Интернетот полни 25 години

Пред 25 години, Интернетот беше само идеја на еден непознат информатичар. Од тогаш стана глобален феномен, кој ги промени животите на милиони луѓе.

Интернетот полни 25 години

Британецот Тим Бернерс-Ли пред 25 години работел во една лабораторија во Европскиот совет за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Женева, кога добил идеја како со комбинирање на различни техники да го олесни прегледувањето и сортирањето на информациите по пат на вмрежени компјутери. Својот изум го претставил во напис објавен на 12 март 1989 година.

– Во почетокот колегите целосно го игнорираа, изјави Марк Вебер, креатор и конзерватор на програмата за историјата на интернетот во Музејот на историјата на информатиката во Калифорнија.

Бернерс-Ли конечно успеал да го убеди ЦЕРН да ја прифати неговата програма откако ја докажал нејзината ефикасност преку онлајн телефонски именик.

Го програмирал првиот веб сервер, на кој можело да се снимат документи, го осмисли првиот пребарувач за пронаоѓање страници на Интернет, како и можност за поврзување на документи, односно она што денес го нарекуваме линкување, пренесува Танјуг.

– Персоналниот компјутер го промени нашиот начин на работа, но интернетот изврши револуција во низа сектори, вели Мајкл Мекваер, аналитичар во истражувачкиот центар Гартнер.

Од 1995. Интернетот доживува брза експанзија. Неговото влијание се шири на се поголем број активности, од читање до пишување медиумски соодржини, до учење, политички ангажман, па се до комуникација со пријатели и роднини.