[Интервју] Беа Џонсон: Идејата за „една тегла ѓубре годишно“ е возможна, нуди здрав живот и долгорочна заштеда

Французинка Беа Џонсон која со години живее во Калифорнија заедно со своето семејство, вчера одржа презентација, организирана од неформалната група „Од нула до нула“, за тоа како луѓето може да живеат без да прават отпад, или поточно да имаат само една тегла ѓубре годишно. Речиси десет години, таа успева со своето семејство да промовира поинаков животен стил.

Таа е авторка на книгата „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home), преведена на 14 јазици, а има гостувано во бројни телевизиски емисии, како и на универзитети, корпоративни и TEDx-настани и конференции низ целиот свет.

Во интервју за Радио МОФ, Џонсон го опишува овој живот како едноставен и кој нуди искуства, наместо материјални работи. Впрочем, овој систем, како што вели, овозможува финансиска заштеда на долг рок и заштита на животната средина.

Што беше она што ве натера да ја започнете оваа пракса?

Живеев во куќа, надвор од Сан Франциско, бевме далеку од сè, моравме да употребуваме автомобил за било што, затоа сакавме да бидеме близу училишта, ресторани, продавници, а да не мора да пешачиме или возиме велосипед многу. Па така, се преселивме во помала куќа и тогаш сфативме дека кога имаш помалку, имаш повеќе време. Кога ја најдовме куќата што ни требаше и кога ја чистевме, откривме дека 80 осто од она што го чуваме не ни е потребно и почнавме да се ослободуваме од работите.

Поради таа едноставност, ние имавме време да гледаме документарни филмови за проблемите во животната средина и тогаш јас и мојот сопруг се подразмисливме за иднината што ја создаваме за нашите деца, за иднината што ќе им ја оставиме. Тоа ни даде мотивација да го промениме начинот на живот. Ние се обидувавме да ја промениме нашата потрошувачка на енергија и вода, но немаше водич за „нула отпад“. Тоа термин се користеше при менаџирање во градот, во производствената пракса, но не беше користено за опишување на нешто што го правиш дома.

Но, кога го дознав тој термин, си помислив: „Тоа е она што би требало да го правиме“. Ми даде цел да продолжам. Но, бидејќи немаше водич за тоа, морав да тестирам многу работи, некои беа екстремни, за на крај, да најдам систем кој функционира за нас. Тогаш, тоа стана животен стил.

За да биде појасно, како се справувате со отпадот што настанува на пример кога облеката застарува, што е со остатоци од храната, или пак, кога нешто ќе се скрши или се потроши?

Ние едноставно воведовме пет правила – првото правило е да го одбиеме она што не ни треба. Второто е да го намалиме она што ни треба, третото е да го замениме сето она што е за фрлање со корисна алтернатива, или половно, ако мора да купиме нешто, и четврото правило е рециклирање, но да рециклираме само ако не можеме да намалиме, или повторно да го искористиме. Така што, многу малку ни останува за рециклирање.

Што се однесува за облеката, целата наша облека e од втора употреба, дури и сега сум облечена во стари алишта, но ние живееме многу минималистички, така што немаме многу работи. Малкуте алишта што ги имаме, кога ќе се оштетат, прво ги носиме да се поправат. Но, ако не може да се средат, тогаш ги носиме на места каде може да се донираат, или да се рециклираат. Има многу фирми за рециклирање текстил, кои сè што сакаат се нашите материјали.

Целата наша храна ја купуваме без амбалажи за пакување, така што одиме на места од каде може да ја купиме нашата храна во торба или тегла. Јас го посетив вашиот зелен пазар и направив многу фотографии. Вие имате пристап до толку многу работи што се продаваат рефус. Дури имате и јајца што се продаваат рефус во маркет. Ние тоа го немаме. Ние користиме прибор кога купуваме, носиме торби наместо пластични кеси, за сè што е суво како овошје, зеленчук, зачини, потоа користиме навлаки за перници за лебот, стаклени тегли за нешто што е морко, како месо, риба, сирење, маслиново масло.

Дополнително, ние не користиме паста за заби, туку сода бикарбона, што ја купуваме на рефус и ја ставаме на дрвена четка за заби, која може да се компостира.

Како вашето најблиско семејство се навикна на оваа пракса и научи да живее со тоа?

Мојот сопруг на почетокот беше навистина загрижен дека ќе нè чини многу, бидејќи бевме сред рецесија, немавме многу пари, нештата беа прилично тешки од финансиски аспект. Тогаш одев во продавници за здрава храна, купував тегли и тој рече дека не можеме да си го дозволиме тоа, дека нè чини премногу. Но, кога го спореди животот со „нула отпад“ и тогашниот, тогаш дозна дека би заштедиле 40 отсто и конечно се согласи.

