[Интервју] „Conquering Lion“: Новиот албум повикува на душевна револуција

„Здраво добри људи!“.

Вака тетовчаните „Conquering Lion“ го започнуваат секој концерт пред македонската публика. Аудиториумот враќа со аплаузи и извици. Реге составот возвраќа со музика и љубов.

„Conquering Lion“ сега на фановите им велат „здраво“ со уште еден, петти албум со кој ја продолжуваат својата 13-годишна позитивна реге приказна. „Revolution time“ пред 10-ина денови веќе се прошири низ интернет просторот, откако дружината изминативе години нанижа четири други остварувања, спотови и соработки, со возбудливи свирки низ повеќе земји. Во меѓувреме, четвртиот албум „Land of confusion“ беше номиниран за најдобар реге албум на Греми наградите во 2017 и за албум на годината од еминентниот реге портал, Reggeaville.

„Добри људи“ испишуваат нова фаза, со свежо музичко парче, па со Мане во име на составот поразговаравме за материјалот, идеите што кружат низ бендот, револуционерниот дух и потребата со музика да се бранат човековите права.

Новиот петти албум се вика „Revolution time“ (Време за револуција). Од музички и активистички аспект, се чини дека револуцијата е секогаш добредојдена за човештвото. Но, дали можеби се поклопи со новите времиња, кога светот бара нови начини за справување со невидливиот непријател – коронавирусот?

Човештвото е во вечна борба која никогаш не престанала, отсекогаш постоеле револуции со различна цел но најчесто ги вржува една заедничка цел а тоа е вербата дека ќе се смени нешто во подобро. Нашата револуција е душевна, во ова време на брз живот, нездрава храна, високо ниво на стрес кај луѓето, загадена природа, загаден воздух итн…на човекот му е потребна душевна револуција за да достигне повисока свест како би можел да се справи со постоечките проблеми и да најде нови решенија за доброто на природата, планетата и сите луѓе што живеат на неа. Токму овој наш 5-ти по ред студиски албум „Revolution Time“ повикува и инспирира на една таква душевна револуција во време на новиот непријател коронавирусот и глобалната светска параноја.

Спотот за песната „Shine“, сингл од овој албум, беше презентиран пред јавноста во 2018 година. Зошто чекавте две години за да се објави целиот албум? Можеби да помине концерти и различни аудиториуми, албумот да ви „легне“, па сега да го слушне целиот свет?

Уште на почетокот кога ја создадовме и презентиравме песната „Shine“ се одлучивме да не се брзаме за новиот албум што се спремаше, сакавме овој албум да се изработи најдобро што може до сега и трпеливо работевме на истиот. Нормално кога се креира музика или било која друга уметност не смее да постои рок (deadline), затоа што не е тоа некоја административна работа за која постои зададен рок и низа правила, напротив кога се креира музика потребна е смиреност, медитација, размислување на темите кои артистот сака да ги престави преку новото дело и да ја пренесе својата порака до своите слушатели. Замислете сега кога се работи за бенд не се прашува само еден човек туку сите членови во бендот треба да се инволвирани во креацијата на заедничкото дело. Така да за нашата креација да биде комплетно создадена, снимена и продуцирана беа потребни 2 години.

Во песните зборувате за светска репресија, војни, неправди, за светот на лошите луѓе, но и за слобода, за мајката природа и природните циклуси. Ова се прилично универзални теми, кои постојано се провлекуваат низ вашиот музички полет. Потребни ли се вакви вибрации за граѓаните да се издигнат над целата политичка и социјална ситуација? 

Самата реге музика произлегла од суровото ропство и незадоволство од условите во кои живееле одредени луѓе, отсекогаш било за некого мед и млеко, за некого арам и катран (што би рекол Пикисипи), јадрото на оваа музика е револуционерниот дух, волјата дека секогаш може да се постигне повеќе преку упорна работа и труд, преку борбата за основните човекови права, за основните ресурси како што се храна, вода, облека и кров. Колку што можеме да видиме, нашиот свет се уште е обземен од војни, глад и ропство, се уште имаме луѓе кои немаат топол дом и основни услови за живот, тоа се оковите на Бабилон додека те држат таму долу, не размислуваш за таму горе туку гледаш како да преживееш уште еден ден. Токму заради овие причини, ваквите вибрации се уште повеќе потребни во ова доба и затоа секогаш ќе бидат дел од нашата музика.

Првите два албуми беа за „PMG Recording“, третиот го издаде „Password“, а потоа за четвртиот соработувавте со американската дискографска куќа „Locksmith“. Сега, пак, вашето музичко парче е под закрила на лондонскиот „Rehegoo Music Group“. Зошто се решивте да „запливате“ во нова соработка, со британскиот лабел?

