[Интервју] Баже ДСЦ и Даре ДТ: Винил културата во Македонија расте

Македонскиот хип хоп двоец Баже ДСЦ и Даре ДТ изминатиов период е актуелен со изданието „Pick Up The Pieces“, не само во Македонија, туку и надвор од нејзините граници. По успехот на песната „8 O’Clock Blues“, која стигна до првото место на регионалната независна топ листа „Muzika je zvonko radost“, хрватската веб-страница „Ravno do dna“ објави интервју со двајцата скопски музичари, кое го пренесуваме во целост:

Кои се Баже ДСЦ и Даре ДТ?

„Pick Up The Pieces“ го снимивме ние двајцата. Ние сме битмејкери и музички продуценти од Скопје. Марко СВП и DJ Драма Зад Аголот ни помогнаа во создавањето на албумот.

Можете ли да ни го опишете проектот, која беше водилката?

Идејата беше да се изолираме на три дена во студио, како би направиле проект втемелен на семплови на соул и музиката на 60-те, познат уште како Stax Sound. Целиот проект е и направен во тие три дена, од вадењето на семпловите до изработката на корицата. Ние едноставно бараме и истражуваме сеплови, брејкови и наративи кои имаат грув во себе, како би можеле да ги искористиме. Склопуваме и инструментали кои не треба да имаат снимен глас за да им ја раскажат приказната на слушателите. За Pick Up The Pieces“ собравме прилично голем број плочи и музика воопшто, за да го вообличиме. Албумот содржи осум песни, четири од нив ги направи Даре ДТ, а другите четири Баже ДСЦ. Секоја песна има различна тема, а сите заедно го претставуваат нашиот свет.

Синглот „8 O’Clock Blues“ потсетува на музиката на Moby, има ли тука паралели? 

„8 O’Clock Blues“ е замислена како  саундтрак на утрото, барем ние така ја доживеавме. Нешто што можеш да го слушаш додека го пиеш утринското кафе. Убавината е во тоа што секоја ја доживува музиката на сопствен начин. Сличноста со Moby е чиста случајност.

Кој пее во песната? Tko pjeva u pjesmi?

Arch Belavoda пее во „8 O’Clock Blues“.

Дали „Pick Up The Pieces“ е за вас завршена приказна? 

Работиме на многу проекти кои планираме да ги објавиме годинава – соработки со MC-ја од Македонија и проекти со нашите бендови, исто така и уште неколку паралелни инструментални проекти. Вториот дел од „Pick Up The Pieces“ би требало да биде подготвен месецов. Планираме и да објавиме винил на 45 рпм, а би можело да се случи и да се појави „Pick Up The Pieces 3“ или некој целосно различен проект.

Настапувате ли? 

Засега немаме настапи како двојка, но Даре е член на групите Зад аголот и Длабока трага, а јас, Баже, сум член на Хипхоплетика, така што настапуваме со нив.

Важи ли и во Македонија правилото дека мораат да ве препознаат надвор д границите на вашат држава? 

Секако. Така тоа функционира во овие краиште.

Каква е DJ/MC сцената во Македонија, секако видена со вашите очи? 

Не прави среќни тоа што гледаме се повеќе наши диџеи во последно време, кои користат винил наместо да пуштаат музика од компјутер. Слободно можеме да кажеме дека винил културата во Македонија полека расте. Веројатно ќе и треба многу време, но почетокот е ветувачки. Секако, има многу добри диџеи. MC-сцената исто така има големи таленти и добри лиричари, како и вешти продуценти.

Можете ли да кажете некој збор и за вашите други проекти, како хип хоп групата Длабока трага? 

Го објавивме првиот албум, „Никогаш исто“ во 2012, неодамна го снимивме првиот сингл, „Молецот“, од нашиот втор албум, на кој се уште работиме. Го подготвуваме и новиот сингл, „Црно млеко“ и може да се каже дека се се одвива според планот, по кој пред крајот на годината би требало да го објавиме албумот. Одиме во нешто помрачна и погруба насока во однос на она што луѓето го очекуваат од Длабока трага, но веруваме дека на публиката тоа ќе и се допадне.

Верувате ли дека е завршено со дискографијата во класична смисла и дека останува само DYI пристапот? 

Веруваме дека работите денес се многу различни од порано. Постоењето на интернетот помага во промоцијата ако сте независен, инди-музичар. Веројатно затоа денеска инди-издавачките куќи се попопуларни од мајнстрим дискографите, затоа што им нудат на музичарите целосна слобода во нивната креативност. Мејнстрим дискографските куќи се склони да ја ограничуваат креативноста – тие често наметнуваат звук, теми, па дури и емоции кои според нив би требало да ги има уметникот. Тоа е основната разлика меѓу инди и мејнстрим дискографите. Ние мислиме дека без тоа чувство на притисок, музичарот може да создаде нешто што е навистина добро и креативно, што значи – сосема различно од стерилната и здодевна мејнстрим музика.

Планирате ли ангажмани надвор од Македонија во скоро време, по можност и доаѓање во Хрватска? 

Би било убаво да имаме свирка некаде на Балканот оваа година. Секогаш сме отворени за средби, запознавање нови луѓе и размена на идеи. Би дошле секаде каде што би не повикале луѓе со добра волја.