[Интервју] Бернејс Пропаганда: Од 90-тите свириме со револт кон власта

Бернејс Пропаганда, освен по своите четири албуми, впечатливиот пост-панк звук и способноста да распродадат три концерти едно по друго, македонската публика ги познава и по храбрата, без автоцензура критика кон се она што е труло во нашето општество. Тие се познати борци за социјална правда, а нивната музика е само медиум кој ги пренесува нивните пораки на протест. На Д Фестивал во Дојран разговаравме со Васко Атанасоски, гитаристот на бендот, за што Бернејс се борат и што планираат понатаму.

Познати сте како активни и гласни говорници на социјална правда.  Текстовите на вашите песни често го критикуваат нашето општество. Зошто се одлучивте на таков уметнички израз?

Затоа што кога влеговме ние во бендот, во 90-тите, почна криминалната приватизација. И едноставно, се што беше поврзано со музика беше поврзано со револт кон тогашната власт, и од тогаш натаму кон сите власти. Доста емпириски, двата родители избркани на улица, и како дете тоа е единствен начин на кој што можеш нешто да кажеш, можеби и да смениш на крајот на денот. Бидејќи некои од нас тоа го профилираат во професија, се случи тоа  – свирењето во бендови кои едноставно укажуваат на некои работи кои им сметаат на поголем дел на населението. Само ние, на сето тоа му дадовме една форма, која се вика наша музика.

Го поддржавте Студентскиот пленум и настапувавте за време на окупација на УКИМ. Зошто?

Затоа што било која таква хоризонтална поставеност на работите ни се допаѓа. На почеток Студентскиот пленум имаше некоја сила што подоцна се изгуби, што е нормално кога комуницираш против она кон кое се бориш. Малку го примаш нивниот начин на работа, бидејќи тие се институција. И тука имавме мала дистинкција во еден момент, кога забележав некои структури од политички партии, бидејќи нам тоа не ни се допаѓа. Не беа криви децава, студентиве, туку едноставно овие политички лешинари им се нафрлија. Меѓутоа ние настапувавме, и официјално го поддржавме тоа. Сега не знам што ќе прават.

Распродадовте 3 концерти во МКЦ по ред, што е голем успех за македонски алтернативен бенд. Кој аспект од вашето дело сметате дека е пресуден за андерграунд популарноста што ја стекнавте со последните два албуми?

Тоа што сме чесен бенд. Се правиме сами и луѓето тоа го чувствуваат. Никогаш не сме имале проблем да распродадеме концерт, тоа веќе трае 10 години. Затоа што знаеме 90 проценти од луѓето кои се во публика, таков бенд сме, не знаеме што е бекстејџ. Така што луѓето тоа го знаат. Кога ќе не сретнат децата од публика, гледаат дека е навистина таква ситуацијата и нас тоа ни е супер. Со некои луѓе што се фанови на бендот веќе со години станавме како фамилија. Дури и не викаат и по свадби.

Како бенд имате ставови кои се радикални за „просечниот Македонец“. Колку налетувате на контраставови, па дури и вербални пресметки со публика? Или сепак ретко доаѓа до тоа, бидејќи самиот состав на публиката е маса на луѓе кои се активно социополитички ангажирани, со развиена свест?

Најчесто настапуваме на места кои што презентираат такви ставови и не викаат. Меѓутоа неретко настапуваме на плоштади, како сега во Битола, Пробиштип… Се случувале разни работи, но ние си ја работиме нашата работа. На крај, 90 посто од случаите се луѓе кои патат за внимание и после 2-3 мин прекинуваат. Така што, ако дозволиш да те поколебаат двајца-тројца, подобро е да не се занимаваш со оваа работа.

Сметате ли дека има дефицит од женски изведувачи на алтернативната сцена? Како да се победи стигмата дека „од жена не биднува“ добар музичар, дека секогаш е во сенка на машки изведувачи?

Тина уште од мала преку хардкор панк влезе во феминизам, такви беа бендовите што ние ги слушавме. Ние музички се оддалечивме, меѓутоа идеолошки останавме таму некаде. Всушност, не постоеше никакво ниво на таков grassroots феминизам и Тина со нејзини истомисленички направија феминистички фестивал и ние ја поддржуваме, бидејќи таа го обликува сето она што ние имаме да го кажеме. Јасен е нашиот став, отсекогаш сме биле профеминистички бенд. Јас не сметам дека нема доволно девојки, сметам дека нема доволно девојки кои што би сакале да ја играат главната улога. Секогаш биле пратечки вокали, клавијатура, или дури и да се пејачки, таа е некоја што има минич и пее. Така што Тина е тука многу важна, бидејќи смени многу работи. Порано важеше: „Ако е феминистка е глупава, сексуално исфрустрирана…“. Тина сето тоа тотално го разби.

Зошто одбирате своите албуми да ги издавате во винилен формат – од артистички аспект или поради интерес?

Има и интерес, и тоа е некое тврдење, начин на кој ќе кажеш како треба да се конзумира таа музика. Затоа што и јас и сите ние слушаме винили, и едноставно така се правеше кога почнавме, и така продолживме. Има нон стоп интерес меѓу луѓето за винили, не е ништо чудно. Друго е вниманието кога имаш винил, тоа е дел од тебе. Со некои плочи сум објаснувал што сакам да кажам. Ќе се случи нешто и ќе пуштиш одредена плоча. Штом плочата ја чуваш дома значи дека нешто ти значи. И убаво е кога ќе отидеш кај некои луѓе дома и ќе видиш твоја плоча, а ти тоа не си го знаел. Тие луѓе ги знаат сите твои тајни, бидејќи во секоја песна има тајни, луѓето ги препознаваат и се идентификуваат со нив и едноставно двете страни чуваме некоја тајна или сакаме да ја отфрлиме од нас.

Дали подготвувате нов материјал? Планирате ли турнеја наскоро?

Да. Ние сега бевме на турнеја бидејќи оваа година издадовме албум и „сплит“ со Mike Watt, кој е еден од нашите херои, култна фигура која свири со Stooges, Minutemen и Firehose. Станавме другари со него и драго ни е што излезе таа плоча. Сега важна ни е 10-годишнината и ова лето, подготвуваме ремикс издание. Нашите песни од четирите досегашни албуми ќе ги направиме да звучат како што звучиме сега, со ритам машина, и тоа ќе излезе во Бразил. Едноставно работиме, цело време.

Кој е вашиот став за андерграунд културата во Македонија? Како би посоветувале нов надежен бенд да се пробие, зборувајќи од сопствено искуство?

Секое време ја менува андерграунд културата. Од времето кога ние почнавме и сега, е тотално различно. Многу луѓе што сега се андерграунд би биле истепани во 93-та, поради свои ставови или  било што. Ние после толку концерти, се уште се објаснуваме како ни се вика бендот, не сме дел од културата на „е едуцирани“ луѓе. Така да, нема никакви правила. На сите млади бендови би им порачал да не слушаат никој, тие знаат какво е сега времето. Џабе јас ќе им давам совети, кога не знам што се случува сега. Не знам како е да се биде млад во гаража. Веќе одамна не го знам тоа чувство, иако се дружам со тие луѓе. Единствен совет што им го давам е да работат цело време и да не слушаат никого, бидејќи ќе ги однесе самата музика онаму каде што треба.  На крај ќе се изненадат какви личности се.

Интервјуто го подготви Бисера Гиновска, учесник на новинарската работилница на Радио МОФ и Д Фестивал