[Интервју] Адријана Ананиева: Лошите работи од западот најбрзо доаѓаат, ја живееме „1984“

Адријана Ананиева е писателка-дебитант, која неодамна ја објави нејзината збирка раскази „Срце на тротоарот“. Книгата на Ананиева зборува за значајни теми од секојдневието, преку нејзини приказни и приказни на нејзините блиски од животот во Соединетите Американски Држави. После три години живеење во странство, таа е повторно во Македонија, а за Радио МОФ зборува за своето прво дело, разликите меѓу животот овде и таму и можностите на писателите кај нас.

„Срце на тротоарот“ е автобиографска збирка раскази, кои сте ги напишале после вашето враќање во Македонија од САД. Во првиот дел од книгата, расказите се ваши лични видувања, а во вториот дел се создадени врз основа на разговори на пет девојки. Колку се тие „коавторки“ и нивните животи блиски на вашиот? Финалниот производ е кохезија на вашите заеднички искуства, или пак секој одделно придонел за книгата?

Со сите пет девојки во расказите сме се нашле силно поврзани и блиски. Како сестри блиски. Сите имаме семејства кои ги сакаме, соништа, надежи, работиме напорно за да ги оствариме, таму сме нашле сосема нов живот и ново јас. Пријателите се наоѓаат по афинитети, не по разлики или сличност во раса, вера, боја на кожа… сето тоа е со важност како бројот на чевли кој го носат. Можеа да бидат многу повеќе раскази доколку прашав повеќе другарки да ја споделат секоја својата приказна. Во тој момент тие посакаа да бидат дел од нешто, во тој период, сѐ уште недефинирано. Не се трудеа да ги нашминкаат работите и да ги прикажат розово. Напротив, ја споделија својата реалност, својата вистина без претерување.

Преку вашите приказни и приказните на вашите раскажувачи, разработувате значајни теми за нашата цивилизација. На кој начин нивното влијание на секојдневиот живот е прикажан преку расказите?

За да ја напишам збирката беше потребно да се оттргнам од секојдневните теми кои го засегаат човекот, како таму, така и овде. Да оставам да се оладат емоциите за да можам со ладна глава да ги ставам нештата на хартија. Последното шминкање беше во насока да ја направам поведра, па додадов неколку смешни ситуации. Неописливо е колку се поголеми радоста, тагата, самотијата и сѐ наоколу, преку барата. Влијанието на темите е прикажано преку самото емотивно четиво. Сакав да е реално и да зборува со свој глас. Често ме прашуваат дали е вистина тоа што го пишува. И да, вистина е. Моите најблиски тоа најдобро го знаат.

Консумеризмот и контролата на системот се некои од најзначајните теми кои се разработени преку вашите раскази. Каде се позастапени во секојдневието, овде или во САД?

Таму многу повеќе се застапени. Неколку месеци однапред почнуваат распродажбите за големите празници, медиумите, весниците се преполни со реклами. Трошењето не е проблем. Места за излегување се трговските центри, кината, книжарниците, па оттаму природно доаѓа човек да купува на секое излегување. Контролата ја има насекаде. Во секоја зграда, по улиците – следејќи ве кога возите, во телефончето, на компјутерот. Буквално нема каде ја нема. Системот е буден 24/7. Лошите работи од западот најбрзо доаѓаат и кај нас. Ја живееме „1984“ на Орвел.

Во Македонија се вративте после три години живеење во странство. Колку тоа искуство ве промени?

Промената одвнатре се гледа и однадвор. Речиси секој што ќе го сретнев по враќањето, прво прашање беше – „Вие од каде сте, како да не сте оттука?“. Таму си друг, нов човек. Други општествени закони те движат. Некои денови немаш време ни во огледало да се погледнеш. Мораш одново и одново секој ден да се пронаоѓаш себеси, она малку што те прави среќен и го движи тркалото. Мислам дека сето тоа те прави потолерантен во однос туѓите судбини, поцврст, поиздржлив, помудар и поубав. Не се откажуваш лесно, упорен си и решителен да истраеш што и да е. Сфаќаш дека си го надминал стравот, си ја преживеал бурата и животот е пак нормален, денот посветол.

Во што се разликува животот во САД од животот овде?

Откако се вратив постојано зборувам и споредувам каков е животот таму, а каков овде и мислам дека добар дел од луѓето не сакаат да слушнат во што се разликуваме. Напротив, во што сме исти. Луѓето пред сѐ, се исти секаде во светот. Разликите во во сфаќањата, општеството, организацијата на работите, тоа што секој си ја гледа работата, луѓето немаат многу време за себе, а камоли за другиот. Таму се обезбедени материјално и можат го планираат животот многу време однапред, немаат грижи од типот – што ако се смени власта или немаме друг избор. Го добиваш тоа за што си се изборил или си го заработил.

Дали повторно би заминале од Македонија?

Да. Само прво да го завршам вториот факултет и некои други задачи, па потоа.

Што ви недостигаше одовде кога живеевте во странство?

Смоки и ајвар. Тоа што секому му недостига – најблиските. Она чувство кога си свој на своето, тоа што ние го имаме како слобода на движење, комуникација, луѓе што ги познаваш и те познаваат со години, стари, вредни работи, сознанието дека не мораме постојано да брзаме, одредени места, некогаш и делови од сеќавања недостигаат. Најдоброто од патувањата е кога имаш каде и кај кого да се вратиш.

Зошто токму  „Срце на тротоарот“?

Една случка многу симболично го обележа целиот мој престој таму. На тротар доцна во ноќта најдов едно златно срце привезок и на него пишува ,,Mommy”. Пред да си заминам добив на подарок многу слично такво срце. Некој ќе помисли дека е љубовен роман, меѓутоа не е. Јас го сакам животот, а дизајнерката ја погоди корицата.

Сметате ли дека во Македонија има простор за изразување и можности за младите автори?

Можности има, простор има, но прашање е дали има пазар. Младите автори можат со години да бидат млади и надежни, да пишуваат и работат на овој простор, под знак прашалник колку од нивниот труд ќе допре до поширокиот публикум дома и во светски рамки. Има безброј портали, магазини, блогови, весници, каде можеме да објавуваме. Издавачите се чини дека даваат простор за македонски автори и сакаат да ги афирмираат доколку сетат потенцијал. Има и неколку конкурси кај нас, за роман на годината, најдобар расказ, најпродавана книга меѓу два саема, итн. Не смееме да губиме надеж како автори. Треба само работа.

Колку беше тешко да објавите свое дело како автор-дебитант?

Автор-дебитант може да биде секој за неколку стотини евра. Постојат главно два начина. Едниот е самиот автор да го плати печатењето, со што стекнува удел во продажбата. Другиот начин е да ја објави со поддршка од Министерството за култура, преку конкурс. Збирката ми стоеше во фиока повеќе од година ипол, сметав дека е премногу лична и ја оставив да чека. Денеска секој може да објави книга во PDF, на интернет и тоа бесплатно. Доколку се продава и да заработи.

Стефанија Тенекеџиева