Лондонскиот „Rehegoo Music Group” изгледаше најсеризно и како најдобра опција за издавање на овој албум, тие не се само издавачи/лабел туку имаат посебни тимови за секоја категорија што на еден артист му е потребна. Имаат тим за аудио продукција, тим за видео продукција, дизајнерски тим, A&R отсек, маркетинг отсек итн. Тие самите не контактираа преку нивниот A&R тим презадоволни од досегашната наша музика и така започна нашата соработка за која се надеваме дека ќе биде најуспешна до сега. Сепак општо е познато дека британската музичка сцена отсекогаш била на завидно ниво за целиот свет, па вреди да се проба и ваква шанса.

Пред некој ден „Conquering lion“ означи 13 години постоење. Освен тоа што имавте десетици концерти низ разни држави, што се случуваше со составот во овој период? Како тој се развиваше музички и идеолошки?

Од почетокот па се досега преку секој албум и песна дознаваме повеќе и учиме повеќе за реге музиката и Растафари идеологијата. Во текот на овие 13 години сменивме многу членови и секој нов член што доаѓаше допринесуваше со нови идеи и нова енергија затоа и секој албум има различен звук и различни идеи. Интересно е тоа што на почетокот бевме побунтовни и повеќе ни лежеа поагресивни теми и ритмови, дисторзирани звуци, текстови, а како што поминуваат годините се повеќе и повеќе не влечеше рутц реге (roots reggae) музиката и некако ја свртевме креацијата во тој правец.

Тешко ли е за музичарите во ова време на карантин, кога не се знае кога и како би се одржувале јавни настапи и фестивали? Бидејќи, пред се’, концертите се главната платформа каде се одвива „магијата“, каде се одржува фидбекот со публиката?

Нормално главниот извор на опстанокот на еден бенд се настапите, фестивалите, клубовите и ако нема концерти каде би ја промовирале нашата музика и енергијата што ја носи истата. Во овие денови на карантин и самоизолација останува да се ослониме на социјалните мрежи како би стигнале до ушите и очите на луѓето. Но за жал, фидбекот онлајн е неспоредлив со оној кога настапуваш во живо на некој фестивал пред многубројна публика.

Што е со медиумите? Како се снаоѓате во поглед на медиумите, затоа што таму, пак, се шири музиката и преку нив се култивираат граѓаните? Бараат ли новите времиња нов начин на промоција, алатки, нов начин на размислување, за да може да опстојува составот?

Факт е дека живееме во брз свет и брзо време, така да мора да се држи чекор заедно со медиумите кога се работи за промоција. Паметам на почетокот се промовиравме на MySpace, Bandcamp и YouTube како најдобри бесплатни медиуми на кои можеш слободно да си ги презентираш своите дела, понатаму се појави FB, па Instagram, Spotify и уште многу други онлајн медиуми преку кој можеш да ја промовираш својата музика. Потребно е размислување и создавање на нови идеи како би допреле до луѓето преку овие медиуми, затоа што во овие денови сите сме преплавени од корисни и бескорисни, вистинити и лажни информации од кои ние бираме што ќе читаме, слушаме и во кој правец ќе размислуваме. Затоа е многу битно ние како артисти секогаш да имаме свежи идеи преку кои ќе стигнеме до луѓето.

На крајот, секогаш се осврнуваме на иднината. Што можат музичките фанатици и фановите да очекуваат од „Conquering lion“?

Прво да ја пребродиме кризата со коронавирусот, да бидеме живи и здрави и потоа да почнат концертите и фестивалите каде повторно ќе заиграме сите заедно и заедно ќе се радуваме на позитивните вибрации. Во меѓувреме нормално приказната не завршува тука, ќе продолжиме да креираме музика и се надеваме дека во блиска иднина ќе ги изненадиме со уште еден албум.

Бојан Шашевски

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Сите песни на „Revolution time“ се компонирани и напишани од целиот бенд „Conquering Lion“. Албумот е снимен кај Гоце Трпков (САФ) во студио Bootlegz Basement Lab, Скопје. Албумот е миксан и мастеризиран исто Гоце Трпков. На албумот има една соработка со италијанскиот реге артист Raphael, а тоа е „Badman World“ за која беше снимен и видео запис.

Членови на бендот:
Стефан Илиевски – Rootsman I (Тромбон, Гитара, Вокал), Бојан Рафајловски – Happy (Гитара, Вокали), Јован Степановиќ – Кондур  (Перкусии), Александар Георгиадис – Кела (Тапани), Дејан Дојевски – Папак (Бас Гитара), Филип Димишковски (Клавијатури), Ненад Трифуновски – Трипе (Аудио Инженер, Ефекти).

Гостувања:
Искра Србиновска – вокали, Нина Јанева – вокали, Александар Илијевски – Шајо – труба, Бобан Илијевски – саксофон.