Во однос на децата, кога започнавме тие имаа 5 и 6 години. Кога ќе помислам, со ваквиот стил на живот започнавме пред десетина години, така што децата живеат подолго без да прават отпад и за нив ова е сосема нормално. Кога започнавме да воведуваме едноставен живот, побаравме од нив да ги изберат омилените играчки, наместо да имаат еден куп за кои не се грижат. Дел од нив ги дониравме и тогаш тие сфатија дека кога ги имаш само работите што навистина ти се допаѓаат имаш повеќе време да си играш со нив, бидејќи нема да губиш време да избираш.

Но, кога станува збор за облека, секогаш прво ги прашувам дали сакаат нешто, бидејќи не сакам да кажат дека никогаш не биле во можност да имаат нова блуза или „Најк“ патики. Така што, кога одам во продавница, гледам да купувам работи што тие би сакале да ги носат, работи што ги побарале. На крај, тие се облечени во облека од втора употреба, но не може да се забележи, бидејќи ги носат работите што ионака би ги купиле во обична продавница. Секако, тие имаат мобилни телефони и компјутери.

Дали можеби ова е еден вид на револт против консумеризмот?

Да, ова дефинитивно треба да натера многу луѓе да размислат за она што го правиме. Јас не сум тука да судам некому, или пак, да кажам што треба да се прави, но сакам да покажам што е возможно. Само го користиме сегашниот систем за да го направиме најдоброто од она што е достапно и секако, зависи од секој нас дали ќе го примени овој животен стил. Ние сме овде да кажеме дека кога ќе адаптирате едноставен живот, откривате подобар живот. Не само што е поздрав, бидејќи ги елиминирате сите токсични производи, туку и заштедувате многу пари бидејќи консумирате помалку, го заменувате она што не може повеќе да се користи со нешто алтернативно.

За мене најголем бенефит од овој животен стил е што ми дозволи да го откривам светот според искуствата, не според работите. Животот заснован на тоа да се биде, наместо да се консумира.

Многу често луѓето знаат да се обесхрабрат уште од самиот почеток кога почнуваат нешто ново, сосема различно од тоа што досега го практикувале. Според вас, како да го надминат тој страв, конкретно во случајов?

Луѓето можат многу лесно да се вклопат во овој систем ако ги користат петте правила што ги спомнав. Првото е да го одбиете она што не ви треба, односно да се научат да велат „не“, бидејќи во ова консумеристичко општество луѓето секогаш даваат нешто бесплатно, дали е за промоција, или на пример пластични кеси, бизнис картички… Но, секојпат кога ги прифаќаме овие работи создаваме потреба за уште и кога ќе ги однесеме дома или на работа, тие стануваат ѓубре.

Второто е да се ослободите од работите кои не ви требаат, бидејќи колку поедноставен ви е животот, толку помалку ќе мора да чистите, да бришете прашина, да пакувате, чувате работи. Но, со ова вие правите работите кои за вас повеќе не се корисни, да бидат вредни за други, кои може да ги купат половно, или преку донирање. Затоа, промовирајте го пазарот со половна роба, бидејќи тој е иднината за „нула отпад“.

Треба да биде јасно дека секојпат кога фрлате нешто, вие буквано ги фрлате вашите пари. Кога ќе заменете хартиена крпа со текстилна, или хартиени шамивчиња со платнени, кога ќе го заменете сунѓер со дрвена четка, кога ќе заменете производи за менструални потреби со менструална чашка, вие заштедувате многу пари, тие се употребени за повторно користење, што на долг рок значи голема заштеда.

Задоволни ли сте од влијанието што го оставате врз луѓето на кои сте им ја раскажале вашата приказна?

Дефинитивно. Има илјадници луѓе низ светот што го прават ова, а некои од нив отидоа подалеку и отворија продавници за производи што не се пакувани, во различни делови на светот. Една жена ја отвори првата таква продавница во Германија и служеше како инспирација за отворање на уште многу други слични продавници во државата. Се основаа повеќе иницијативи за „нула отпад“ во Швајцарија… Има дури и политичари заинтересирани за овој концепт. Многу градови си поставија цела да имаат „нула отпад“.

Сепак, зошто сè уште за останатите луѓе ова изгледа тешко да се спроведе во денешно време?

Мислам дека луѓето се исплашени од терминот „нула отпад“, бидејќи е страшно, дури и јас бев преплашена. Да слушнев пред десет години дека некое семејство живее со „нула отпад“, би рекла дека јас не можам да го правам тоа, дека тие сигурно се хипици и дека живеат во шума и не се бричат. Луѓето би си помислиле дека тоа е жена што не работи, која поминува со денови грижејќи се за отпадот, но тоа не е така. Ние успеавме да најдеме алтернативи кои се лесни и корисни на долг рок и станаа нормални за нас.

Е.П.