Интернационален филмски ромски фестивал „Златно тркало“ во Кинотека

Повеќе филмови од странска и домашна продукција ќе бидат презентирани на Интернационалниот филмски ромски фестивал „Златно тркало 2015“ на 29 и 30 април во Кинотека Македонија, информираа денеска на прес – конференција организаторите на фестивалот на која ги објавија и добитниците на наградите.

Наградата Гран при ќе биде доделена за документарниот филм „Скршена тишина“ (Холандија), Најдобар документарен филм е „Дом си е дом“ (Словачка), Најдобра режија има во филмот „Приказна за две села“ (Романија), Најдобро сценарио „Плетена борба“ (Словенија). Награда „Декада на Ромите“ ќе биде доделена за екипата на филмот „На мисија“ (Бугарија), а награда за најдобра музика за филмот „Затоа што има надеж“ (Чешка).

Во категоријата едноминутно видео добитници на награди се: Дејан Сејфула, прва награда за видеото „Цигара? Благодарам, не“, втора награда Никита Сулејмани за видеото „Еколошки бонтон“, трета награда Себо Бајрам за „Зебрата е тука“.

На свеченото затворање, освен победничкиот филм „Скршена тишина“, ревијално ќе биде прикажан и документарецот „Пожарникарот Муци“, за храбриот Ром од Шутка, пожарникар, кој спасил многу човечки животи, животни и домови.