Интерактивна онлајн средба „Лице в лице со новата Земја – соочување“

Утре, 23 јуни, од 15 до 17 часот, на платформата „Zoom“ ќе се одржи интерактивна средба насловена „Лице в лице со новата Земја – соочување“ на која ќе се разговара за можните сценарија за развој на окружувањето и светот по пандемијата на локално и глобално ниво.

Гости говорници се Тамара Котевска, ко-режисерката на „Медена земја“, Олга Рајчиќ, ко-основачка на мобилната апликација „Челинџер“, Сергеј Георгиев, режисер на документарниот филм „Виа Динарика“. Преку интерактивна сесија на нивната дискусија ќе има можност да се вклучие и публиката.

Со настанот се промовира 40-то издание на уличното списание „Лице в лице“, посветено на бизнисите, лидерството, на институциите и на граѓаните од иднината.

„Светот е сведок на момент на пауза, од кој можно е да се почне одново. Глобални настани, како почеток или крај на долга војна, државен преврат или природна непогода, се моменти во човечката историја што можат јасно да укажат дека претходната фаза во општествениот или економски развој завршува, а почнува нова. Токму затоа, наша цел, преку овој настан да соочиме повеќе ставови за иднината со цел да ја кокреираме онаква каква што ја посакуваме.“, најавуваат организаторите.

На интерактивната средба премиерно ќе биде прикажана и видео нарацијата насловена „Рестарт3 на театарската група „Пресврт“, чија цел е доближување на суштинските ставови на значајни светски имиња во поглед на насоката во која допрва ќе се движи светот.

Настанот ќе биде од отворен карактер, а заинтересираните можат да учествуваат на него преку регистрација на следниов ЛИНК.