[Интервју] Биргита Јонсдотир: Влегов во парламентот како хакер за граѓаните

Иако на прв поглед не изгледа како „револуционерка“, Биргита Јонсдотир веќе 8 години во Парламентот на Исланд се бори против „шаблонската модерна политика“.

Нејзината Пиратска партија е трета политичка сила во земјата и застапува радикална промена на општествениот систем. Не се сметаат ниту за левичари, ниту за десничари, туку за хакери во застарениот систем на практицирање власт.

Под мотото „Робин Худ на моќта“, сакаат власта од моќниците да се префрли на граѓаните. Бараат нов Устав креиран од самите Исланѓани, директна демократија и слобода на изразувањето и на информациите.

Пред влезот во политиката била активист. Директор е и на Меѓународниот Институт за Модерни Медиуми и пишува позија. Учествувала и во објавување на некои од протечените податоци преку Викиликс.

Разговаравме со неа за време на нејзиниот краток престој во Скопје, каде говореше на ENGAGE конференцијата за друштвен активизам. Иако политичките ставови и се широки, нејзината мисла е фокусирана од почетокот до крајот на секој одговор. Власта ја гледа како оган и бара поинаква иднина, во која луѓето нема да мораат да се селат на Марс.

На ENGAGE зборувавте за револуција во политиката. Што подразбирате под тој термин и како да се стигне до таа „револуција“?

„Револуцијата секогаш почнува во вашето срце. Ако на револуцијата и ја тргнете буквата „р“ го добивате зборот еволуција. Како да го промениме начинот на кој ја практикуваме демократијата денес, од чувството дека користи само на моќните, во отворена платформа за јавно ангажирање? Единствениот начин да се спаси демократијата е да се натераат луѓето да се грижат за неа, како што се грижат за својата градина. Да се вложи размислување и акција за тоа секој ден. Доаѓајќи со минато на активист и уметник, ја препознавам важноста на тоа активисти и обични луѓе да влезат во овие места на моќ. Да се поместат границите, да се внесе нов начин на размислување и нов начин на справување со моќта и да се отворат прозорците за луѓето да видат како тоа функционира“.

Ако знаеме дека моќта корумпира, како на Вас влијаеше промената од граѓански активист во пратеник? Како политиката изгледа од надвор, а како од внатре?

„Важно е кога ќе бидете внатре никогаш да не дозволите моќта да ве обземе. Тешко е да се објасни, но навистина не сум сосема свесна дека сум пратеник. Претходно, како активист, во обидите да се сретнам со некој министер се чекаше со месеци, доколку воопшто дојдеше до средба. Сега повеќето од јавните расправи кои ги водам со министрите или пратеничките прашања доаѓаат директно од јавноста. Од оние кои тропаат на вратите но не добиваат одговори. На некој начин сум хакер во Парламентот. Исто така мислам дека власта е како оган. Во моментот кога ќе станете власт вие сте веќе губитник. Една од клучните идеји според која се трудам да живеам е да не ми е гајле доколку утре веќе не сум пратеник“.

По скандалот со „Документите од Панама“ граѓаните на Исланд излегоа на протести и премиерот поднесе оставка по само неколку дена. Во Македонија во слична ситуација, кризата на одговорноста трае со години. Во што е разликата според Вас?

„Една работа е заедничка, а тоа е дека ако имате власт не сакате да ја пуштите. Протестите започнаа по финансиската криза. Премиерот беше жртвуван, но Владата не поднесе оставка. Министерот за финансии, кој беше исто така во објавените „Документи од Панама“, сега е Премиер. За жал и ние имаме исти проблеми како и вие. Политичарите едноставно знаат како да го одвлечат вниманието на јавноста. Предвремени избори немаше веднаш, како што се бараше на протестите, туку дури за шест месеци. Луѓето заборавија зошто воопшто се одржуваат избори, а медиумите во кампањата не ги ни споменуваа „Документите од Панама“.

Ваше поле на интерес е и демократијата во дигиталната ера. Колку експлозијата на социјалните медиуми придонесе за демократијата, а колку ја злоупотреби преку ширењето пропаганда, лажни вести, дезинформации…

„Лажните вести постоеле отсекогаш. Најдобриот лек против тоа е можноста за критичко и независно мислење и способноста да се гледа во голите факти. Доколку луѓето ги немаат тие способности, тогаш се лесен плен на лажните вести. Со технологијата соочени сме со многу проблеми, но исто така тоа е и моќна алатка за да ја преземеме моќта. Но, мораме да мислиме критички, да не ги читаме само насловите, да не бидеме толку мрзливи. Лажните вести не можете да ги спречите. Најпосле, сè се сведува на образование. Образованието секогаш е многу поназад од времето во кое живееме, тоа е нешто што охрабрувам – повеќе напор во оваа важна област која ќе ја обликува нашата иднина.

Што мислите дека ќе се случува со демократијата во иднина?

Луѓето ги сфаќаат многу несериозно своите права и демократијата. Не разбираат дека ниту едно од правата кои ги имаме денес не било подарено, туку нашите предци се избориле за нив. Потоа луѓето се опуштиле, не ценејќи го доволно тоа што го добиле. Следните генерации веќе немаат сеќавање на тоа како некој се изборил за тие права. Доколку не се бориме за нашите човекови права и доколку не развиеме нови борби за права кои ги немаме, а кои ни се важни, доколку не сфатиме дека нема демократско претставување ако тоа е помешано со корпорацискиот интерес, доколку не сфатиме дека секој глас е важен, дури и оние кои не ни се допаѓаат, тогаш ќе тонеме сè подлабоко во корпократијата. Веќе ја изгубивме приватноста и ќе станува се полошо и полошо. Освен ако не се разбудиме и секој човек не се бори за своите права. Ќе стане ужасно, ако луѓето не направат нешто.

Значи ако не се разбуди човештвото, не очекува хорор?

„Ух, не знам дали ќе биде тоа хорор. Можеби ќе биде како во „Храбриот нов свет“, каде сите ние ќе бидеме на антидепресиви и ќе ни кажуваат како да ги живееме нашите животи. Нема да постоиме како индивидуи. Би биле на некој начин како Борг од Ѕвездените патеки… Можеби некому тоа и би му се допаднало (се смее)…

Даниел Евросимоски