[Интервју] Андреа Варијале: Јавниот простор им припаѓа на граѓаните, не на државата

Италија во последните неколку години се соочи со голем број протести. Разни движења беа формирани со цел да укажат на недостигот од јавен простор и неуспешното раководство на надлежните во речиси секој општествен сегмент. Како резултат на ова незадоволство, граѓани окупираа напуштени згради со културно-историска вредност, па дури и фабрики. Неапол не беше исклучок. Токму за протестите и окупациите во овој град, во интервју за Радио МОФ зборува Андреа Варијале, докторанд на урбана географија на германскиот Универзитет Баухаус, кое го направивме синоќа по неговото предавање на тема „Бунтовнички јавен простор: окупации и „направи сам“ урбанизам“ во Автономниот културно социјален центар – АКСЦ.

Вечерва одржавте дискусија на која главен фокус дадовте на окупираните згради во Неапол. За какви социјални центри станува збор?

Окупациите беа изведени во различни форми и места. Некои од овие центри претставуваа производни места, како на пример напуштени фабрики, каде работниците беа оние кои решија повторно да го преземат овој простор. Понекогаш, тоа го правеа така што го менуваа производот што го создаваа, или го одржуваа местото. Во Неапол, тоа не беа производни места, но подоцна се претворија во такви. Повеќето од нив беа напуштени урнатини, кои се јавни и претставуваа одреден урбан вакуум простор во градот и како потреба поради недостигот на простор, овие места беа окупирани. Сега се центар за разни активности, како на пример, од место каде мигрантите можат да научат јазик, до простор каде може да им се пружи бесплатен правен совет на невработените, или пак, да се создава уметност.

Во изминативе пет години, Италија се соочува со најголем број на протести во нејзината историја. Што беше клучно што ги поттикна граѓаните да излезат на протести, а подоцнаа и да окупираат јавни простори?

Се разбира дека секогаш има причина. Но, во Неапол окупациите произлегоа од други видови на мобилизација, кои беа упатени против различни причини. Една од нив беа образовните реформи кои предизвикаа протести. Имаше движење наречено „Бранот“, кое претставува силна мрежа на активисти што ја искажаа нивната силна енергија преку окупации. Некои од останатите окупации имаа поспецифични приказни, но претежно беа поради самите згради. Така на пример, во една од зградите кои беа окупирани во Неапол, требаше да се одржи огромен интернационален настан, но не успеа, па беше окупирана од заедница на уметници, музичари, писатели. Тие ја презедоа првично како место каде што ќе можат да работат, но и за да покажат на креативен начин како градските власти не успеале да си ја исполнат својата должност во полето на промоција на културата. Така што, дел од местата се окупирани поради самите нив, додека други повеќе се однесуваат на барањата на движењата.

Како овие движења успеаја да ја одржат својата борба актуелна низ годиниве?

Тие користеа различни стратегии за да издржат. Едно од главното прашање беше нивната легитимност. Мислам дека тие успеаја да добијат легитимност за нивните акции, но формално тие не се легални. Ова е важно да се напомене, бидејќи имаше луѓе кои не учествуваа во окупациите. Второ, почнаа дијалог со администрацијата многу брзо. Ако ги погледнете фактите, на објективен начин, ќе сфатите дека окупациите не можат да се одржуваат со сила. Така што, многу е важно да има отворен дијалог, бидејќи властите некогаш преговараат за некои работи.

Како властите реагираа на искажаниот револт?

Не секогаш многу добро, особено кога знаете дека некои згради се повредни од другите. Не беа среќни што движења окупираат вредни згради кои само што биле реновирани, бидејќи градот потрошил многу пари на нив. Но, тоа е само еден сегмент, во многу случаи, знаеле да бидат и полни со разбирање признавајќи ја легитимноста на движењата. Во еден случај, градските власти ја спречија продажбата на одредени згради.

Многу е важно да се каже дека кога политичарите ќе видат колку е голема поддршката за нешто, градските власти или кои било од надлежните, почнуваат да гледаат на тоа од аспект на избори. Колку гласови можат да добијат за тоа? Ова е цинично, но ова е инструмент што треба да го земат предвид граѓаните.

Како овие протести и окупации влијаеа на јавното мислење?

Мислам дека движењата ги освоија симпатиите на локалните жители, со оглед на тоа дека овие места се отворени и имаат за цел да ги нагласат потребите на населението. Ќе посочам само неколку кратки пример: кога имате доктор кој нуди бесплатни посети, или кога имате луѓе кои организираат активности за деца со проблеми на училиште, за малите деца нудат градинка, даваат правна поддршка за луѓето кои се експлоатирани или невработени. Така што, целата оваа енергија, создава бранови што ги погодуваат луѓето кои живеат во близина на окупираните центри. Тешко е да се каже до каде достига овој бран, односно дали мноштвото население го поддржува. Но, дури и да го поддржува, тоа не значи дека е нивен приоритет кога ќе треба да гласаат. Не сум сигурен дека ова се искачи високо во однос на политичката дебата.

Меѓутоа, генерално, колку овој револт реално промени нешто?

Мислам дека ја покрена јавната свест. Граѓаните имаат право да бараат простор за нив, особено јавни простори. Стана јасно дека овие простори не ѝ припаѓаат само на државата. Според мене, ова е преседан, покажа дека може да биде направено, просторите можат да бидат преземени. Мислам дека ова е важен потсетник за луѓето, а претставува и еден вид гаранција дека луѓето нема веќе да ги оставаат овие згради да се претворат во руини и да пуштат корени.

Што можат другите движења кои се борат против системот поради исти или слични проблеми да научат од примерот на Неапол и останатите градови во Италија?

За другите движења надвор од Италија, ова претставува експеримент во кој многумина живеат и работат со години. Мислам дека можат да функционираат како репертоар со работи кои се покажале дека делуваат. Спречувањето на продажбата на просторите, нивното отворање кон различни видови на активности функционира. Ова може да биде моќен аргумент против оние кои велат дека овие центри можат да бидат управувани само од политичари или фирми. Вие можете да кажете ‘не’, дека не мора да биде така, дека постои трет избор кој веќе се покажа дека функционира.

Емилија Петреска