[Интервју] Анита Трегнер Млинариќ: Младите се соочуваат со безброј проблеми, заедно можеме да ги решиме

Младите од регионот сè помасовно ги напуштаат своите држави и бегаат на Запад бидејќи се свесни за ниските плати, нефункционалните државни институии, слабиот економски развој“, вели за Радио МОФ, експертката за надворешни политики, Анита Трегнер Млинариќ која беше дел од Меѓународната Конференција – Крушево

Невработеноста кај младите, можностите за мобилност, реформите во образованието, како и младинското учество во носењето политики беа дел од главните теми за кои се дискутираше за време Конференцијата. На настанот, оваа година, повеќе од 58 млади од различни земји се обидоа да најдат решенија, но и да побараат совети од експерти во областа на европските политики.

Една од нив беше Трегнер Млинариќ, која има 15-годишно искуство во областа на јавни односи и моменталната позиција како виш советник и офицер за политики, Млинариќ на конференцијата ја објасни улогата на ЕУ и проектите кои таа ги финансира кога станува збор за мобилноста кај младите.

Во интервју за Радио МОФ, Млинариќ зборува за можностите кои ЕУ им ги нуди на младите, и како тие би помогнале во развој на регионот.

Кога станува збор за нејзината позиција и улогата која таа ја има во регионот, Анита себеси се опишува како еден „лајасон“ помеѓу организации и администрации од регионот и ЕУ.

„Во последниов период главно сум фокусирана на имплементирање проекти од Европска Комисија во регионот од разни области. Станува збор за проекти од политика, мобилност, образование, интеграција и слично.“, објаснува таа.

Нејзината сфера на дејствување опфаќа секаков вид нови политички проекти и реформи.

„Моја примарна цел е подобрување на регионот и експанзија на Унијата.“, накратко сумира таа.

Покрај тоа, Млинариќ работи и како стручен експерт во Европската Комисија за регионални политики, а исто така е и потпретседател на Х2020 Советодавниот одбор.

Граѓаните на Западен Балкан – заглавени во своите земји

Нејзиниот говор, кој таа го презентираше за време на Конференцијата во Крушево, беше дел од првата пленарна седница чиј фокус беше ставен главно на сè поголемиот одлив на мозоци од регионот. Заклучоците на седницата беа дека тоа станува сериозен проблем за земјите од регионот и тема која бара многу посериозен пристап во поглед на нејзино решавање.

„Мобилноста со која јас се занимавав до сега во проектите на кои работев се однесуваше на сите генерации, односно сеопфатните можности за миграција на секој човек. Сега за првпат имав прилика да работам со млади и да ги слушнам нивните погледи и размислувања, нивните идеи, нивните барања, причините кои ги тераат на масивно иселување од матичните земји.“, вели Млинариќ.

Нејзиниот заклучок од целиот настан и сè она што го слушнала од членовите е дека младите, особено граѓаните на земјите од Западен Балкан, немаат преголеми можности за мобилност низ Европа. Тие се на некој начин заглавени во своите земји и не можат да просперираат подеднакво како нивните врсници од земјите од запад, подвлекува таа.

Вака поставените проблеми веднаш го покреваат прашањето, кои се причините за оваа ситуација? Зошто мобилноста е толкава пречка кај младите, особено од регионот? Зошто мислата водилка кај нив уште од рана возраст е иселување од својата земја?

„Немаат работа или барем добро платена работа. Свесни се за корумпираниот систем и нефункционалните државни институции. Сакаат повеќе можности и слобода за просперитет.“, е одговорот на Млинариќ, алудирајќи на главната причина поради која младите се решаваат на кариера надвор.

Потребни се повеќе проекти како Еразмус

Кога станува збор пак за малата мобилност, таа проблемот го гледа во недостатокот на проекти кои им нудат можности на младите што тие самите не можат да си ги дозволат.

„Кога ќе се погледне работата на ЕУ во целост ќе забележиме дека, за жал, нема многу програми и проекти кои нудат можности за мобилност на младите.“, дополнува таа.

Како позитивен пример во овој сектор таа го наведува Еразмус+, но забележува и дека е единствен од овој тип кој функционира стабилно и успешно. Недостатокот од вакви програми заедно со непостоечкиот напор од државите да ги задржат младите кај себе или пак да ги вратат оние кои заминале се главната причина за еднонасочната миграција на луѓето овој регион.

