[Интервју] Алберт Хани: Медијацијата во Македонија е на многу ниско ниво

Медијацијата како алтернативен начин на мирно разрешување на спорови се уште е на многу ниско ниво во Македонија, смета Алберт Хани од невладината организација Форум цивилен мировен сервис (Форум ЗФД) кој важи за еден од неколкумина добри познавачи од областа на медијацијата во Македонија. Форум ЗФД пак е германска невладина организација која работи во полето на промоција на мир и толеранција во земјава.

[Интервју] Алберт Хани: Медијацијата во Македонија на многу ниско нивоКои се тековните проекти, што е врсничката медијација и како да се решат проблемите во заедницата, Хани одговара во краткото интервју за Радио МОФ.

Радио МОФ: Што претставува медијацијата?

Алберт Хани: Медијацијата претставува култура на однесување спрема начинот на поставување на целите или интересите лично или на организациско ниво. Култура која што значи прифаќање на помош од трета страна се со цел да не се фокусираме само на лична победа, туку да се фокусираме на позиции кои што значат победа за сите. Тоа е алтернативен начин на мирно разрешување на спорови.

Радио МОФ: Во кои сфери може да се употреби медијацијата како алатка за мирно разрешување на конфликтни ситуации?

Алберт Хани: Медијацијата може да се употреби во сите сфери на делувањето. Тргнувајќи од личниот живот, од семејството, однесувањето на улица, со пријателите, на работа, на општествено ниво во комуникацијата со институциите. Со еден збор медијацијата наоѓа примена насекаде.

Радио МОФ: Колку според вашата перцепција е распространета медијацијата во Македонија?

Алберт Хани: За жал се уште не сме дошле до фаза на прифаќање на медијацијата како алтернативен метод за решавање на спорови. Според мене проблемот е во тоа што кога зборуваме за медијација, директно ја поврзуваме со конфликтите и секогаш тие се гледаат како нешто негативно и дополнително не си даваме шанса взаемно да си помогнеме едни на други преку алтернативен пат на разрешување на споровите.

Радио МОФ: Дали во Македонија постои законска регулатива кога се однесува на медијацијата?

Алберт Хани: Постои закон за медијација, но тука повеќе се зборува за легална, правна медијација во која се третираат спорови кои се поврзани со правниот систем како што се судовите, адвокатурата.

Радио МОФ: Може ли да ни споделите личен пример за позитивно делување на медијацијата во решавањето на споровите?

Алберт Хани: Од многуте случаи каде што сум присуствувал ќе издвојам еден пример кој се однесуваше на медијација на насилството помеѓу учениците во училиштата во Струга кои пред неколку години беа актуелни. Низ заеднички добро смислен процес заедно дојдовме до решение што придонесе да се подобрат релациите помеѓу средношколците. Во овој случај покрај школската медијација, се работеше и за медијација помеѓу заедниците бидејќи во еден комплексен систем се потрудивме алтернативните начини на решавање на конфликти да ги вметнеме во тој процес и да произведеме резултати.

Бобан Костадиновски