поново и различни студии го покажуваат е дека тие честички ги затнуваат и крвните садови, па доведуваат до напади на кардиоваскуларниот систем, мозочни или срцеви удари, а некои ги поврзуваат и со почеста форма на дијабетот 2. Можеме да очекуваме, за жал, и зголемена појава на белодробниот карцином“.

Загадениот воздух влијае на сите органи и опасен за сите луѓе. Најтешко се справуваат децата до шест години, лицата постари од 60 години, хронично болните и астматичарите, чии напади се почести во периодите со зголемени концентрации на штетните ПМ честички. Кај бремените жени пак, загадувањето може да предизвика помала тежина или деформации на плодот, па дури и спонтан абортус.

Според неговото искуство, луѓето кои се постојано изложени на концентрации од 800-900 микрограми на кубен метар на ПМ 10 честичките, многу побрзо и посилно ги чувствуваат последиците, а бројот на смртни случаи расте. Истражувањата на Институтот за јавно здравје покажуваат дека на годишно ниво, во Македонија умират околу  1000 луѓе поради аерозагадувањето.

Ѓорѓев за Радио МОФ појаснува дека одговорноста на Институтот е насочена главно кон правење студии , подигнување на јавната свест и проценка на ризиците. Вели дека е незадоволен од одзивот на институциите и непреземањето ефикасни мерки.

„Според мене, мерките треба да се преземаат веднаш кога ќе се надминат 50 микрограми од ПМ 10, а не да чекаме некои алармантни бројки, особено бидејќи живееме во една таква котлинска форма каде нема проветрување на воздухот. Секоја година се повторуваат мерките, меѓутоа некако сме во тој интерсекторски аспект, каде што секој има свој удел и грижата се префрла на другите. Друго објаснување е ‘немаме пари’. Топката се префрла од едни на други“.

Мерките пак, кои Министерството ги предложи се задоцнети, забележува Ѓорѓев. Според него, фокусот треба да се насочи кон изворите на загадување, каде првично ги наведе возилата и индустриските капацитети. Сепак, тој вели дека не треба да се очекува преку ноќ да се реши загадувањето.

Една од мерките што не беше усвоена на вонредната владина седница поради загадувањето, беше предвремениот распуст за основните и средните школи. Според Ѓорѓев, наместо вакви мерки, подобро е да се инвестира во транспорт и во прочистување на училниците, бидејќи и домовите се презагадени. На младите пак, им препорачува да го искористат распустот и да заминат на планина, за да ги прочистат белите дробови.

„Јас секогаш кажувам дека најефикасна заштита е да се сопре загадувањето“, дециден е проф. д-р Драган Ѓорѓев.