Кога ќе ги сумираме проблемите и причините за нив, навистина е тешко да се донесе решение кое ќе би одговорило на сите барања на младите. Како би ги им овозможиле на младите поголема мобилност, но и како би ги натерале да се вратат во својата земја? Како би ги отвориле границите кон Европа за младите, а истовремено тоа да врати резултати во поглед на економски развој во земјите од регионот?

„Сметам дека одлична почетна точка е имплементирање на повеќе проекти како Еразмус. Нивниот концепт и начин на работа е, би рекла, единствениот пример што го имаме до сега што можеме да кажеме дека е одличен во поглед на поттикнување мобилност кај младите.“, цврсто заклучува Млинариќ.

Во Еразмус таа гледа одлична платформа младите да го запознаат светот, другите култури, начинот на кој различни земји функционираат. Да здобијат искуства кои многу повеќе ќе им ги отворат очите од било што друго.

„Но доколку навистина сакате да ги задржите младите дома мора да им дадете поголем избор на добро платени професии во приватниот сектор, отколку оние во јавна администрација.“

Овој заклучок беше согледан и за време на дискусијата на конференцијата. Статистиките, со кои младите едногласно се согласија дека се точни, покажаа дека токму неразвиениот приватен сектор, што резултира со сигурна и добро платена работа за младите само во јавниот сектор, е главната причина поради која тие се иселуваат.

„Кога еден човек ќе согледа дека вака стојат работите во нивната држава, веднаш излегува помислата дека подобро е да се оди надвор, да се видат можностите кои се нудат бидејќи и онака нема што да се изгуби“.

Образованието во регионот кое не ги поттикнува младите

Млинариќ не заборава да спомене и дека клучна улога во песимистичките ставови кај младите од регионот во поглед на нивната иднина има и образованието.

„Образовниот систем, училиштата ред сè, не ги поттикнуваат младите да размислуваат за своите кариери. Не ги подготвува за вистинските животни предизвици. Тоа мора да се промени со цел младите уште во деновите кога се зад клупите да почнат да размислуваат за својата иднина.“, потенцира таа.

Иако впечатокот е дека целиот овој процес на нудење решенија за сите проблеми би бил еден долг, комплексен и макотрпен процес, таа е позитивна дека ваквата ситуација може да се реши.

Особено, потенцира Млинариќ, ако младите во иднина бидат вклучени во носењето политики.

„Бев навистина позитивно изненадена од креативноста и идеите кои ги слушнав. Жал ми е што до сега сум немала можности да работам со вакви млади, бистри умови. Особено сум среќна што се она што ќе се реализира во текот на оваа конференција ќе оди директно пред парламентот. Тоа според мене е правилниот начин како проблемите на младите треба да се презентираат. Директно и пред вистинските луѓе.“

Надежна е дека државните институции ќе ги прифатат дел од идеите на младите и ќе ги земат предвид нивните барања во иднина кога ќе носат нови решенија, но и самата вети дека ќе се обиде да ги изнесе резолуциите кои младите ќе ги подготват за време на конференција и во Брисел.

„Мора да ги освестиме и луѓето „горе“, вели таа. „Ќе направам сè што е во мои раце да ги вклучам барањата на младите во иднината на правењето политики низ ЕУ и регионот.“

На самиот крај Млинариќ потенцира дека не смееме да го заборавиме, според неа, најважното право кај луѓето, а тоа е слободата на избор.

„Ако некој не ја гледа својата иднина во својата држава треба да го има целосното право и слобода да ја напушти во потрага по подобар живот“, подвлекува таа.

***

Крајниот заклучок по разговорот со експертката остава огромни дилеми и отворени прашања.

Емиграцијата на младите од регионот не е едноставна загатка, туку еден комплексен проблем кој бара сериозен пристап со цел изнаоѓање решение за него. Тој пристап вклучува огромни промени и реформи во речиси секој сектор поврзан со работата со младите. Промени во образованието, работата на законодавните институции, функционирањето на пазарот на трудот и повеќе опции за мобилност се само почетна точка во комплексниот процес на враќање на младите во своите земји.

„Сепак морам да кажам дека, како граѓанин на последната членка на ЕУ, од лична перспектива, тешко е да работите во изолација и да просперирате ако сте сами.“, потенцира Анита. „Имајте го ова предвид следниот пат кога носите некоја одлука поврзана со надворешната политика на вашата земја.“

Георги Божиновски