[Интервју] Александар Марјановиќ: Практичната настава се изведува далеку под очекувањата на студентите

Заклучокот по истажувањето Студентски пракси во ИТ кој сам по себе се наметнува е дека во реалноста практичната настава се изведува на начин кој е далеку од очекувањата на студентите. Затоа и се поставува прашањето – има ли некаква смисла губењето време и енергија во нешто што дава многу малку за возврат?, вели Александар Марјановиќ од „Марјановиќ Едукација“ во разговор со Радио МОФ. 

Марјановиќ е искусен претприемач, основач на најстарата приватна образовна установа во Македонија за ИТ едукација, Аlexandria. Во 2003 под негово водство беше основана Академијата на ИТ, а во 2013 ја создава платформата за учење во далечина со помош на ментори „MyMentor“. Подоцна со помош на Фондот за иновации, ја создава и веб академијата Еверест, чија цел е да ги оспособи студентите за кариера во веб индустријата.

„Марјановиќ Едукација“ им помага на студентите да ја стекнат онаа најважна работа што ја бараат работодавците – вештините, преку „менторирана пракса на далечина“. Според направено истражување, најчестите проблеми со кои досега се соочувале студентите на пракса се несоодветни работни задачи (81,5%), многу мала можност да ги применат знаењата стекнати на факултет (66,7%), оставени се сами на себе, без ментор кој ќе ја надгледува нивната работа (70,4%). Оние малкумина среќни студенти кои имале можност да добијат ментор велат дека нивната работа не е оценувана (51,9%). Праксата им помогнала само на половина од испитаните да научат нови работи, 37% студенти научиле многу малу нови работи а останатите не научиле ништо.

Услугата „Менторирана пракса на далечина“ е комерцијална што подразбира дека студентот треба да плати за нејзиното посетување. Во ситуација кога фирмите често пати им плаќаат на студентите, ова звучи можеби невообичаено. Зошто некој би требало да Ви плати за пракса? 

Прво, праксата на далечина му стои на располагање на секој студент без исклучок. Кај нас нема тестирање, нема одбиени кандидати. Второ, студентот има целосна контрола врз времето. Тој може да избере во кој дел од годината ќе почне да ја следи практичната настава и со која динамика. Ако има испитна сесија, може да паузира со праксата а потоа да продолжи подоцна кога ќе биде повеќе време. Трето, нашата програма за практична настава е сеопфатна. Програмата е така направена што систематски се стекнуваат сите потребните вештини за одредена професија. Понатаму, на секој студент му се доделува ментор со кого студентот работи индивидуално за време на сесиите за онлајн консултации. Со оглед на тоа што праксата се изведува на далечина, односно од дома, таа им е достапна на студентите независно од тоа во кој дел од земјава се наоѓаат. Поради ова тие го заштедуваат непродуктивно потрошеното време во патување. Најважно од се’ е што по завршувањето на праксата студентот добива вештини кои ќе му помогнат да се вработи.

На вашата веб страница ја споменувате платформата за учење на далечина „MyMentor“. Каква е нејзината улога, дали претставува стартна позиција пред да почне практичниот дел и менторските сесии?  Конечно, како функционира праксата на далечина?

Точно така, MyMentor е нашата виртуелна, онлајн училница. Станува збор за платформа која управува со процесот на учење. Тука ги имаме поставено сите материјали за учење а пристап до нив имаат само регистрирани корисници. MyMentor е главното место на случување односно место каде што студентите доаѓаат за да учат и работат.

Праксата е составена од три дела, теоретски дел, практичен дел и менторски сесии. Праксата започнува со теоретскиот дел односно гледање снимени инструкциски видеа на македонски јазик. Втор чекор е повторувањето со што почнува практичниот дел. Се’ што е демонстрирано во видеата треба да се повтори за да се стекне минимална рутина. Стекнатото знаење потоа се применува така што на студентите им се даваат однапред утврдени задачи. Кога ќе ги завршат, ги доставуваат до менторот и со него закажуваат термин за индивидуални, онлајн консултации. Последниот дел, консултациите, имаат за цел студентот да добие фидбек од менторот, односно сугестии за подобрување, надминување на тешкотиите во работењето на задачите и се најефикасниот начин за стекнување вештини.

Колку програмите што ги нудите соодејствуваат со работниот опис, бидејќи познато е дека факултетите тешко ги подготвуваат студентите за специфичните потреби на фирмите?

