Интернационална изложба „Близина и Далечина“ на студенти од Скопје и Дрезден

Во Галеријата на Младинскиот Kултурен Центар во Скопје, во недела, на 11 септември, во 20 часот ќе биде отворена изложба на студентите од Академијата за ликовни уметности – Дрезден, во соработка со Студентската организација на Факултетот за ликовни уметности – Скопје под наслов „Близина и Далечина/ Nähe und Distanz“.

На интернационалната изложба Скопје – Дрезден ќе бидат иложени дела на 10 студенти од класата на професорот Кристијан Макентанз: Елисе Ботнер, Јонатан Краус, Мелани Лореиро, Ерика Рихтер, Доминик Хил, Гид Бекер, Јохана Фелер, Каролин Шил, Симон Розентал и Јан Кунзе.

Од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, пак, ќе бидат изложени дела од студентите: Марија Трпеска, Кристијан Крстески, Јасмина Трпевска, Ивана Мојсовска, Кристијан Поповски, Ема Наумовска, Елеонора Панзова, Тоше Јованов, Матеа Мијановиќ и Игор Таневски.

Темата „Близина и далечина“ претставува аналогија на искуството на европскиот живот во нашето време. Живот во Европа денес е многу комплексна структура на различни амбиции и предизвици кои се тесно поврзани, но луѓето во Европа и учeсниците на изложбата не се одалечени само географски туку се одалечени и во начинот на размислување.