Главната карактеристика на нашите програми е тоа што тие се направени според опис на работно место а тој е ист насекаде во светот. Тоа значи дека ако оспособиме еден студент за позиција, на пример, Front-end девелопер, тој без проблем ќе може веднаш да почне работи не само во Македонија туку и во бил кој дел од светот. На овој начин на студентите им овозможуваме да ги стекнат токму оние работи кои ги бараат работодавците.

Еве, разгледајте неколку огласи за работа за позиција Front-end девелопер. Побарајте вакви огласи кај неколкуте локални портали за вработување, а потоа погледнете и неколку слични странски сајтови. Она што ќе забележите е дека во делот задолжителни работи стојат вештини како што се HTML, CSS, JavaScript, jQuery, GitHub…. Ако имате факултетска диплома, но немате никакво практично искуство, тогаш или инвестирајте во себе и стекнете ги овие вештини или слободно побарајте друга професија.

Во однос на законската обврска за пракса, дали се уште се случува студенти да ги заобиколат правилата и да добијат фиктивна потврда за реализирана практична настава, без да се појават кај работодавачот?

Да, тоа е шокантно честа пракса, но не е воопшто за изненадување. Според законот за високо образование, секој студент мора да оди на пракса во траење од минимум 30 дена по завршување на секоја школска година. Ако се има предвид колкава е бројката на студенти кои студираат и колкава е бројката на понудени пракси, ќе сфатите колку е голема – диспропорцијата. Имено, бројката на студенти секогаш ќе биде далеку поголема од бројот на објавените пракси. Ако се има предвид дека работодавците се пазарно ориентирани и секогаш ги бираат најдобрите кандидати кои ќе им се пријават, разбирливо е дека голем дел од студентите никогаш нема да стигнат до вистинска можност за пракса. Соочени со законската обврска за обезбедување пракса, јасно е дека немаат друг избор освен да се снаоѓаат. Затоа, многу чест е случајот кога студентите обезбедуваат фиктивни потврди кои немаат никаква вредност.

Дали младите граѓани имаат можност да добијат и формален документ, потврда за реализирана пракса? Со тоа, имате ли сознанија колку студенти искуствата од наставата ги користат за вработувања во домашни, па и странски фирми?

Да, се разбира. Како прво, Марјановиќ Едукација, основачот на веб академијата Еверест, од министерството за образование и наука има добиено согласност за вршење на оваа активност. Второ, имаме потпишано меморандуми за соработка со речиси сите факултети, така што нема никакви пречки студентите да добијат валидна потврда за реализирана пракса. Конечно, сето ова што го правиме не е со крајна цел добивање потврда. Таа студентите можат да ја набават во секое време од речиси било која фирма. Крајната цел ни е студентите да стекнат вештини и токму тие се гаранција за вработување, не само кај нас во Македонија туку и било каде во светот.

Со понудата за менторски активности, можеби дел од факултетите ве сметаат за конкуренција и наидувате на некакви опструкции? 

Не, не постои таква работа. Со факултетите се трудиме да негуваме добри, партнерски односи, да соработуваме. Имаме потпишано меморандуми за соработка со речиси сите технички (информатички) факултети, па дури и со правниот и економскиот факултет во Скопје. Нашата дејност е комплементарна со нивната и досега не сме имале никакви опструкции.

За крај, што би им порачале на студентите?

Голем дел од студентите, особено оние во завршните години, знаат која е вредноста на практичната настава. Но, во оваа прилика не им се обраќам на нив туку на сите оние на кои тоа им е помалку познато, како и на оние кои си го решаваат проблемот така што обезбедуваат фиктивни потврди, без воопшто да се појават кај работодавецот. Обврската за посетување практична настава не постои за да се задоволат хировите на оние кои го донеле законот за високо образование туку за да се подготват студентите со реалниот свет така што ќе бидат подготвени за работа. Факултетот дава теоретска основа но во реалниот свет најмногу се вреднуваат вештините, а праксата го обезбедува токму тоа. Затоа, на тие кои сметаат дека го решиле проблемот со фиктивните потврди би сакал да им кажам дека тоа што го прават е самозалажување, губење време и одложување на неизбежното. Порано или подоцна ќе дојде денот кога ќе мора да се јават на оглас на работа. Тогаш нема да биде важно дали и каква диплома имаат, ниту ќе се дискутира за валидноста на фиктивната потврда туку дали и какви вештини имаат. Тоа е главната причина поради која работодавците вработуваат. Затоа, престанете со детски игри и направете ја вистинската работа и стекнете вештини. Тоа е најдобрата долгорочна инвестиција која можете да ја направите за себе.

Бојан Шашевски